Достапни линкови

Институциите ја „возат“ Антикорупциска


Илустрација
Илустрација

Од вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик кои ги отворила Антикорупциска, покрај за јавни набавки, постапки се водат и за злоупотреба на возила. Над 1.000 институции не го испочитувале Изборниот законик и не доставиле податоци за службени возила до ДКСК. Некои од нив ги пријавија возилата откако РСЕ ги праша зошто претходно не го сториле тоа.

Возилата на институциите невидливи за Антикорупциската Комисија. Владата, обвинителства и судови, дузина државни агенции, десетици општини и стотина комунални претпријатија се само дел од долгата листа до недоглед на институции кои не ги пријавиле службените автомобили во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Вкупно 1.066 државни или локални институции не ја исполниле законската обврска за доставување на податоци за моторните возила со кои располагаат, ниту доставиле информација дека не располагаат со службени возила или пак располагаат со службени возила опфатени со Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување.

Меѓу оние позначајните кои не доставиле информации до Државната комисија за спречување на корупцијата се и Агенцијата за национална безбедност, Државната изборна комисија, министерствата за правда, за животна средина, за надворешни работи, за политички систем, финансии и транспорт и врски.

РСЕ се обрати до Владата, како врвот во извршната власт, прашувајќи зошто не доставиле податоци за службените возила кои се во употреба и дали планираат да ги достават податоците до ДКСК. До објавувањето на текстот, повратен одговор не добивме.

На оваа листа се наоѓа и Државната изборна комисија која е задолжена за спроведување на изборните процеси. Од ДИК за РСЕ велат дека институцијата не е дел од законодавната и извршната власт и не учествува во изборна кампања на изборите.

„Имајќи предвид дека ДИК ги организира и спроведува изборите, оваа обврска не се однесува на нас како институција. Особено е важно што ДИК располага со само едно возило кое е во функција, а сите останати не се во употреба ниту во возна состојба, а се во процес на отуѓување“, одговорија од ДИК.

Но, од Антикорупциска за РСЕ велат дека според член 8-б став 2 од Изборниот законик, Државната изборна комисија е обврзана да достави податоци за возилата со кои располага. Но, тоа се уште го нема направено.

По објавата на текстот, од Државната комисија за спречување на корупцијата информираа дека ДИК сепак „доставиле известување со податоци за службените возила со кои располагаат“.

На листата институции кои не доставиле податоци под реден број 395 е запишано и Министерството за правда. Но, од таму стигна кус одговор во една реченица што се коси со тврдењето на ДКСК.

„Министерството за правда има испратено податоци до ДКСК за службените возила со кои располага“, одговорија од министерството за РСЕ.

На 3 април од Антикорупциска одговорија дека Министерството за правда доставило податоци ден претходно, односно на 2 април, по објавувањето на нивната листа.

Од општините, пак, на списокот се наоѓаат Гостивар, Арачиново, Кичево, Кисела Вода, Охрид, Кочани, Чаир и други.

На 2 април го побаравме за коментар и градоначалникот на скопска Кисела вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Ние немавме добиено известување дека треба тоа да го направат секторите. Но, направен е пропуст во правната служба. Се работи за неинформираност на службите. Веќе е изготвен документот и доставени се сите возила. Нашите возила се и брендирани. Откако сум градоначалник не користам службено возило, гориво, ниту репрезентација“,

Од ДКСК на 3 април потврдија дека општината доставила документ со возилата со кои располага.

Антикорупциска повикува на одговорност

ДКСК има изработено своја веб-апликација наречена Регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Регистарот беше функционален од 2019 година, но, една година подоцна стана дел од Изборниот законик, а со тоа и задолжителен за институциите.

Согласно Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, да достават до ДКСК податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат.

Ако инстутуциите постапат спротивно на законот ДКСК покренуваат прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците. Но, од Антикорупциска посочуваат на правната празнина во Изборниот законик односно дека не се предвидени прекршочни санкции за непочитување на законските обврски.

„Подготвуваме и ќе испратиме дописи до Собрание, до Влада, до ЗЕЛС, ќе информираме дека институции немаат постапено и ќе повикаме на одговорност и да преземат мерки. Потоа од нив ќе побараме повратна информација. Што ни останува друго, освен да направиме притисок во јавноста?“, вели во изјава за РСЕ претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

Регистарот на возила на ДКСК има за цел да им помогне на медиумите, невладините организации и граѓаните да ги пребаруваат возилата по институции, но и да пријават сомневање за нивна евентуална злоупотреба.

Регистарот е лесен за користење и им овозможува на сите лица да проверат дали дадено возило не смее да биде користено во текот на кампања. Тој содржи информации за видот на автомобилот и неговата регистарска табличка и институцијата на чие име е заведено.

И Грковска на штрек за можни злоупотреби

Еден месец претходно, (29 февруари) вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска упати јавен апел да не се злоупотребуваат државни ресурси во партиски цели во текот на изборната кампања. Им упати порака на функционерите и избраните и именуваните лица дека треба да се придржуваат до етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности.

Нецели три недели по нејзиниот апел, медиумите објавија дека Бојан Маричиќ, првиот заменик на претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања го искористил службено возило управувано од неговиот возач за да даде потпис за кандидатурата на кандидатот на СДСМ за претседател Стево Пендаровски.

„Кога има докази дека е прекршен Етичкиот кодекс е постапено, а досега не е добиен доказ. Досега не сме добиле фактичка состојба да видиме со аргумент дека е тоа така. Знаете дека и досега секогаш кога сме имале аргументи и доказ којшто укажува на тоа дека е прекршен Етичкиот кодекс сме постапиле, без разлика на тоа за кого станува збор. Така ќе биде и во овој случај“, изјави Грковска на 18 март.

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска напомена дека има две опомени за вицепремиерот Артан Груби за користење службени возила за партиски цели. За други немало докази за ваква пракса.

Но, антикорупционерите веќе работат и на поднесени претставки на нивна адреса, а кои се однесуваат на ваквиот вид злоупотреби. Од вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик кои ги отворила ДКСК, покрај за спроведени јавни набавки, постапки се водат и за злоупотреба на возила.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG