Достапни линкови

Добрососедски односи – кој како ги разбира


Илустрација
Илустрација

Њузлетер 28.07.2023. Релациите меѓу Скопје и Софија се сеуште далеку од добрососедски. Нов повод за тензии - Илинденското востание. Затоа, меѓу другото, власта мака мачи да обезбеди дво-третинско мнозинство за уставните измени, за кои процедурата почна. Лични добрососедски односи има Артан Груби, а некои имаат и добри соселански односи, за да не плаќаат струја.

„Добрососедски“ изјави за Илинден

Во пресрет на најголемиот македонски празник, Илинден, кога се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и 79 години од првото заседание на АСНОМ, повторно разгорување на страстите на релација Софија – Скопје.

Со декларации, резолуции, изјави се отвори дебата чие е Илинденското востание. Недобрососедската бугарска „Декларација за Илинденското-Преображенско востание“ предложена од пратеници, предизвика бура реакции во Скопје. Станува збор за говор на тројца пратеници во Собранието во Софија, кои тврдеа дека тоа е бугарско востание против Османлиите и оти во тоа време, во Крушево, немало Македонци. Официјална реакција од Скопје, немаше.

СДСМ, преку својот портпарол, најави дека ќе поднесе резолуција во Македонскиот парламент за Илинденското востание. Избрзано најавија, па изгледа, се откажаа. Опозицијата ја обвинува власта за поданички однос кон Бугарија и за премолчување на сите „провокации“ кои доаѓаат од Софија. Национален консензус за македонските државни интереси, нема.

Македонско – бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот народ и јазик, како и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Уставни измени за „добрососедски“ односи

Во меѓувреме, во македонскиот парламент почна процедурата за уставните измени со кои Бугарите би се внеле во Уставот, што е услов за формално почнување на преговорите за членство во ЕУ.

Во собраниската Комисија за уставни прашања помина предлогот за менување на Уставот. Против беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека власта нема двотретинско мнозинство и оти овој предлог, кога ќе дојде на пленарна седница, закажана за 18-ти август, нема да помине.

Реториката и на едните и на другите е веќе позната – патриоти, предавници, храбри политичари и кукавици, за и против ЕУ...
Странските дипломати порачуваат дека промената на Уставот ќе биде последно барање за продолжување на патот на земјава кон ЕУ. Голем дел од граѓаните не веруваат.

Аналитичари сметаат дека дипломатската офанзива, која се случуваше во изминатиов период, нема голем ефект врз ставот на опозицијата, но и врз ставот на јавноста.

За граѓаните, според анкетата на ИРИ, Европската Унија и блокадата на Бугарија во моментов не се најважните проблеми. Економската состојба, корупцијата, судството им се топ приоритети.

Добри соселански односи

Сложни селани, струја не плаќаат. И не е само Слупчане, има и други места. Но, деновиве, актуелно е Слупчане, каде што се случил дефект на трафостаница, па поради тоа, без струја останаа и околни села во општина Липково. Екипи на ЕВН не можат да влезат во селото и да работат.
Жителите на Слупчане имаат свои барања, меѓу кои, во официјално писмо испратено до ЕВН Македонија условуваат: секоја куќа во селото да плаќа максимум по 3.000 денари месечно за струја, без разлика колку киловати се потрошени и старите долгови да им се избришат. Приклучокот да не чини повеќе од 6.000 денари со монтажа, а за џамиите струјата да биде бесплатна. Слупчанци бараат и мерните уреди да не се поставуваат надвор од куќите.

И покрај тоа што претставниците на власта, министри, членови на ДУИ, минатиот пат ветија дека ситуацијата со струјата во Слупчане ќе се среди и дека жителите конечно ќе почнат да плаќаат за потрошената електрична енергија, тоа досега не се случи.
Сличен проблем имаше и во село Арачиново, кој наводно беше надминат, но никој не соопшти детали од „постигнатиот договор“.

Од МВР се уште нема информација дали се идентификувани лицата кои блокираат, кои интервенираат во мрежата и дали се поднесени кривични пријави, не само за овој случај туку и за претходните.

Вистински добрососедски односи

За вистински добро-соседски односи најдобар пример е вице-премиерот Артан Груби, кој од својот сосед добил Ауди А6, на користење, и тоа со вградени полициски флешери.
Некој го запали автомобилот, некој недобронамерен „сосед“, што е за осуда, се разбира, а задача на полицијата е да го открие сторителот и тој да биде санкциониран.
Но, инцидентот отвори многу други сомнителни коинциденции.

Министерството за внатрешни работи во врска со случајот наведе дека опожарениот автомобил е во сопственост на 35-годишно лице со иницијали Б.Л.
Медиумите открија дека станува збор за Беким Лимани, а автомобилот се водел на фирма. Лимани е еден од сопствениците на „Еуро Ком Лигхтинг“, компанија, за која исто така се пишуваше дека купила хотел на Попова Шапка од градежната компанија Гранит, за само 55 илјади евра.
Договорот за купопродажба паднал непосредно пред Гранит да го склучи вториот договор со Јавното претпријатие за државни патишта на чело со Ејуп Рустеми од ДУИ за комплетирање на траса од автопатот до Блаце од 2 километри.

Многу случајности. Јавното обвинителство ќе истражува и кога е купено, чие е и кој го користел аудито, но ретко кој верува дека нешто ќе открие.
ДУИ, пак, оцени дека врз партијата се врши напад од политичко-економски хибриден центар. Што и да значи тоа.

Инфографика - Што поседува вицепремиерот Артан Груби според анкетниот лист
Инфографика - Што поседува вицепремиерот Артан Груби според анкетниот лист


Меѓуминистерски односи: Пиши – бриши во Владата за рудниците

Министерот за економија, Крешник Бектеши објави дека е поништена одлуката на Владата за спојување на концесиите за рудниците Иловица и Штука.

Според Бектеши, министрите од СДСМ, кои претходно гласале за спојувањето на концесијата и тврдеа дека им била подметната одлуката, сега го негирале тоа и очекува од нив тоа и јавно да го кажат. Тој додаде дека и на оваа седница на Владата, во вторникот, ги презентирал истите документи како пред еден месец.

И после оваа одлука концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии, и после оваа одлука концесионерот има право да побара спојување на концесиите. Не сме им одзеле некакво право или сме им ја зеле концесијата“, рече Бектеши.
Сега, судбината на рудниците повторно е ни напред ни назад, па како и години наназад и одлуки на разни влади претходно, со давање, па недавање концесии, изгледа повторно ќе остане жешките костени да ги вади некоја идна влада.
Целиот процес за рудник во Иловица трае речиси две децении.

Меѓудетски односи за пример

Деветгодишниот Максим од Скопје кој пред неколку месеци пред камерата на РСЕ раскажа дека на училиште го задевале поради долгата коса, не дозволи да победат оние кои му го покажувале патот до женскиот тоалет. Продолжи да ја расте косата со хумана причина и чекаше да порасне доволно долга за да ја донира. Ја скрати откако стигна до повеќе од 25 сантиметри во репче. Од неговата коса кавадарчанката Сашка Кузманова рачно ќе изработи перика која ќе биде подарена на дете болно од рак, со кое, Максим се надева дека ќе се запознае.

Максим ја скрати косата: „Сакам да израдувам дете болно од рак!“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG