Достапни линкови

Вести

Курти: Србија ја остава отворена можноста за „инвазија на Косово“

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека „силниот сојуз на Србија со Русија е вистински редовен безбедносен ризик“ со кој се соочува Косово и дека затоа е неопходен итен договор за нормализација на односите што двете страни ќе го потпишат.

Како што се наведува во соопштението на Владата, Курти на панел дискусија во Лондон, организирана од институтот Чатам Хаус, рекол дека присуството на Русија на Балканот расте преку Србија и дека потпишаниот договор ќе значи „правна сигурност и спроведување на договореното од страните“.

„Одбивањето да се потпише договорот значи и дека Србија сака да ја остави отворена опцијата за инвазија на Косово“, изјави Курти.

Тој повторно ја обвини Србија дека стои зад нападот во Бањска на 24 септември минатата година, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција и го уби наредникот Африм Буњаку. Официјален Белград претходно ги негираше овие обвинувања.

Минатата година Косово и Србија го прифатија договорот за нормализација на односите на предлог на Европската Унија и анекс документот за негова имплементација. Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ одбива да го потпише, на што инсистира косовскиот премиер Албин Курти.

Европската Унија, која посредува во дијалогот, во неколку наврати изјави дека договорот, без разлика што не е потпишан, е правно обврзувачки за двете страни.

Инаку, договорот предвидува решавање на отворените прашања меѓу Косово и Србија. Со него официјален Белград се обврзува да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации и да не го загрозува територијалниот интегритет на Косово.

Од друга страна, официјална Приштина се согласи да им обезбеди на Србите на Косово одредено ниво на самоуправување, односно да формираат Заедница на општини со српско мнозинство.

види ги сите денешни вести

Коалицијата Европски фронт усвои декларација за „етнички изборен легитимитет“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерите на партиите од колицијата Европски фронт.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерите на партиите од колицијата Европски фронт.

Во Тетово коалицијата „Европски фронт“ усвои политичка декларација за етнички изборен легитимитет за која беше посочено дека ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции.

Декларацијата ја потпишаа сите партии кои го сочуваат „Европски фронт“: ДУИ, Движење на народот, Демократска партија на Албанците, Европска демократска партија, Демократска партија на Турците, Политичка партија Унија на Ромите - УРА, Политичка партија Бошњачки Демократски Сојуз.

Според Ахмети, кој ја прочита декларацијата, консензуалната демократија значи организирање на заедниците во политички партии и учество на избори за стекнување на легитимитетот на нивните сонародници „и оваа волја на нашите заедници, затоа, мора да се почитува од страна на мандатарот“.

„Непочитувањето на легитимитетот овозможува воспоставување на етничка хегемонија и претставува понижување кон Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите. Ова моноетничко мнозинство, кое го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници, го оптоварува соживотот, демократијата и тоа не треба да го дозволиме сите заедно. Ние, домашните сили и меѓународната заедница, како гаранти на Охридскиот договор и олеснувачи на Мајскиот договор, не смееме да дозволиме враќање назад, поништување на досегашните заеднички достигнувања и мора да спречиме повторување на непочитување на политичката волја и легитимитетот на суверениот затоа што сите сносиме одговорност за мирот, безбедноста, стабилноста на нашата земја и регионот“, се вели во Политичката декларација на Европскиот Фронт, се наведува во декларацијата.

Потпишувањето на декларацијата доаѓа откако минатата недела Ахемти рече дека започнуваат со спречување на нова мајоризација и ги повика граѓаните да им се придружат во нивните напори „за заштита на гласот, легитимитетот и духот“ на Охридскиот рамковен договор.

Коментарите ги даде во услови кога Коалицијата Вреди од албанскиот блок преговара со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на новата влада по изборите на 8 мај, но за ДУИ е спорно тоа што Вреди освоија помалку мандати од Коалицијата „Европски фронт“ од која е дел и ДУИ.

Колицијата Вреди освои 14 мандати на парламентарните избори на 8 мај, и преговата со ВМРО-ДПМНЕ која освои 58 мандати.

Коалицијата „Европски фронт“ од која е дел ДУИ изборите ги заврши со 18 мандати.

Декларацијата на сцената од Центарот за култура во Тетово ја денеска ја потпишаа лидерите на партиите од коалицијата, по што тоа можеа да го направат во фоајето и другите партиски функционери.

Во образложението на декларацијата беше посочено дека случувањата и чекорите по парламентарните и претседателските избори на 8 мај 2024 година го доведувале во прашање духот на Охридскиот договор. Според нив, резултат на тоа е враќање на познатата политика „раздели па владеј“.

„Го повторуваме нашиот евроатлантски курс како единствена алтернатива за заедничката иднина на Северна Македонија и нашата посветеност за целосно спроведување на нормите и духот на Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и затворање на сите отворени прашања со соседите, како предуслов за продолжување на европскиот пат. Ја наведуваме неопходноста од спроведување на консензуалната демократија во согласност со духот на Охридскиот договор и Уставот на Република Северна Македонија. Повторуваме дека владините коалициски партнери мора да бидат определени од политичката волја на двете најголеми заедници во земјата, Албанците и Македонците, како и легитимните претставници на другите заедници“, рече Ахмети.

САД, Јужна Кореја и Јапонија се согласија да одржат заеднички воени вежби

Архивска фотографија - воени вежби на САД и Јапонија.
Архивска фотографија - воени вежби на САД и Јапонија.

Соединетите држави, Јапонија и Јужна Кореја се согласија да одржат нови трилатерални заеднички воени вежби ова лето.

Тие ова го наведоа во заедничкото соопштение објавено од Министерството за одбрана на САД на 2 јуни.

Одлуката за воената вежба била донесена на состанокот на министрите за одбрана на трите земји сојузнички: секретарот за одбрана на САД Лојд Остин, јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара и јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик.

Тие се сретнаа во Сингапур на маргините на годишниот безбедносен самит Дијалог Шангри-Ла.

Тројцата „се обврзаа да продолжат да ја зајакнуваат трилатералната соработка за да обезбедат мир и стабилност на Корејскиот Полуостров, Индо-Пацификот и пошироко“, се вели во соопштението.

Добри резултати на француската и германската екстремна десница на анкетите пред европските избори

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Екстремно десничарските партии во Франција и Германија забележаа добри резултати во анкетите пред изборите за Европскиот парламент следната недела.

Француската крајнодесничарска партија Национален собир (РН) е во водство во анкетата на јавното мислење објавена на 2 јуни, додека Алтернатива за Германија (АфД) се најде на второто место во слично истражување.

Во двата случаи, екстремно десничарските партии се пред владејачките партии во Германија и Франција, двете највлијателни членки на ЕУ, додека анкетите покажуваат дека екстремната десница е на пат да победи во уште неколку земји-членки на изборите на 6 и 9 јуни.

За главниот кандидат на француската РН, Жордан Бардела би гласале 32,5 испитаници, додека на второ место е Валери Хајер, сојузничка на центристичкиот претседател Емануел Макрон со 16 отсто, а потао следи кандидатот на социјалистите Рафаел Глуксман со 13 отсто.

Традиционалната десничарска партија Републиканци, која е во опозиција, е под прагот од пет проценти за влез во Европскиот парламент.

Сепак, намерите на гласачите се сè уште „многу нестабилни“, односно „секој трет гласач сè уште може да се премисли пред изборите“, соопшти Институтот Елабе кој ги спроведе анкетите.

Досега, АфД во Германија се уште е на второто место во анкетите и покрај неодамнешните сериозни скандали, покажува новото истражување на институтот Инса за таблоидот Bild am Sonntag.

Доколку европските избори се одржат во недела, партијата би добила 16 отсто од гласовите, пред Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, која има 14 отсто.

Резултатот од АфД е намален за еден процент во однос на анкетата на Инса пред една недела.

Германската конзервативна алијанса на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија од Баварија (ЦСУ) води во истражувањето со 29 отсто, додека коалициските партнери на СПД, Зелените и Слободната демократска партија (ФДП) се на 13 и четири проценти.

Косово ја обвини Србија за произволно апсење на косовски државјанин

Знаме на Косово - илустративна фотографија.
Знаме на Косово - илустративна фотографија.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово (МПЈД) го осуди апсењето на косовски државјанин во Србија, наведувајќи дека тој е произволно уапсен и побара од меѓународната заедница да му помогне веднаш да биде ослободен.

Министерството за надворешни работи соопшти дека Канцеларијата за врски на Косово во Србија во саботата била информирана за апсењето на Тефик Мустафа на граничниот премин Мердара, поради наводни воени злосторства врз неалбанското население за време на војната во Косово во 1999 година.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиче во саботата изјави дека Мустафа ќе биде предаден на српското обвинителство за воени злосторства, додека Министерството изјави дека уапсениот „како припадник на Ослободителната војска на Косово во изјавите на сведоците бил споменат како учесник во киднапирањето на полицајци на 19.06.1999 година кај Лабјан, на патот Приштина-Гњилане.

Министерството на Косово соопшти дека „најостро го осудува самоволното апсење и малтретирање на граѓаните на Република Косово и истовремено ја повикува меѓународната заедница да преземе конкретни чекори за итно ослободување на граѓанинот Тефик Мустафа“.

Министерството ја повика меѓународната заедница да побара одговорност од српската држава „за овие самоволни и деструктивни дејствија, кои се спротивни на меѓународните конвенции за човекови права“.

Се додава дека официјално ќе побара од српските власти да му дозволат на претставникот на канцеларијата на Косово во Србија, Јетиш Јашари, да го посети Мустафа, „за државата и Владата на Косово да бидат поконкретно информирани за третманот на Мустафа“.

Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека ги информирало земјите од Квинтa - Италија, Франција, Германија, САД и Велика Британија - и дипломатските претставништва на САД и Велика Британија и другите земји во Белград.

Во последните три години, неколку државјани на Косово беа уапсени во Србија под сомнение дека извршиле злосторства за време на војната во Косово во периодот 1998-99 година.

Избори во Србија: Инцидент во Нови Сад, кривични пријави во Белград

Србија -- Локални избори во Белград, 2 јуни 2024 година.
Србија -- Локални избори во Белград, 2 јуни 2024 година.

Во главниот град на Србија до 12 часот гласале 22,5 отсто од вкупниот број запишани гласачи, објави програмскиот директор на набљудувачката мисија Црта, Раша Недељков. Во Нови Сад, пак, Градскиот изборен комитет денеска соопшти дека до 12 часот на гласање излегле 21,94 отсто од запишаните избирачи.

Пред салата на Новосадскиот саем дошло до туркање на полицајци и претставници на опозицијата и активисти, кои се обиделе да упаднат во просторијата во која, како што тврдат, се наоѓа кол цента на Српската напредна странка. Влезот во објектот го обезбедуваат полициски сили.

Претходно имаше инцидент кога лица кои беа во зградата на Саемот ја скршија вратата и со противпожарен апарат ги испрскаа претставниците на опозицијата и активистите, јави известувачот на РСЕ.

Недељков вели дека во Белград е помал бројот на гласачи кои излегле на гласање отколку на изборите во декември 2023 година, кога во истиот временски период гласале 26,1 отсто.

Според него, Црта доставила уште три пријави во полиција поради сомнение за купување гласови. Досега оваа невладина организација има поднесено вкупно шест пријави.

Недељков рече дека набљудувачите на ЦРТА забележале голем број поединечни случаи на изборни нерегуларности, најмногу во општините Чукарица, Палилула, Вождовац, Звездара и Нов Белград. Во повеќето случаи, тоа е нарушување на тајноста на гласањето (фотографирање на гласачкото ливче зад параван).

„Во четири отсто од избирачките места е забележано дека членовите на избирачките одбори незаконски воделе евиденција за идентитетот на гласачите кои излегле да гласаат“, рече Недељков.

Како што вели, набљудувачите на Црта забележале „значителен број луѓе кои водат паралелна евиденција“ надвор од избирачките места.

„Ова е нешто што може да се поврзе со новото појавување на јавно видливи кол-центри за координација и повикување на гласачите „безбедни гласови за гласање“, рече Недељков.

Убиство во Боговиње, напаѓачот уапсен

Илустративна фотографија - полициско возило.
Илустративна фотографија - полициско возило.

Во тетовското село Боговиње денеска се случило убиство, откако едно лице било лишено од живот со огнено оружје, соопшти Јавното обвинителство.

Сторителот е идентификуван и лишен од слобода, а кај него било пронајдено и оружјето со кое го извршил делото.

Од обвинителството велат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово извршил увид на лице место во Боговиње.

Според првичните информации, настанот се случил во угостителски објект во кој во тој момент имало и други лица.

Обвинителството наведува дека осомничениот и жртвата имале вербална расправија, по што сторителот извадил огнено оружје и започнал да пука.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредба за прибирање и вештачење на траги од лице место. Ќе се вршат разговори со сведоци на настанот и со други лица“, велато од Обвинителството.

Мицотакис очекува Мицкоски да користи Северна Македонија „ерга омнес“

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешна прес-конференција во Крит изјави дека очекува од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба.

Зачестените реакции за употребата на името, најмногу од соседна Грција, доаѓаат откако новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова при положувањето на свечената заклетва при стапувањето на должноста претседателка го употреби името Македонија наместо уставното име на државата Република Северна Македонија.

Мицотакис денеска исто така посочи дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит, но и оцени дека сепак во Скопје ќе преовлада логиката.

Грчкиот премиер рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.

Во однос на тоа дали конкретното прашање ќе го покрене на НАТО Самитот во Вашингтон во првата половина на јули, Мицотакис одговори позитивно и посочи дека „ќе биде прва можност да се најде на ист форум со новиот премиер на Северна Македонија“.

„Секако дека ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој, истакна Мицотакис на прес-конференцијата, пренесе МИА.

Пожарникар загина во поплавите во Германија, пробиени се две брани

Пожарникари работат на спасување од поплави во градот Рајхертхофен во баварскиот округ Пфафенхофен ан дер Илм. 2 јуни 2024 година.
Пожарникари работат на спасување од поплави во градот Рајхертхофен во баварскиот округ Пфафенхофен ан дер Илм. 2 јуни 2024 година.

Еден пожарникар загина во поплавите во јужна Германија, додека високите водостои и обилните врнежи од дожд го прекинаа железничкиот сообраќај.

Две брани на реката Паар, притока на Дунав, се пробиени во баварскиот округ Пфафенхофен ан дер Илм како резултат на обилните дождови што го зафатија регионот во последните денови, изјави портпаролот на областа.

Телото на пожарникарот беше пронајдено откако чамец на надувување со четворица пожарникари се преврте обидувајќи се да одведе жители на безбедно во градот Пфафенхофен ан дер Илм.

Возот излета од шините откако земјата се урна под дел од пругата во близина на градот Швебиш Гмајнд, на околу 50 километри источно од Штутгарт, во саботата навечер. Сите 185 патници се неповредени.

Германскиот железнички оператор Дојче Бан предупреди на откажувања и одложувања. Услугите беа прекинати на неколку линии, вклучително и од Минхен до Берлин, Штутгарт и швајцарскиот град Цирих.

Израел продолжува со борбите против Хамас, посредниците повикуваат да се прифати планот за примирје

Пожар на северот на Појасот Газа.
Пожар на северот на Појасот Газа.

Израел на 2 јуни продолжи со борбите и бомбардирањето на Хамас во Појасот Газа, додека посредниците ги повикаа двете страни да се согласат на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците претставен од американскиот претседател Џо Бајден.

Откако Бајден го претстави планот во петокот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел ќе ја продолжи војната што беснее од 7 октомври додека не го уништи Хамас - којшто САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, и не ги ослободи затворениците.

Самиот Нетанјаху, кој ја предводи кревката десничарска коалициска влада, на домашен терен е под силен притисок од две страни. Десетици илјади демонстранти кои бараат ослободување на заложниците повторно се собраа во саботата во Тел Авив за да го повикаат Нетанјаху да склучи договор за примирје, додека сојузниците на десничарските екстремисти се заканија дека ќе ја соборат владата доколку го направи тоа.

Опозицискиот лидер Јаир Лапид му понуди на Нетанјаху спасување со ветување дека ќе ја поддржи владата доколку постигне договор за прекин на војната што беснее речиси осум месеци.

Дотогаш борбите продолжија во Појасот Газа во текот на ноќта и во неделата. Израелската војска соопшти дека извршила повеќе воздушни напади покрај копнените борби, а палестинските власти пријавија повеќе смртни случаи.

Израелската војска соопшти дека погодила „30 терористички цели, вклучително воена инфраструктура, складишта за оружје и вооружени терористички ќелии кои претставуваат закана за копнените трупи на ИДФ (Израелските одбранбени сили)“ низ Појасот Газа.

Во врска со новиот предлог, Нетанјаху во саботата рече дека условите на Израел за завршување на војната не се променети и дека тие вклучуваат уништување на капацитетите на Хамас, ослободување на сите заложници и обезбедување дека Газа повеќе не претставува закана за Израел, додека палестинската радикална група рече дека „позитивно гледа“ на како што рече Бајден во петокот, израелскиот план.

Посредниците во разговорите за примирје САД, Катар и Египет во саботата изјавија дека „ги повикуваат и Хамас и Израел да го финализираат договорот што ги отелотворува принципите наведени од претседателот Џо Бајден“.

Бајден во петокот рече дека израелската понуда во три фази ќе започне со шестнеделна почетна фаза во која израелските сили ќе се повлечат од сите населени области на Појасот Газа и дека тоа ќе вклучи „ослободување на голем број заложници“ во замена за „стотици палестински затвореници“ кои се во израелските затвори.

Израел и Палестинците потоа ќе преговараат за траен прекин на огнот, а примирјето ќе трае се додека преговорите се во тек, рече Бајден.

Нетанјаху ја оспори презентацијата на планот од Бајден, инсистирајќи дека според „точниот план предложен од Израел“, преминот од една фаза во друга е „условен“ и дизајниран да му овозможи да ги задржи своите воени цели.

Од друга страна, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, лидерите на двете екстремно десничарски партии во парламентот, брзо предупредија дека ќе ја напуштат владата доколку го прифати предлогот за примирје.

Лапид, поранешен центристички премиер, сепак, рече дека владата „не може да го игнорира важниот говор на Бајден“ и треба да го прифати предложениот договор, ветувајќи дека ќе го поддржи Нетанјаху доколку неговите екстремно десничарски коалициски партнери се повлечат од примирјето.

Израелскиот претседател Исак Херцог во неделата изјави дека му рекол на премиерот дека ќе му даде „целосна поддршка за договорот што ќе овозможи ослободување на заложниците“.

Зеленски најави учество на 100 земји на мировниот состанок за Украина во Швајцарија

СИНГАПУР – Претседателот на Украина Володимир Зеленски (во средината) за време на средбата со двопартиската делегација на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. Сингапур, 1 јуни 2024 година
СИНГАПУР – Претседателот на Украина Володимир Зеленски (во средината) за време на средбата со двопартиската делегација на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. Сингапур, 1 јуни 2024 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 2 јуни во Сингапур изјави дека повеќе од 100 земји и организации најавиле присуство на мировниот состанок за Украина во Швајцарија којшто ќе се одржи на средината на јуни.

Зеленски се состана со странските лидери во Сингапур, бидејќи пристигна еден ден порано годишниот безбедносен самит „Дијалог Шагри-Ла“ каде што се обидува да добие меѓународна поддршка пред швајцарската мировна конференција кон крајот на овој месец.

Русија не учествува на настанот во Сингапур откако ја започна инвазијата врз Украина пред две години, а Кина исто така рече дека нема да присуствува.

Зеленски и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров разговараа повеќе од еден час со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, откако САД оваа недела ги намалија ограничувањата за употребата на американскоот оружје од Украина и им дозволија на украинските сили да напаѓаат цели во Русија.

Претставник на Пентагон рече дека Остин ја потврдил посветеноста и „силната поддршка“ на САД за Украина и дека двете страни ветиле дека и понатаму ќе го „зајакнуваат (нивното) стратешко одбранбено партнерство“.

Зеленски претходно на маргините на конференцијата се сретна со двопартиска делегација на Претставничкиот дом на САД и рече дека двете страни „укажале на важноста да ѝ се дозволи на Украина да користи американско оружје за напад на воени цели на руска територија во областите што граничат со Харковската област“.

Зеленски рече дека „покренато е и прашањето за дополнително зајакнување на притисокот со санкции врз Руската Федерација“.

Украинскиот претседател се сретна и со новоизбраниот претседател на Индонезија, Прабов Субјант, кој на истиот самит минатата година предложи индонезиски план за ставање крај на војната во Украина.

Украинската војска на 2 јуни соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана пресретнала 24 од 25 руски беспилотни летала во текот на ноќта, додека земјата се обидува да се опорави од еден од најголемите напади врз енергетската инфраструктура на Украина што се случи еден ден претходно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG