Достапни линкови

Вести

Најмалку 39 повредени во торнадо во Соединетите Држави

илустрација
илустрација

Најмалку 39 лица се повредени, од кои неколку потешко, а повеќе куќи се оштетени и уништени кога торнадо ги погоди американските сојузни држави Индијана, Охајо и Арканзас, соопштија официјални претставници.

Тие посочија дека полицијата помагала во напорите за пребарување и спасување во градот Винчестер во Индијана, објави Ен-Би-Си Њуз.

Началникот на полицијата на Индијана, Даг Картер на прес-конференција рече дека некои куќи во Винчестер се срамнети со земја.

види ги сите денешни вести

Израел го гранатира Рафа додека Бајден предупредува на прекин на испораката на оружје

Појасот Газа, мај 2024 година
Појасот Газа, мај 2024 година

Израелската армија денеска (9 мај) го гранатираше Рафа, во време кога американскиот претседател Џозеф Бајден најостро го предупреди Израел дека ќе престане со испораката на оружје доколку почне офанзива против тој град на југот на појасот Газа.

И покрај меѓународното противење Израел веќе испрати тенкови и врши „целни упади“ во пограничниот град, за кој тврди дека е упориште на преостанатите баталјони на Хамас.

Додека преговорите за прекин на огнот продолжија во Каиро, претставници на Хамас (организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка) и Исламски Џихад изјавија дека нивните борци ги нападнале израелските сили во источната периферија на Рафа, гаѓајќи противтенковски ракети и минофрлачи врз израелските позиции.

Жителите на Рафа, единствената голема урбана област во Газа која допрва треба да ја нападне израелската армија на терен, објавија дека слушнале звуци од експлозии во борбите меѓу палестинските борци и се приближувале до израелските војници.

Директорот на ЦИА Вилијам Барнс се врати од Ерусалим во египетската престолнина и во четвртокот ги продолжи состаноците со посредниците кои се обидуваат да обезбедат прекин на огнот, изјавија египетски безбедносни извори.

Во градот и неговата околина има илјадници раселени Палестинци кои избегаа од конфликтот во другите делови на Газа.

Рафа утринава бил силно гранатиран, а израелската армија подоцна објави дека ги напаѓа и позициите на Хамас северно, во централниот дел на палестинската енклава.

Уште една оставка во СДСМ, Тренчевска се повлекува од функцијата во партијата

Јованка Тренчевска
Јованка Тренчевска

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

„Со вчерашниот изборен ден покажавме дека живееме во демократска држава каде моќта е на народот! Онака како што и треба да биде. Благодарам на сите граѓани кои вчера излеговте и го дадовте својот глас за промени по ваша мерка! Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, никој не оставивме сам, носевме мерки и закони кои помагаат на сите граѓани“, посочи Тренчевска.

Убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ и Гордана Сиљановска
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:03 0:00

Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.

„Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред“, појасни Тренчевска.

По лошите изборни резултати на вчерашните парламентарни избори, оставки од своите позиции во партијата најавија двајцата потпретседатели на СДСМ, Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.

Бајден: Ако израелската армија влезе во Рафа, САД ќе престанат да испорачуваат оружје

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден

Претседателот на САД Џо Бајден за телевизијата Си-ен-ен синоќа (8 мај) изјави дека САД ќе запрат со испораките на американско оружје за Израел ако премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди офанзива на градот Рафа во Појасот Газа.

Во интервјуто тој призна дека американско оружје било употребено за убивање на цивили во Газа.

„Цивили се убиени во Газа како последица на тие бомби, но и на други начини кога тие навлегуваа во населените центри“, изјави Бајден укажувајќи на бомбите тешки повеќе од 900 килограми чии испораки запреа минатата недела.

„Јасно ставив до знаење дека ако влезат во Рафа, тие се уште немаат влезено, но ако влезат во Рафа, нема да испратам оружја што историски биле употребени во Рафа и другите градови да се справат со проблемот“, истакна Бајден.

Претседателот на САД се покажа како голем подржувач на Израел и со тоа што за првпат ја условува подршката за сојузникот свртува нова страница во седумесечниот конфликт меѓу Израел и Хамас. Исто така, изјавата дека американски бомби се употребени за убиство на цивили во Газа е целосно признание за вклученоста на САД во оваа војна.

Администрацијата на Бајден се соочува со огромен притисок, вклучувајќи и од членови на неговата партија, да запре со испораките на оружја кога во Газа се развива хуманитарна криза од огромни пропороции и каде според здравствените власти на појасот досега се убиени над 34000 цивили.

Градот Рафа е во јужниот дел на Газа каде се сосредоточени околу милион палестинскии бегалци кои ги напуштија своите домови по нападот на Израел и спас побараа во овој град на границата со Египет.

Кинескиот претседател Џинпинг ќе се сретне со унгарскиот премиер Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го пречекува кинескиот претседател Си Џинпинг, 8 мај 2024 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го пречекува кинескиот претседател Си Џинпинг, 8 мај 2024 година

Кинескиот претседател Си Џинпинг, на последната станица на европската турнеја, треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан и други официјални претставници во Будимпешта, каде што се очекува да разговара за војната во Украина и за локалните инфраструктурни проекти.

Си пристигна во главниот град на Унгарија доцна на 8 мај, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. Неговата европска турнеја започна на 5 мај во Франција, каде што претседателот Емануел Макрон и лидерите на ЕУ го повикаа да ги олесни кинеските трговски ограничувања и да го искористи своето влијание за да го притисне рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на неговата инвазија на Украина.

Си ја нарече Унгарија „мета број еден во регионот на централно-источна Европа за кинески инвестиции“ во написот што го напиша за провладиниот дневен весник „Маѓар Немзет“. Тој и Орбан се очекува да одржат доцна попладне да одржат прес-конференција во Будимпешта.

„Се очекува унгарските и кинеските власти да потпишат од 16 до 18 нови договори за соработка, од кои еден може да биде голем инфраструктурен проект во рамките на огромниот кинески проект „Појас и пат“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто претходно оваа недела.

Првото патување на Си во Европа по пет години се смета за дел од неговата желба да го зголеми влијанието на Пекинг врз економските и политичките работи на континентот.

Орбан воспостави блиски односи со Кина и Русија, а го налути Брисел поради одбивањето да се приклучи на санкциите на ЕУ против Москва или да дозволи, како и другите земји од НАТО, испорака на оружје за Украина.

Во Белград, двете земји рекоа дека кинеско-српскиот договор потпишан од Кси и Вучиќ го подигнува нивото на нивната соработка од стратешко партнерство до „градење на заедницата на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера“.

Како и Москва, Пекинг дипломатски го поддржа Белград во неговото одбивање да ја признае независноста на поранешната покраина Косово, додека Белград ги поддржа барањата на Кина кон Тајван.

„Тајван е Кина“, рече Вучиќ на 8 мај, повикувајќи се на Повелбата на Обединетите Нации.

Посетата на Си навидум беше темпирана да се совпадне со 25-годишнината од бомбардирањето на НАТО врз поранешната кинеска амбасада во Белград во 1999 година, смртоносен инцидент што ги обедини Пекинг и Белград во нивните критики за западната интервенција на Балканот и во целиот свет.

Евроамбасадорот Гир и ја честиташе победата на Сиљановска-Давкова

Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир
Eвроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир

Амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир и ја честиташе победата на Гордана Сиљановска-Давкова на вчерашните претседателски избори.

„Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата, напиша Гор на платформата Х.

Според последните резултати објавени на сајтот на ДИК, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска- Давкова освоила 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).

Во одговор на честитката на Гир, Сиљановска-Давкова вели оти и таа очекува продолжување на соработката за заокружување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.

За победата на претседателските избори Силјановска-Давкова доби честитка и од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Иран најави промена на нуклеарната доктрина ако се почуствува загрозен

Објект за збогатување ураниум во Натанц, Иран, 17 април 2021 година
Објект за збогатување ураниум во Натанц, Иран, 17 април 2021 година

Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина доколку Израел му се закани, изјави советникот на врховниот ирански лидрф, Камал Харази, предизвикувајќи загриженост за иранското нуклеарно оружје.

„Не планиравме да изградиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор освен да ја промениме нашата воена доктрина“, рече Харази, а денеска објави иранската Студентска новинарска мрежа, додавајќи дека Техеран веќе соопшти дека има потенцијал да изгради такво оружје.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-тите, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изградбата и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)... и иако имаме технологија за нуклеарно оружје, Иран решително ја избегнува“.

Но, во 2021 година, тогашниот ирански министер за разузнавање кажа дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.

„Во случај ционистичкиот режим (Израел) да ги нападне нашите нуклеарни постројки, ние повеќе нема да се двоумиме“, додаде Харази.

Во април, Иран и Израел достигнаа највисоко ниво на тензија, при што Техеран директно лансираше околу 300 проектили и беспилотни летала кон Израел како одмазда за непотврдениот израелски напад врз комплексот на иранската Амбасада во Дамаск, кој резултираше со жртви.

Иран во последните години ги развива своите нуклеарни постројки, тврдејќи дека тие служат исклучиво за цивилни цели.

По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во 2015 година со кој драстично се ограничува збогатувањето ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да врши строги инспекции.

САД, во меѓувреме, во 2018 година, се повлекоа од договорот во време на тогашниот претседател Доналд Трамп, а Техеран почна да збогатува ураниум и се приближи до чистотата на ураниум соодветна за производство на оружје, како и ограничувањето на инспекциите на МААЕ.

Путин на Денот на победата: Русија нема да дозволи никој да и се заканува

Обраќање на рускиот претседател Владимир Путин на Црвениот плоштад во Москва, 9 мај 2024 година
Обраќање на рускиот претседател Владимир Путин на Црвениот плоштад во Москва, 9 мај 2024 година

Во говорот по повод годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе направи сè што може за да избегне судир на глобалните сили, но нема да дозволи да биде загрозена.

Путин ова го кажа пред руските војници на Црвениот плоштад.

„Русија ќе направи се за да спречи глобален конфликт. Но, во исто време, нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратешки сили секогаш се во состојба на борбена готовност“, рече Путин.

Откако повика на едноминутно молчење, Путин го заврши говорот со зборовите: „За Русија! За победа! Ура!“.

Додека руските трупи напредуваат против украинските сили поддржани од Западот, Путин ги обвини „арогантните“ западни елити дека заборавиле на одлучувачката улога што Советскиот Сојуз ја одигра во поразот на нацистичка Германија и поттикнувањето конфликт низ целиот свет.

Путин, кој ја испрати својата војска во Украина во 2022 година, ја гледа војната како дел од борбата со Западот, за кој вели дека ја понижил Русија по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година со навлегување во она што тој го гледа како сфера на влијание на Москва.

Украина и Западот велат дека Путин е вмешан во грабеж на земјиште во империјален стил. Тие ветија дека ќе ја победат Русија, која моментално контролира околу 18 отсто од Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим и делови од четири региони на истокот на земјата. Русија вели дека земјите, некогаш дел од Руската империја, сега повторно се дел од Русија.

Советскиот Сојуз изгуби 27 милиони луѓе во Втората светска војна, вклучително и милиони во Украина, но на крајот ги турна нацистичките сили назад во Берлин, каде Адолф Хитлер се самоуби, по што црвеното советско знаме за победа беше подигнато во Рајхстагот во 1945 година.

Безусловното предавање на нацистичка Германија стапи на сила во 23:01 часот на 8 мај 1945 година, кој Франција, Велика Британија и САД го одбележаа како „Ден на победата во Европа“.

Дотогаш, 9 мај веќе пристигна во Москва, кој стана „Ден на победата“ на Советскиот Сојуз во она што Русите го нарекуваат Големата патриотска војна од 1941-45 година.

Радев: Наскоро ќе стане јасно дали Северна Македонија сака да оди во Европа

Бугарскиот претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека наскоро ќе стане јасно дали новиот претседател и партијата што победи со значителна разлика на изборите во Република Северна Македонија ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе одат во друга насока.

Како што пренесе БТА, тој ова го изјави откако заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова положија цвеќе пред споменикот на Непознатиот воин по повод 9 мај.

„Многу брзо ќе стане јасно дали таа земја сака да оди кон Европа. Мојот став во однос на Република Северна Македонија секогаш бил отворен и конзистентен, како што беше со претседателите Ѓоѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска“, изјави Радев.

Бугарскиот претседател рече дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, „но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство“. Според него, тоа значи „промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“.

„Откажување од јазикот на омразата што беснееше во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на Бугарите во земјата“, ја пренесува БТА изјавата на Радев.

Вчера (8 мај) во Северна Македонија се одржаа двојни избори-втор круг претседателски и парламентарни избори. Според изборните резултати Гордана Сиљановска Давкова ќе биде новата претседателка, а убедлива победа на парламентарните избори издојуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.

Осуммина повредени во украински напад на Белгород

илустрација
илустрација

Во украински воздушен напад врз руската област Белгород во текот на ноќта осум лица се повредени, а оштетени се многу станбени згради и автомобили, соопшти денеска (9 мај) гувернерот на тој регион Вјачеслав Гладков.

Тој на Телеграм наведе дека меѓу повредените има и 11-годишно девојче, кое е хоспитализирано и додаде дека се оштетени повеќе од 30 станови во 19 станбени згради.

Како што јавуваат странските агенции, руските сили за воздушна одбрана собориле 15 ракети „Вампир“ и едно беспилотно летало во регионот на Белгород, две беспилотни летала во областа Брјанск, како и три беспилотни летала во областа Курск.

Вчера пак (8 мај) Украина беше цел на руски ракетен напад и напад со дронови. Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед ја гаѓале инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Европа го слави денот на европскиот мир и единство

илустрација
илустрација

На 9 мај Европа ја слави годишнината од „Шумановата декларација“, која го даде првиот поттик за создавање на денешната Европската Унија.

Тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година ја промовираше идејата за нова политичка соработка во Европа како средство за драстично намалување на можностите за нова војна меѓу европските народи, што подоцна стана позната како „Шуманова декларација“.

Идејата на Шуман за здружување на западногерманската, италијанската и француската индустрија за јаглен и челик се реализираше веќе на 18 април 1951 со потпишувањето на Парискиот договор за создавање на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ).

Договорот стапи во сила на 23 јули 1952 година кога официјално беше формирана ЕЗЈЧ која ја сочинуваа Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Холандија и Франција, како заедница претходник на ЕУ.

Во 1952 година во чест на Шуман и „Шумановата декларација“, 9 мај беше прогласен за Ден на Европа, кој се чествува секој година како ден кога се слават мирот и единството во Европа, а истовремено беше промовирано и денешното знаме на ЕУ како Знаме на Европа. Дополнително, во 1960 година Европскиот парламент го прогласи Шуман за „Татко на Европа“.

По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. Оваа година по повод Денот на Европа, ЕУ на 4 мај организираше „отворен ден“ на кој граѓаните можеа да ги посетат седиштата на институциите на Унијата и да се запознаат со начинот на нивно функционирање.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG