Достапни линкови

Богоевски: Владата се меша во спортот


Засега ниту еден спортист со А-норма за Олимпијадата во Париз
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:13 0:00

Засега ниту еден спортист со А-норма за Олимпијадата во Париз

Законот за спорт вели дека генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет мора да биде тема на разговор во Агенцијата за млади и спорт и таа да каже дали е тој подобен за да работи во Македонскиот олимписки комитет. Тоа е директно мешање на државата, вели Владимир Богоевски - спортски директор на Македонскиот олимписки комитет во неделното интервју на РСЕ.

Влеговме во олимписка година. На 26 јули почнуваат летните Олимписки игри во Париз. Каква е во моментов состојбата со исполнувањето на олимписките норми?

Оваа година е многу значајна, не само за македонскиот спорт, туку и за целиот светски спорт затоа што е олимписка година и година во која сите спортисти од светот ќе се натпреваруваат за одличјата кои се доделуваат на овие Олимписки игри. Париз е дестинација за нас во овој момент е проблематична, затоа што немаме ниту еден квалификуван спортист со олимписка А норма, меѓутоа се надеваме дека пред се нашиот олимпиец и сребрен медалист од минатата Олимпијада, Дејан Горгиевски, дека ќе освои норма и тој е главен адут за освојување на медал. Имаме тројца борачи кои не се квалификуваа преку досегашните натпревари, меѓутоа тие имаат два натпревари кои се квалификациони турнири – едниот е европски, а другиот е светски и се надеваме дека некои од нив ќе има шанса да освои норма. За останатите е многу тешко да се квалификуваат. Во екипните спортови е скоро невозможно да се квалификуваме, бидејќи тоа оди преку европските и светски првенства. За поединечните спортови имаме веќе најавено дека ќе имаме една таканаречена вајлд карта или за атлетика и две ќе имаме за пливање – за едно машко и за едно женско. За шест наши кандидати во шест различни спортови побаравме вајлд карта – за бокс, за борење, тенис, џудо, такеквондо и кајак. За тие шест наши барање трипартитната комисија на Меѓународниот олимписки комитет треба да каже и да одреди колку кандидати од Македонија би оделе на овие Олимписки игри.

Зошто е ваква состојбата, можеше ли да има подобри резултати?

Проблемот е затоа што нашите спортисти на тие меѓународни натпреварувања не ги постигнуваат тие значајни резултати кои ги носат директно на Олимписките игри. Нивото на македонскиот спорт е паднато на толку ниско ниво да ние во овој момент, на неколку месеци пред Олимпијадата, немаме ниту еден квалификуван спортист. Тоа е проблем на македонскиот спорт, а не проблем на Македонскиот олимписки комитет. Сметам дека тоа мора да се подобри и се надеваме дека ќе се подобри. Ние на секоја Олимпијада размислуваме да одиме со поголем број на спортисти, меѓутоа нашиот број е секогаш меѓу пет и седум индивидуални спортисти со кои Македонија се натпреварува на овие Олимписки игри.

Каде ги гледате причините за слабите резултати, и во тимските и во индивидуалните спортови?

Треба да се направи една длабока анализа. Ние секогаш правиме некои анализи, меѓутоа проблемот кај нас веројатно е во системот и во начинот на спроведување и на овој систем што го имаме сега. Голема болка на македонскиот спорт е и тренерскиот кадар. Мислам дека тренерскиот кадар не е на доволно добро ниво за да може да направи врвни спортисти. Секоја федерација има обврска тоа самостојно да го прави. Ние како Олимписки комитет помагаме многу, организираме голем број на семинари, носиме тука тренери од различни спортови и праќаме наши тренери во странство. Тоа е начинот на кој ние како олимписки комитет можеме да помогнеме. Меѓутоа, ние не сме тие кои ја правиме таа селекција, а многу е важно да се направи добра селекција, затоа што ние можеме да донесеме и врвен тренер, меѓутоа ако немаме нема добра селекција и добар потенцијал за да може да израсне во резултат – тоа е големиот проблем на македонскиот спорт.

Петнаесет години сте спортски директор на Олимпискиот комитет. Кога последен пат ви дошол тренер од поединечните спортови да ви каже дека во своите раце има супер талент и бара да го поддржи Олимпискиот комитет за да направат од него врвен спортист?

Искрено од случајот на Дејан Георгиевски, јас за овие 15 години немам сретнато друг таков талент и немало друг разговор или состанок со некои од нивните тренери за да кажат дека имаат таков бисер или дијамнат што може да го избрусиме. Мислам дека и во овој момент, гледајќи ги сите резултати, и на младинците и на сениорите, ние сме далеку од европскиот и од светскиот врв.

Меѓународен олимписки комитет бара измени на актуелниот Закон за спорт. Се работи ли на некакви измени на актуелниот Закон за спорт?

Законот за спорт веќе е долго време на тапет на Меѓународниот олимписки комитет. Веќе во три наврати имаше опомени за да се промени тој Закон за спорт, затоа што има многу работи кои не се во склад со Олимписката повелба која е закон за спорт за целиот свет. Сите федерации кои гравитираат во Македонскиот олимписки комитет мора да се прилагодат на тој статут. Во спортот има некои работи кои се судираат и одат во негативна насока со оваа Олимписка повелба и затоа мора да се променат. Овдека се прави некоја фама дека можеби ќе дојде и до исклучување на македонскиот спорт или забрана на нашите спортисти на меѓународни натпревари, меѓутоа проблемот не тука. Проблемот може да настане само ако државата како држава се меша во работата на Македонскиот олимписки комитет или во националните спортски федерации. Затоа што ние пред неколку години потпишавме меморандум со Агенцијата за млади и спорт и сите спортски федерации, тоа беше препорака од Меѓународниот олимписки комитет, да се потпише меморандум дека никој на никого не може да му се меша во работата. Тоа е одлична работа и мислам дека само во таков случај, ако државата почне да се меша во работата на федерациите или на Олимпискиот комитет, тогаш може да дојде до суспензија на колективниот спорт во Македонија.

Дали Законот треба да спречи мешање во спортот, односно во Олимпискиот комитет и федерациите?

Во Законот има некои работи, на пример, генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет сега по нашиот Статут на предлог на претседателот го бира Управниот одбор и Собранието на Македонскиот олимписки комитет. Меѓутоа, во Законот за спорт пишува дека генералниот секретар мора да биде тема на разговор на Агенцијата за млади и спорт и таа да каже дали е тој подобен за да работи во Македонскиот олимписки комитет.

Тоа е мешање на државата?

Тоа е директно мешање на државата затоа што не може они да ни кажат и да ни наложат кој треба да работи во Македонскиот олимписки комитет, како што ние не кажуваме кој ќе биде министер во Владата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG