Достапни линкови

Вести

Бајден тврди дека Нетанјаху има погрешен пристап во Газа

Американскиот претседател Џозеф Бајден.
Американскиот претседател Џозеф Бајден.

Американскиот претседател Џозеф Бајден ја критикуваше воената стратегија на Израел во Газа, оценувајќи дека пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е „погрешен“.

„Мислам дека тоа што го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап“, рече американскиот претседател во интервју за телевизијата „Univision“ што се емитуваше во вторникот вечерта.

Бајден апелираше Израелците да повикаат на прекин на огнот „за да се овозможи целосен пристап до храна и лекови во следните шест или осум недели“.

Мрежата на шпански јазик „Univision“ го интервјуираше Бајден на 3 април, два дена откако во израелски напад беа убиени седум членови на персоналот на хуманитарната група „World Central Kitchen“ во Газа.

Бајден изјави дека нема оправдување за необезбедување храна и медицинска помош за жителите на Газа.

„Разговарав со сите, од Саудијците до Јорданците и Египќаните. Тие се подготвени да влезат и да донесат храна“, рече тој.

Белата куќа минатата недела соопшти дека Бајден изразил слични ставови кога разговарал со Нетанјаху во телефонски разговор, нарекувајќи ја хуманитарната ситуација во Газа „неприфатлива“.

Шест месеци по почетокот на војната предизвикана од нападот врз Израел од страна на движењето Хамас - организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, израелските воени операции во Појасот Газа продолжуваат.

Во Каиро се очекува продолжување на разговорите за примирје и ослободување на заложниците, откако неколкунеделните разговори не доведоа до договор за прекин на огнот.

Половина година откако нападот предводен од Хамас предизвика нова војна на Блискиот Исток, израелската влада се соочува со се поостра меѓународна реакција на нејзината воена кампања врз опустошената палестинска територија, како и со масовни протести дома.

Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе, а беа земени 253 заложници.

Оттогаш, најмалку 33.360 луѓе се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

види ги сите денешни вести

Авион од Лондон принудно слета поради турбуленции, има една жртва и седум тешко повредени

Авион на Сингапур ерлајнс, 29 ноември 2021 година
Авион на Сингапур ерлајнс, 29 ноември 2021 година

Авион на Сингапур ерлајнс кој летал од Лондон во вторникот принудно слета во Бангкок поради силни турбуленции, при што загина еден патник, а седуммина се тешко повредени.

Авиокомпанијата изрази сочувство до семејството на починатиот и се извини за трауматичното искуство што го претрпеа патниците и членовите на екипажот на тој лет.

Тие исто така рекоа дека соработуваат со тајландските власти за да се обезбеди сета потребна помош.

Авионот Боинг 777-300ER со 211 патници и 18 членови на екипажот бил на пат кон Сингапур кога принудно слетал.

Авионот влегол во „воздушен џеб“ додека екипажот во кабината служел појадок, пред да наиде на турбуленции, поради што пилотите принудно слетале.

За време на инцидентот почина 73-годишен Британец, најверојатно од срцев удар, соопштија од аеродромот.

Седум лица се тешко повредени со повреди на главата.

Сингапур ерлајнс соопшти дека 18 патници се хоспитализирани, а други 12 се згрижени во болници.

Неповредените патници се симнаа и ќе ги превезе друг авион.

Студијата од 2021 година на Националниот одбор за безбедност на транспортот покажа дека авионските несреќи најчесто се случуваат како резултат на турбуленции.

Од 2009 до 2018 година, американската агенција откри дека турбуленциите сочинуваат повеќе од една третина од пријавените авионски несреќи и дека повеќето резултирале со една или повеќе сериозни повреди, но без оштетување на авионот.

Во октомври 2000 година, авион на Singapore Airlines се урна на затворена писта за време на полетувањето во Тајван. Во таа прилика загинаа 83 лица.

Таа авиокомпанија имаше седум несреќи, според Мрежата за воздухопловна безбедност.

Притвор за осомничениот врховен судија

Кривичен суд - Скопје
Кривичен суд - Скопје

Одреден е притвор за Наке Георгиев, осомничениот актуелен врховен судија. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против Н.Ѓ., за кој постои основано сомнение за кривичното дело Примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ, ја донесе ваквата одлука.

„По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението.

Инаку вчера врховниот судија беше уапсен за примање примање награда за противзаконито влијание, а како што соопшти полицијата, тој бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело. Судскиот совет го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори истражна постапка и против членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети и поранешен Државен правобранител, дека помагал на судијата. За него е побарана мерка на претпазливост.

„Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавува повремено на службено лице и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, се вели во соопштението на обвинителството.

Инаку двајцата се осомничени дека наводно барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој се наоѓа во притвор и е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев. Боро Стојчев веќе беше во затвор за шверц на цигари и беше осуден на 18 месеци затвор, а излезе за половина година откако му беше намалена казната.

Без влез на Западен Балкан во ЕУ европската приказна не е целосна, оцени премиерот на Србија

премиер на Србија, Милош Вучевиќ
премиер на Србија, Милош Вучевиќ

Европскиот пат е цел на меѓународната политика на Србија, изјави премиерот Милош Вучевиќ, додавајќи дека без влезот на земјите од Западен Балкан во Европската унија, европската приказна е нецелосна.

Вучевиќ, како што наведе, во експозето на новата Влада „јасно кажа“ дека Србија ќе се движи по европскиот пат.

Тој рече дека тоа не го изјавил од формални причини или „бидејќи се подразбира“, туку затоа што тоа е политичка цел на Србија на меѓународен план.

Тој рече дека е задоволен што Србија почнала да постигнува резултати во рамките на Зелената агенда, како и со реформите во областа на правдата и економијата, но и што успеала да го зачува мирот сите овие години.

Тој додаде дека Србија често заборава колку донации и грантови има од ЕУ, а најголемата поддршка има од нејзините институции.


Според него, Европа сè уште претставува систем на вредности кој е најпосакуван во човештвото, но се соочува со големи предизвици, од кои еден од најголемите е демографското прашање, во однос на старосната структура.

Зборувајќи за земјите од Западен Балкан и членството во ЕУ, тој рече дека му е тешко да замисли некоја од тие земји да стане членка пред Србија.

Коментирајќи го односот со Косово, Вучевиќ рече дека косовското прашање може да се реши само меѓу Србите и Албанците, дека прашањето не може да се реши долгорочно со наметнување решение и оти смета дека косовскиот премиер Аљбин Курти прави голема грешка со притисокот врз српскиот народ.

Тој рече дека нивната стратегија е да го зачуваат мирот и да го зачуваат својот народ на Косово, како и да договорат се што можат со Албанците и да постигнат историски договор со нив.

Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година, а преговорите се водат под покровителство на Европската унија, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.

Осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо дава исказ во суд

Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Љупчо Палевски Палчо попладнево е однесен пред судија на претходна постапка. Палевски е осомничен дека за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Пред новинарите кои го чекаа пред зградата на Кривичниот суд Скопје, негираше дека ги извршил убиствата. На прашањето дали ги извршил убиствата на Вања и Панче, кусо одговори „не“. Исто така рече дека нема да се брани со молчење, туку дека има докази дека тој не е сторителот.

Тој е првпат изведен пред судија на претходна постапка по екстрадицијата од Турција, каде побегна и потоа беше фатен од тамошната полиција.

„Осомничениот за двојното убиство во Скопје и Велес од ноември минатата година, Љ.П, по наредба на судија на претходна постапка денска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје за да се произнесе во однос на мерката притвор определна во негово отсуство.

По признесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, поставен по службена должност, судија на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена која започнува со нејзино реализирање од денот на неговиот прием во Истражниот затвор Скопје. Постојат околности дека може да се даде во бегство, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението од судот.

Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74) се очекува да заврши наскоро. Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски – Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Тој директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор, а од затворот утрово испратиле официјално известување и до Основниот кривичен суд дека Палчо е кај нив.

Тој се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

ЕУ го одобри планот за користење на замрзнатите средства на Русија за Украина

Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година
Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година

Европската унија даде официјално одобрение за користење на приходите од замрзнатите средства на руската централна банка за зајакнување на одбраната на Украина, објави Европскиот совет на 21 мај, што би можело да достигне 3 милијарди евра пренасочени за војската на Киев, оваа година.

Веста доаѓа кога Украина продолжува да ги повикува своите западни сојузници да ја зголемат и забрзаат воената помош за нејзините војници, кои се борат да ја спречат офанзивата на исток од многу побројните и подобро вооружени руски сили.

Одлуката беше објавена во Брисел од белгиската влада, која во моментов претседава со 27-члениот блок.

„Европскиот совет го потврди својот договор да користи неочекувани профити од имобилизираните средства на Русија за поддршка на воената самоодбрана и реконструкција на Украина во контекст на руската агресија“, се вели на мрежата X.

Околу 210 милијарди евра (225 милијарди долари) од средствата на руската централна банка беа замрзнати од страна на ЕУ по неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година - износ што се проценува дека ќе генерира камата од околу 3 милијарди евра (3,23 милијарди долари) годишно.


Околу 90 отсто од приходите ќе бидат ставени во Европскиот мировен фонд што го користат повеќето членки на ЕУ за да добијат надомест за воената опрема испорачана во Украина.

Одделно, Ројтерс објави, цитирајќи неименуван извор, дека Германија најголемата економија во блокот планира да ја зголеми својата воена помош за Украина за уште 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) оваа година, потврдувајќи го извештајот на германскиот весник Билд.

На крајот на минатиот месец, Германија и достави на Украина нов пакет воена помош, вклучувајќи оружје и муниција.

Во меѓувреме, регионалните власти известија дека четири лица се ранети и дека е оштетен објект на транспортна инфраструктура во серија напади со беспилотни летала врз североисточниот украински град Харков рано на 21 мај, објавија регионалните власти.

Претходно на 21 мај беше прогласена општа тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.

Забрана за комуникација со медиуми на „Токсикологија“, ЗНМ со осуда

Илустрација
Илустрација

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази забрани комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето истакнато на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.

„Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање“, се вели во известувањето потпишано од Иљази.

Од Министерството за здравство велат дека секоја здравствена установа која врши дејност од јавен интерес е должна да функционира организирано во согласност со правилата кои се уредени со актите кои се уредуваат прописите од областа на здравствената заштита.

Најновата одлука на Иљази ја осуди Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и го нарече обид за цензура.

„Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, велат од ЗНМ.

Иљази во изјава за дел од медиумите вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат следните денови најавуваат нов инспекциски надзор на Клиниката.
Минатиот месец беше извршен надзор по што беше издадено решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа им се забрани пристап на Клиниката.

Демири: Изборите завршија, да се вратиме во реалноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:58 0:00

Клиниката функционира само со организацискиот директор откако на 14 мај, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката, Данил Петровски поради „неправилности во работата“, но дека тој ќе продолжи да работи на Клиниката.

Превирањата на Клиниката започнаа минатиот месец откога вработени на Клиниката реагираа дека организациската директорка Иљази инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело. Вработените се пожалија и дека не можат да комуницираат со Иљази бидејќи таа не го говори македонскиот јазик.

Кинескиот министер за надворешни работи даде поддршка за независност на Казахстан

Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година
Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја повтори подготвеноста на Пекинг „цврсто да ги поддржи напорите на Казахстан да ја одбрани својата независност, суверенитет и територијален интегритет“.

Говорејќи по состанокот со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во Астана на 20 мај, Ванг повтори неколку слични изјави дадени од кинескиот лидер Кси Џинпинг во последниве години за поддршката на Кина на нејзиниот сосед на североисток.

„Кина ќе поддржи серија стратегии за развој и важни мерки иницирани од казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, со решителност против какви било надворешни сили кои се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на таа земја“, рече Ванг.

Екс казахстански министер прогласен за виновен за смртта на сопругата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Откако Москва ја започна својата тековна инвазија на Украина во февруари 2022 година, многумина во Казахстан и на други места сметаа дека изјавите на кинеските лидери во врска со Казахстан и другите земји од Централна Азија се порака до Русија, каде што во последниве месеци, многу про-Кремљ политичари и политички набљудувачи навестија дека Казахстан е цел за преземање на Москва.

Токаев, пак, ги пофали кинеско-казахстанските врски, нагласувајќи дека гигантскиот сосед на неговата земја „ќе остане сигурен партнер на Казахстан“.

„Кинеската дипломатија игра важна улога во светските политики. Иднината на казахстанско-кинеските односи е значајна“, рече Токаев за време на неговите разговори со Ванг.

На собирот на министрите за надворешни работи одржан на 21 мај беше најавено дека лидерите на земјите-членки на ШОС повторно ќе се состанат во Астана на 3 и 4 јули.

Финска предлага нов закон со кој ќе се блокира влез на мигранти

Затворената финско-руска граница
Затворената финско-руска граница

Десничарската влада на Финска на 21 мај предложи нов закон со кој ќе им се овозможи на граничарите да ги одвратат барателите на азил на границата. Овој предлог доаѓа во време кога има напливот на мигранти, за кој Хелсинки смета дека е оркестриран од Русија.

Финскиот премиер Петри Орпо изјави дека на земјата и се потребни нови правни механизми по пристигнувањето на речиси илјада мигранти без визи на нејзината 1.340 километри (830 милји) источна граница со Русија во текот на минатата есен.

Хелсинки обвини дека порастот на, како што вели, инструментализираната миграција е се должи на оркестрирана операција од Русија, обвинение што Кремљ го негираше.

Нордиската земја ја затвори границата со Русија во средината на декември по напливот на мигранти.

Неколку пати го продолжи затворањето пред да објави во април дека границата ќе остане затворена на неодредено време.

Предложениот закон има за цел да управува со инструментализираната миграција и да се спротивстави на притисокот што се врши врз Финска“, изјави финскиот премиер.

Ограничувањето за „приемот на барања за меѓународна заштита“ би можело да се примени во ограничени области долж границата со Финска за фиксни периоди од максимум еден месец, спречувајќи ги барателите на азил да влезат во земјата.

Во овие ограничени области, според предлогот, ќе им биде дозволено да бараат заштита само на барателите на азил на кои им е потребна посебна заштита, како што се децата или лицата со посебни потреби.

Нивната шанса за да аплицираат ќе зависи од проценката на нивниот случај од страна на граничарите.

Критичарите на предлогот велат дека тој ги прекршува меѓународните договори и обврските за човекови права содржани во финскиот устав.

За да стане закон, предлогот бара гласови од пет шестини во парламентот.

Белоруска активистка втор пат задржана во притвор по одлежување на затворската казна

Архивска фотографија од белоруската активистка Павлина Шаренда-Панасјук приведена поради навреда на белорускиот претседател Александар Лукашенко
Архивска фотографија од белоруската активистка Павлина Шаренда-Панасјук приведена поради навреда на белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белоруската активистка за заштита на човекови права Палина Шаренда-Панасјук, остана во затвор иако се се очекуваше да биде ослободена на 21 мај по одлежувањето на 3 години и 5 месеци. Таа останува во притвор и може да се соочи со дополнително неодредено обвинение, изјави нејзиниот сопруг Андреј Шаренда за Радио Слободна Европа.

Засега не е позната конретната причина за продолжениот притвор.

Панасјук која е активист на европското белоруско движење, првично беше уапсена во 2021 година и осудена на две години затвор за навреда на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, како и за наводен напад врз полицаец.

Таа требаше да биде ослободена во август 2023 година, но наместо тоа беше обвинета за „прекршување на внатрешните прописи во казнено-поправен дом“ и нејзиниот затвор беше продолжен до 21 мај 2024 година.

Белорусија беше потресена од серија протести по изборите во август 2020 на кои Лукашенко тврдеше дека освоил шести мандат. Опозицијата и многу западни влади и меѓународни организации тврдеа дека гласањето било наместено и дека опозициска лидерка во егзил Свјатлана Циханускаја, која се вклучи како кандидат на местото на нејзиниот сопруг, всушност е вистинскиот побединик. По масовните протести голем дел од демонстрантите се соочија со затворски казни.

Еден загинат откако авион на „Сингапур ерлајнс“ принудно слетал во Банкок

илустрација
илустрација

Авион на „Сингапур ерлајнс“ од Лондон во вторник (21 мај) принудно слета во Бангкок поради силни турбуленции. Притоа еден патник загинал, а локалните медиуми јавуваат за неколку повредени.

Засега не е јасно во кој момент од летот настанале повредите и смртта на патниците, пишува Ројтерс.

На социјалните мрежи се објавени неколку видео снимки на кои се прикажани возила за итни случаи на аеродромот. Тајландските медиуми јавуваат дека 30 патници биле повредени.

Официјален претставник на аеродромот Суварнабхуми во Бангкок потврди еден смртен случај, но не го потврди вкупниот број на повредени.

„Авионот Боинг 777-300ER со 211 патници и 18 членови на екипажот бил на пат за Сингапур кога принудно слетал. Наш приоритет е да им обезбедиме секаква можна помош на патниците и членовите на екипажот“, велат во соопштението од компанијата.

Во октомври 2000 година, авион на Сингапур Ерлајнс се урна на затворена писта за време на полетувањето во Тајван. Тогаш загинаа 83 лица. Според Мрежата за безбедност на воздухопловството, оваа компанија имала седум несреќи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG