Достапни линкови

Вести

Претставничкиот дом на Конгресот на САД го поддржа нацрт-законот за помош на Украина и Израел

Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец, зборува со новинарите откако Домот го усвои нацрт-законот за помош на Украина. Вашингтон, САД, 20 април 2024 година.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец, зборува со новинарите откако Домот го усвои нацрт-законот за помош на Украина. Вашингтон, САД, 20 април 2024 година.

Двопартиското мнозинство од Претставничкиот дом на САД во саботата на 20 април го усвои законот со кој се обезбедуваат 95 милијарди долари дополнително финансирање на Украина, Израел и индо-пацифичкиот регион.

Сега останува за тоа да се изјасни Сенатот на САД, кој е под контрола на демократите, што е предуслов загонот да му биде доставен на претседателот Џо Бајден за негов потпис.

Се проценува дека тоа би можело да се случи следната недела.

Пред гласањето, Бајден го повика Конгресот да ги усвои предложените закони што е можно поскоро.

„Веднаш ќе ги потпишам за да му кажам на светот дека стоиме покрај нашите пријатели и нема да дозволиме Иран или Русија да успеат“, рече Бајден.

Од вкупно 95 милијарди долари, 60,84 милијарди се наменети за Украина. Во нив се вклучени и 23,2 милијарди за надополнување на залихите на американско оружје, објави Ројтерс.

Нивното количество е намалено, бидејќи беа користени за снабдување на Украина за време на блокадата на пакетот помош во Долниот дом на Конгресот, кој е под контрола на републиканците.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во саботата изјави дека усвојувањето на нацрт-законот за помош на Украина во Претставничкиот дом на САД „дополнително ќе ја уништи“ Украина и ќе доведе до повеќе смртни случаи во конфликтот.

Тој посочи дека одредбата во нацрт-законот што ѝ дозволува на американската администрација да ги конфискува запленетите руски средства и да ги користи за обнова на Украина. ќе му наштети на угледот на САД.

Тој рече и дека Русија ќе одговори со мерки во согласност со сопствените интереси.

Украина веќе трета година е цел на брутална руска агресија.

За Израел се наменети 26,38 милијарди долари, од кои 9,1 милијарда ќе бидат наменети за хуманитарна помош за населението загрозено од конфликтот во Појасот Газа.

Приговори има и поради загриженоста за помошта за Израел за време на кампањата против екстремистите на Хамас - организација која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка.

Се повикува на построга контрола на распределбата на американското оружје и парите на даночните обврзници во околностите, како што предупредува дел од меѓународната јавност, на разорните последици од израелските напади врз цивилното население во Појасот Газа.

За индо-пацифичкиот регион планираната распределба е 8,12 милијарди долари.

Домот, исто така, гласаше за усвојување низа мерки, вклучително и правила кои ќе им овозможат на Соединетите Држави да го забранат TikTok, освен ако нивната кинеска матична компанија не ја продаде апликацијата.

Членовите на Претставничкиот дом имаа претходни три дена да ги разгледаат предложените закони и да поднесат амандмани пред закажаното гласање.

види ги сите денешни вести

Изгласана новата Влада на Хрватска

Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.
Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.

Хрватска во петокот вечер доби нова влада, откако парламентот и изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

По целодневна, десетчасовна дебата, 79 претставници гласаа за поддршка на владата на ХДЗ и Движењето Татковина, еден беше воздржан, а 61 беа против.

Претседателот и членовите на Владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.

Во петокот пред Собранието беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.

Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.

Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.

До крајот на мандатот, пензиите се предвидува да се зголемат за најмалку 30 отсто, а просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра.

Новата влада, наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.

Четворица повредени во судир на патнички и товарен воз во Белград

Властите велат дека нема жртви во несреќата.
Властите велат дека нема жртви во несреќата.

Неколку лица се повредени во судар на патнички и товарен воз во Белград, потврди за Радио Слободна Европа компанијата Инфраструктура на железници на Србија.

Српското Министерство за внатрешни изјави за РСЕ дека несреќата се случила денеска нешто пред 19 часот во тунелот Вуков споменик-Панчевачки мост.

„Најдобрата вест е дека нема жртви“, изјави министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој пристигна на местото околу 20 часот.

Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.
Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.

Министер за транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, изјави дека нема повреди опасни по живот, а дека четворица од повредените се задржани во белградскиот Ургентен центар, додека деветмина од полесно повредените по прегледите се пуштени дома.

