Достапни линкови

Косово не е пример за Либија


Весникот Гардијан објавува анализа на професорот од Универзитетот во Аризона Дејвид Гибс, кој прави споредба на сегашната акција на меѓународната заедница во Либија со онаа на Косово во 1999 година. Според него, идејата дека Косово е модел за хуманитарна интервенција била базирана врз многу митови.

Некои западни коментатори нападот врз режимот на Моамер Гадафи го споредуваат со воздушните удари на НАТО врз Србија, за кои се смета дека биле успешна хуманитарна мисија за заштита на Косоварите од српската агресија.

Уште повеќе што тоа беше сторено без поголеми трошоци и без борбени жртви. Конечно акцијата доведе до отстранување на злобниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

Интервенцијата врз Либија, според надежите, би требало да има сличен позитивен исход. Но, реално, Косово е слаба основа за оптимизам за Либија, бидејќи успехот се базира врз серија митови.


Најпрвин, дека војната на Косово беше морално едноставен конфликт меѓу агресивните Срби и виктимизираните косовски Албанци и оти НАТО, поддржувајќи ги Албанците, го унапредил прашањето за човековите права.

Всушност, ниту една од страните не беше посебно морална. Воените злосторства на српските сили се добро познати, но и нивните косовски противници исто така извршуваа злосторства.

Во почетокот на 1999 година, тогашниот британски премиер Тони Блер изразил уверување дека Ослободителната војска на Косово, според мемоарите на Алистар Кембел, не е многу подобра отколку Србите.
НАТО силите можеби ќе немаат друг избор освен да испратат трупи и да ги финансираат нивните окупациски активности и тоа на врвот од ангажманот на Британија и САД во Ирак и Авганистан и за време на светската економска криза.


И покрај ваквата оценка, НАТО ја одбра ОВК како своја копнена сила додека авиони на Алијансата ги бомбардираа Србите. И откако Милошевиќ капитулира, силите на НАТО ја ставија ОВК да владее на Косово. Тоа доведе до тероризирање на етничките Срби, Ромите и другите заедници и до иселување на речиси 250 илјади луѓе.

Уште еднаш во Либија западните држави ќе бараат локални сојузници меѓу противниците на Гадафи. Мора да се надеваме дека тие ќе бидат повнимателни во изборот. Сепак, случајот Косово ни дава мала гаранција за тоа.

Јасно е дека државите кои ја предводат интервенција во Либија немаат позитивни оценки во нивниот избор на сојузници на Блискиот Исток. Всушност, некои непријатни личности како Хосни Мубарак, Бен Али и самиот Гадафи имаа блиски врски со државите кои сега бараат висока морална основа за нивните интервенционистички акции.

Уште еден мит во однос на Косово е тоа дека бомбардирањето ја подобри состојбата со човековите права. Во реалноста, тоа ги направи работите полоши, а страдањата поголеми. Пред кампањата на НАТО, вкупниот број на лица убиени на двете страни во конфликтот во Косово е две илјади, а околу половина од нив биле убиени од страна на српските сили. По бомбардирањето беа убиени повеќе од 10 илјади луѓе. Српските сили, фрустрирани што не можат да ги запрат воздушните напади на НАТО, својот бес го истурија врз релативно беспомошните Албанци.


Постои опасност дека сегашната интервенција во Либија може да произведе слични резултати. Како одговор на бомбардирањето, Гадафи може да удри против својот народ со уште поголема сила отколку Милошевиќ на Косово. Гадафи може да се впушти и во некои од своите стари терористички техники, против американските и европските граѓани.

Конечно, погрешно е интервенцијата на Косово да се памети како евтина и краткорочна акција. Точно е дека бомбардирањето траеше само 78 дена. Но тоа беше проследено со окупациско инволвирање на илјадници мировници на НАТО. Тие се уште се на Косово со мали изгледи за заминување.

Слична ситуација може да се појави во Либија - промената на режимот веројатно ќе бара странска окупација, што би можело да трае со години и тоа во земја со три пати повеќе население и со многу поголема територија од Косово.

НАТО-силите можеби ќе немаат друг избор освен да испратат трупи и да ги финансираат нивните окупациски активности и тоа на врвот од ангажманот на Британија и САД во Ирак и Авганистан и за време на светската економска криза се наведува во текстот објавен во Гардијан.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG