Достапни линкови

Мајката на Камчев, Сергеј Самсоненко и сопругата на „црната листа“ на САД


Министерство за финансии на САД
Министерство за финансии на САД

Покрај Камчев и брачниот пар Самсоненко, на „црната листа“ завршија и пет фирми од Северна Македонија кои се поврзуваат со нив. Меѓу нив и „Орка Холдинг“ и „Систина лајф кеар центар“, соопшти Американското Министерство за финансии.

Ратка Куноска-Камчева, која е мајка на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко се новите личности од Северна Македонија кои завршија на „црната листа“ на САД.

Сите тројца, се наведува во извештајот од американското Министерство за финансии објавен денеска, на 16 ноември, се поврзани со Јордан Камчев.

Камчев беше ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како едно од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.

Во ажурираната „црна листа“, Агенцијата за контрола на странски имоти во Министерството за финансии на САД, смести и неколку фирми поврзани со Камчев и Самсоненко:

  • „Бет сити интернешнал“, компанија за рекламирање, маркетинг и услуги – поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев;
  • „Камчев Консалтинг“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
  • „Орка Финанс“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;
  • „Орка Холдинг“ – поврзана со Јордан Камчев;
  • „Систина лајф кеар центар“ – поврзана со Ирина Самосоненко.


Покрај тројцата државјани од Северна Македонија, на американската црна листа се додадени уште седум лица од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

Во однос на фирмите, пак, покрај петте од земјава, додадени се уште 15 други од регионот и од Русија.

„Русија продолжи да го користи своето влијание на Западен Балкан со цел да ја спречи интегрирацијата на регионот во меѓународните институции и организации, како и да ги користи клучните јурисдикции за да ги олесни нејзините агресивни дестабилизирачки активности“, изјави потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во американското Министерство за финансии, Брајан Е. Нелсон.

Проширувањето на листата, оцени тој, ги потврдува напорите на американската влада за промовирање на мирот стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан.

Портпаролот на Министерството за финансии, Метју Милер, пак, во изјавата посочи дека исто така санкциите се однесуваат на лица кои директно го олеснуваат руското влијание во регионот.

„Овие поединци и субјекти ги попречуваат клучните реформи и напредокот кон пристапувањето во ЕУ. Со објавувањето на овие имиња, американската влада има за дел да го промени однесувањето на инволвираните и да се бори против локалната корупција, организираниот криминал и недозволените бизниси и трговијата со влијание, што го зајакнува злонамерното влијание на Русија“, рече Милер.

Кои се санкционираните лица и фирми

Ратка Куноска-Камчева се впушта во бизнис водите во 1990 година кога со нејзиниот сопруг Илија Камчев ја основа фирмата „Орка“ во 1990 година, која првично беше компанија за производство на текстил, а денес е распространета во повеќе индустрии. Името на Ратка Куноска-Камчева, последните неколку години, покрај поврзаноста со нејзиниот син, во јавноста се експонираше и како една од обвинетите во судскиот процес „Плацови на Водно“ кој се однесуваше на перење пари со препорадажба на имоти. Со Куноска-Камчева, меѓу обвинети беа и нејзиниот син Јордан Камчев, експремиерот Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков. Сите добија осудителни пресуда, освен Куноска-Камчева која беше ослободена бидејќи обвинението за неа застаре.

Во шемата на купопродажба на најатрактивното земјиште на Водно, предмет во овој судски процес, се и брачната двојка Самосоненко, која помеѓу 2017 и 2018 го купува имотот од Камчев.

Ова е нотирано и од американското Министерство за финансии.

„Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот рок, Ирина префрлила пари на ‘Камчев Консалтинг’ и ‘Орка Фајнанс’ двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите што им беа префрлени на ‘Камчев Консалтинг’ и ‘Орка Фајнанс’ беа искористени за плаќање на заем поврзан со ‘Орка Холдинг’, компанија поврзана со Јордан Камчев“, пишува во соопштението од Министерството за финансии.

Се потенцира и дека Сергеј и Ирина Самсоненко дополнително од Камчеви ја купиле и фирмата ‘Систина лајф кеар центар’, уште една фирма вмешана во случајот „Плацеви на Водно“.

Конечно, Бет Сити Интернационал ДОО Скопје (Бет Сити), спортска обложувалница, половина е во сопственост на Самсоненко, а половина сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е СДН Јордан Камчев.

За оваа компанија се наведува дека е санкционирана затоа што е во сопственост или контролирана, директно или индиректно од Самсоненко и Камчев.

„Орка Холдинг“, пак, како што нотира и американското Министерство за финансии, претставува конгломерат поврзан со Камчев кој работи во широк спектар на индустрии, додека „Орка фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“ се компании за консултантски и деловни услуги во мрежата „Камчев“ и се во сопственост на Камчева. И за овие фирми се наведува дека се ставаат на „црната листа“ бидејќи се во сопственост или контролирани од Камчев и Камчева, лица чиј имоти и интереси се блокирани во САД.

Инфографика - Нови имиња од Северна Македонија на „црната листа“ на САД
Инфографика - Нови имиња од Северна Македонија на „црната листа“ на САД

Листата проширена и со други лица од регионот

Од останатите лица од регионот кои се најдоа на ажурираната „црна листа“ е и црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, кој на почетокот на деведесеттите беше началник на полицијата во Никшиќ, а во текот на војната во Босна и Херцеговина, беше министер во таканаречената српска автономна покраина Херцеговина, која ја основаше партијата на Радован Караџиќ – осуденик за воени злосторства од судот во Хаг. Миодраг Дака Давидовиќ, како се наведува во одлуката на американските власти, со децении перел пари за криминални организации, зајакнувајќи го своето влијание и учество во шверцот со цигарите, нафтата и оружјето во Црна Гора.

Овој црногорски бизнисмен е вмешан и во скандал поврзан со поранешниот генерален секретар Драги Рашковски во владата на експремиерот Зоран Заев. Рашковски, наводно примил мито од Давидовиќ со цел црногорскиот бизнисмен да има состанок со премиерот Заев за потребите на своите бизнис интереси.

Од црногорските бизнисмени, на „црната листа“ е и Бранислав Брано Мичуновиќ. Тој во Црна Гора се поврзува со градежниот и коцкарскиот бизнис, односно со фирмите „Џек пот и „Зета филм“. Тој важи за пријател на поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ.

Српскиот политичар Миша Вациќ е уште едно име на „црната листа“. Тој е лидер на проруската ултрадесничарска организација „Српска десница“. Вациќ се најде на листата поради, како што е наведено, активности кои „ги поткопуваат мирот, безбедноста, политичката стабилност или територијалниот интегритет на САД, нивните сојузните и партнери“.

Од српската политичка сцена, на „црната листа“ се најде и Ненад Поповиќ. Тој важи за близок до руските власти, а во Србија е претседател на Српската народна партија која е коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија. Во објаснувањето за санкциите против него, САД наведуваат дека тој ги користи врските со Кремљ да обезбеди бизниси за своите компании во Русија.

Од република Српска санкционирани се Петар Ѓокиќ, Душко Перовиќ, Саво Цвјетиновиќ, сите поврзани со Додик и со бизнис и послитички врски со Русија.

Друштво на црната листа на Камчеви и Самсоненко им прават Мерко, Груевски и Мијалков

„Црната листа“ на САД изминатиот период неколку пати беше ажурирана со лица од балканските земји.

Пред Камчев, американските власти во јуни годинава на списокот го сместија и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, заедно со неговата сопруга Шпреса и трите нивни деца Генц, Назмије и Дренуше. Тие добија забрана за влез во САД, бидејќи Стејт департментот наведе дека има силни докази дека струшкиот градоначалник бил вмешан во голема корупција, присвојувал пари и се мешал во судски и други јавни процеси, нанесувајќи штета на демократските процеси во земјава.

За името на Рамиз Мерко, кој трет мандат управува со Општина Струга, се врзуваа многу афери и обвинувања за корупција, но, ниту една не добила судска завршница.


Друштво на „црната листа“ од април 2022 година им прават и семејствата на поранешниот премиер Никола Груевски и на неговиот прв братучет и ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков. Тие се најдоа на мета на американските власти поради корупција и поткопување на владеењето на правото и демократските институции

Од претходно, непожелни за САД станаа и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Инаку, годинава на „црната листа“ на САД се најде и македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“ бидејќи учествувала во трговија со сајбер податоци добиени од шпионски софтвер, при што се загрозувала приватноста и безбедноста на луѓе и на компании.


Според Стејт Департментот македонската „Сајтрокс“ заедно со други три фирми „Интелекса“ во Грција, „Интелекса Лимите“д во Ирска и „Сајтрокс Холдинг“ во Унгарија се третираат како безбедносен ризик за САД, поради злоупотреба на софтвер за шпионирање.

XS
SM
MD
LG