„Според првите информации, композицијата „Беовоз“ поминала низ безбедносното светло и дошло до несреќа. Но, треба да се почекаат резултатите од истрагата кои и официјално ќе ги покажат причините за судирот“, изјави Весиќ.

Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,
Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,

Сите расположливи екипи на белградската Итна помош излегоа на лице место.

На терен се и пожарникарско-спасувачки екипи со повеќе возила.

Израелската армија пронашла тела на тројца заложници кои биле убиени на музичкиот фестивал

Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.
Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.

Израелската војска денеска соопшти дека нејзините војници во Газа пронашле тела на тројца израелски заложници кои биле киднапирани од Хамас за време на нападот на 7 октомври. Хамас е организација која е прогласена за терористичка од страна на САД и ЕУ.

Армијата го идентификуваше телото на 22-годишниот Шани Лук, со израелско-германско потекло. Останатите две пронајдени тела се на 28-годишната жена Амит Бускила и на 56-годишниот маж Ицак Гелерентер.

Воениот портпарол Даниел Хагари рече дека сите тројца биле убиени од Хамас на музичкиот фестивал Нова - забава на отворено која се одржуваше во близина на границата со Газа, а нивните тела биле однесени на палестинска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече смртта на овие луѓе „срцепарателна“.

„Ќе ги вратиме сите наши заложници, и живи и мртви“, рече тој.

Војската не соопшти детали каде се пронајдени нивните тела. Израел оперира во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде што соопшти дека има разузнавачки информации дека се држат заложници.

Милитантите предводени од Хамас во нападот на 7 октомври убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа околу 250 други.

Оттогаш, околу половина од нив се ослободени, повеќето во замена за палестински затвореници кои ги држеше Израел, за време на еднонеделното примирје во ноември.

Израел соопшти дека околу 100 заложници се уште се заробени во Газа, заедно со телата на уште околу 30.

Во израелската кампања во Газа убини се повеќе од 35.000 Палестинци од напад на 7 октомври наваму, според здравствените власти во Газа, со кои управува Хамас.

Напад во Авганистан - неколку убиени, меѓу нив и странски државјани

Авганистанска провинција Бамијан.
Авганистанска провинција Бамијан.

Вооружен напад се случил на 17 мај врз група на странски туристи во централната авганистанска провинција Бамијан.

Извор од талибанските безбедносни сили за Радио Азана на Радио Слободна Европа изјави дека во нападот имало неколку мртви.

Изворот, кој побара да остане анонимен, не го откри бројот на загинатите туристи или нивната националност.

Амај њуз објави дека најмалку осум лица биле убиени.

Меѓу жртвите во нападот биле и четворица странски државјани, но не беа дадени повеќе детали.

Србија досега добила 220 милиони евра од ЕУ за миграцијата и граничната контрола

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Од 2015 година, Европската унија (ЕУ) ѝ даде на Србија повеќе од 220 милиони евра помош во областа на миграцијата и управувањето со границите, изјави Никола Бертолини - шеф на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Србија.

На крајот од петдневната обука на граничарите во Суботица, Бертолини рече дека Србија усвоила стратегија за интегрирано гранично управување, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тој додаде дека парите од Брисел биле испратени во Србија за поголема безбедност на границите и помош во борбата против нелегалните прекугранични активности, шверцот на оружје, експлозиви и наркотици.

„Зголемувањето на капацитетот на граничните служби води и до поефикасно откривање на нерегуларна миграција, трговија со луѓе и криумчарење“, рече Бертолини.

Тој посочи дека ЕУ планира да продолжи да ја поддржува Србија за спроведување на поефективен надзор и софистицирани гранични проверки, како и да обезбеди модерна опрема за таа цел.

Тој потсети дека за зголемување на обемот на трговската, туризмот и културната размена потребни се поотворени граници, но истовремено и одржување на високо ниво на безбедност на границите.

„Затоа сите гранични агенции треба да воспостават рамнотежа помеѓу строгите контроли и отворените граници“, рече Бертолини.

Владата на Србија го усвои акциониот план на ЕУ за интегрирано гранично управување во 2022 година.

Од почетокот на светската мигрантска криза во 2015 година, преку таканаречената балканска рута низ Србија поминале повеќе од еден и пол милион бегалци и мигранти, покажуваат податоците на надлежните органи на Обединетите нации (ОН).

Засилени безбедносни мерки во Шведска по пукање во близина на израелската амбасада

Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија
Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија

Шведска ги засили безбедносните мерки во земјата по пукање во близина на израелската амбасада во Стокхолм, соопшти полицијата на 17 мај.

Полицијата ја опколи областа околу амбасадата и изврши претреси во неколку населби во Стокхолм откако во раните утрински часови се слушнаа истрели.

„Поради сомнителни пукотници во близина на израелската амбасада во Стокхолм, полицијата презема безбедносни мерки за заштита на имотот и интересите на Израел и Евреите низ целата земја“, соопшти полицискиот оддел на својата веб-страница.

Амбасадорот на Израел во Шведска, Жив Нево Кулман, им се заблагодари на властите на мрежата X „за нивната итна реакција и истрага, како и за зголемените безбедносни мерки околу нашата амбасада и околу еврејските заедници“.

Во февруари, полицијата на теренот на израелската амбасада пронајде уред за кој амбасадорот рече дека претставува обид за напад.

Шведските разузнавачки служби отворија истрага за „тероризам“.

Од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, властите и некои невладини организации во многу земји пријавија пораст на антисемитизмот, додека високиот број цивилни жртви во Газа предизвикани од одговорот на Израел дополнително ги зголеми тензиите.

ЕУ забрани уште четири руски медиуми поради ширење пропаганда

Европскиот парламент.
Европскиот парламент.

Европската унија на 17 мај забрани емитување на програми на уште четири руски медиуми во ЕУ поради, како што се наведува, ширење пропаганда за инвазијата врз Украина и за дезинформации.

Забраната за емитување се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

Последната група на медиуми кои се забранети ги вклучуваат веб-страницата Глас Европа, руската државна новинска агенција РИА Новости, весниците Известија и Росискаја газета, за кои ЕУ тврди дека се под контрола на Кремљ.

Официјалното соопштение за санкциите ја потврди одлуката на почетокот на неделава од страна на амбасадорите на 27-те земји-членки на блокот.

„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и беа од суштинско значење и инструменти во започнувањето и поддршката на руската агресорска војна против Украина и дестабилизацијата на нејзините соседни земји“, се вели во соопштението на ЕУ.

Во соопштението се наведува дека овие медиуми конкретно ги таргетираат „европските политички партии, особено во изборните периоди“.

Забраните ги опфаќаат „сите средства за пренос и дистрибуција во ЕУ или насочени кон земјите-членки на ЕУ“, но не ги спречуваат новинарите да работат во медиумите во Европската унија.

Веќе минатиот месец, Белгија отвори истрага за сомнително руско мешање во јунските избори низ Европа, велејќи дека разузнавачката служба на нејзината земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.

Чешката влада воведе санкции за голем број луѓе откако таму беше откриена операција на проруско влијание. Според наводите, тие им обраќале на членовите на Европскиот парламент и им понудиле пари за промовирање на руската пропаганда.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, ЕУ веќе суспендираше неколку медиуми, вклучително и Русија денес (РТ) и Спутник.

ЕУ го истражува Мајкрософт за ризиците од вештачката интелигенција пред изборите

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Европската унија денеска (17 мај) му нареди на Мајкрософт да предаде внатрешни документи или дека пред изборите ќе се соочи со казни поврзани со ризиците од користење на вештачка интелигенција на својот пребарувач Бинг.

ЕУ ја идентификуваше генеративната вештачка интелигенција како една од главните закани за изборите што ќе се одржат во ЕУ од 6 до 9 јуни.

Во март, Брисел побара од Бинг, заедно со неколку големи дигитални платформи, вклучително Гугл, ТикТок и Јутуб, да обезбеди информации за активностите што ги презеле за да ги ублажат ризиците од користење на вештачка интелигенција.

Но, Мајкрософт не одговори на барањето за повеќе детали за „специфичните ризици кои произлегуваат од функциите на генеративната вештачка интелигенција на Бинг, особено „Копилот во Бинг“ и „Креатор на слики од дизајнер“, соопшти Европската комисија.

Американскиот технолошки гигант сега има рок до 27 мај да обезбеди „внатрешни документи и податоци“.

Доколку Мајкрософт не го стори тоа, ЕУ може да изрече казни до еден процент од вкупниот годишен приход или глобалниот промет на компанијата, како и периодични казни до пет проценти од просечниот дневен приход или дневен промет во светот.

Од минатата година, најголемите светски технолошки компании мораа да се усогласат со европскиот закон познат како Закон за дигитални услуги (DSA).

Комисијата соопшти дека се сомнева дека „Бинг можеби ја прекршил DSA“ во делот поврзан со „ризиците поврзани со генеративната вештачка интелигенција“.

Ова се однесува на можностите на вештачката интелигенција да обезбедува лажни информации и „вирално ширење на длабока лажна содржина“.

Мајкрософт соопшти дека е посветен на исполнување на барањата на комисијата.

„Целосно соработуваме со Европската комисија во рамките на Доброволното барање за информации и остануваме посветени да одговориме на нивните прашања и да споделуваме информации за нашиот пристап кон дигиталната безбедност и усогласеноста со DSA“, рече портпаролот на Microsoft.

Портпаролот рече дека Мајкрософт презел „чекори за мерење и ублажување на потенцијалните ризици“ на сите негови платформи.

Мајкрософт инвестираше милијарди во OpenAI, главен играч во вештачката интелигенција, особено откако се појави четботот ChatGPT кон крајот на 2022 година.

Таравари најави договор за влада, Османи дополнителни механизми за заштита

Изет Меџити и Арбен Таравари од коалицијата „Влен“.
Изет Меџити и Арбен Таравари од коалицијата „Влен“.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари денеска изјави дека очекува до крајот на идната недела да биде договор околу идната влада меѓу колицијата „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Откако „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ формираа работни групи за формирање на владина коалиција по парламентарните избори на 8 мај, Таравари денекса изјави дека меѓу работните групи „владее позитивна атмосфера.

„Се надевам дека до крајот на идната недела ќе имаме завршен договор со програма на Владата и со распределба на ресори, односно кој и каде ќе биде како министер“, рече Таравари.

По гласањето на двојните избори на 8 мај, претседателски и парламентрани, ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу (58) мандати. Во албанскиот политички блок, Коалицијата „Влен“ освои 13 мандати, што е 6 помалку од коалицијата „Европски фронт“ која освои 19.

Но, ВМРО-ДПМНЕ и Влен се во преговори за состав на идната влада. Таравари рече дека со Христијан Мицкоски досега имале две средби, а дека понатаму интензивно работат работните групи.

„Се надевам до понеделник ќе излеземе со заедничка програма, а до петок ќе имаме завршен договор меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, практично договор за нова влада“, изјави Таравари.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, чија партија е дел од коалицијата „Европски фронт“, денеска рече дека ако се прави владина коалиција без нивната партија, дека „тоа ќе ги разгневи сите Албанци кои ценат дека нивните гласови ќе бидат ништовни и потоа ќе бараат дополнителен механизам за заштита“, изјави Османи за приватната телевизија „Канал 5“.

„ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме. Ќе сметаат дека Охридскиот рамковен договор не ги заштитува, не го заштитува нивниот глас, нивниот глас се игнорира, е ништовен за државата и дека ќе бараат дополнителен механизам за заштита“, рече Османи.

Управен суд ја одби тужбата на „Европскиот фронт“ за решението на ДИК за избирачкото место во Крушево

Управен суд Скопје
Управен суд Скопје

Управниот суд ja одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на Парламентарните избори одржани на 8 мај 2024 година.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување во тоа избирачко место влијае на конечните изборни резултати, ДИК треба да спроведе повторено гласање 14 ден од Парламентарните избори кои беа одржани на 8 мај. Повтореното гласање според тоа треба да биде на 22 мај.

Претходно денеска во текот на расправата, застапникот на тужителот, Коалицијата „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, посочи дека се оспорува решението на ДИК за прифаќање на приговорот за поништувње на гласањето на ИМ 1194 на Коалицијата „Твоја Македонија".

„Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел IV од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива дупла бројка. Според Изборниот законик погрешно пополнување на записник не е основ за поништување на гласањето“, изјави Рустеми.

Дополнително, посочи Рустеми, во записникот нема заведено забелешки за евентуални неправилности.

Претставникот на ДИК, Катерина Василевска нагласи дека остануваат во целост на наводите од решението и одговорот на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована.

„ДИК постапи во законскиот рок и донесе одлука. По увидот во целосниот изборен материјал ДИК утврди дека бројот на идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список и не соодветствува со бројот на искористени гласачки ливчиња на гласачкото место“, нагласи Василевска.

Управниот суд пресудата ќе ја објави за два часа.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.

ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG