Достапни линкови

Во Хрватска има 27.000 работници од Азија


Работа во туристички сектор во Хрватска (илустрација)
Работа во туристички сектор во Хрватска (илустрација)

Покрај големиот број работници од азиските земји во Хрватска, во првата половина од годинава, најмногу поединечни работни дозволи од регионот се издадени на работниците од Босна и Херцеговина - 21.745, Србија - 14.606 и Северна Македонија со 8.708.

Килдип Махато, млад Непалец, пристигнал во Хрватска пред 25 дена во потрага по работа. Според официјалните податоци на тамошните институции, тој е еден од над 27.000 работници од Азија во Хрватска кои работат во секторите градежништвото, туризмам и испорака на храна.

„Прво бев во Пула, но немаше работа, па се вратив во Загреб, каде агенцијата ќе ми најде работа во кујна или чистач“, изјави Килдип Махато за Радио Слободна Европа (РСЕ), кој чекаше интервју пред една од бројните агенции кои носат работници од азиските земји во Хрватска.

Тој очекува плата од 900 до 1.000 евра месечно во Хрватска, која во последните години има се поголем недостиг од работна сила.

Додека некои работници од Азија живеат и работат во Хрватска во средени услови, некои работодавачи не обезбедуваат ниту елементарно хумано сместување, предупредуваат синдикатите и левичарските партии.

Работници од Непал, Индија, Филипини, Бангладеш

Во првите шест месеци од годинава, хрватското МВР издало над 27.000 работни дозволи за работници од 4 азиски земји - 11.523 од Непал, 6.589 од Индија, 5.024 од Филипините и 3.975 дозволи за престој и работа за работници од Бангладеш.

Ова е сепак помалку од бројот на издадени дозволи за работници од регионот на Југоисточна Европа и Турција, но, бројот на работници од Азија во Хрватска секојдневно се зголемува.

Во 2021 година, Хрватска го промени начинот на издавање работни дозволи, па од системот на квоти, премина на системот „на барање“. Тоа значи дека работодавачот изразува потреба од работници, па доколку тој профил го нема на берзата, му се издаваат работни дозволи за бараниот број странски работници.

Доколку се работи за дефицитарно занимање како што се градежни работници, тогаш не е ни потребно да се изврши бараниот тест на пазарот на труд, кој проверува дали има потребен профил на хрватскиот пазар на труд.

Катарина Пеовиќ, претседателката на левичарската опозициска партија Работнички фронт за Радио Слободна Европа вели дека агенциите се обидуваат да увезат што повеќе странска работна сила, бидејќи од тоа заработуваат.

„За некои работодавци е важно странските работници да останат кај нив, но, им даваат неверојатно лоши услови за работа, бидејќи сфатија дека тоа се луѓе кои честопати не знаат ни англиски многу добро и не можат да се обратат до трудовиот инспекторат или народниот правобранител. “, вели лидерката на Работничкиот фронт.

Работничкиот фронт поднесе измени на законот во собраниските процедури со кои бара да се вратат квотите за увоз на работна сила во Хрватска и да се изедначат условите за сместување на работниците, бидејќи досега ништо не го обврзувало работодавачот да обезбеди хумано сместување и услови за странски работници.

Плати од 560 до 1.000 евра месечно

Непалските работници во Хрватска неодамна се организираа во Здружение на непалски работници во Хрватска. Тие се состануваат еднаш месечно, а здружението помага во решавањето на статусните прашања и слично.

Претседателот на Здружението, Сурја Бахдур Тинг пред новинарите изјави дека Непалците се задоволни од платите во Хрватска, а се осврна и на медиумските написи за нивниот работен ангажман и условите во Хрватска.

„Зависи од работата што ја работат и нивната обука - дали се неквалификувани, полуквалификувани или целосно обучени. Минималната плата е 560 евра, а со текот на времето се искачува на 700, 800 и до 1.000 евра месечно. Ако дадат отказ, треба да можат да бараат друга работа“, додава Бахдур Тинг.

Според најновите податоци на хрватскиот Државен завод за статистика, просечната нето плата во Хрватска во мај годинава била 1.133 евра. Во градежништвото просечната нето-плата била 942 евра, исто толку и во угостителството.

Досега издадени 91.000 дозволи, во 2022 вкупно 125.000

Според податоците на хрватското МВР, согласно Законот за странци, во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2023 година издадени се вкупно 91.599 дозволи за престој и работа, од кои најголем број биле во градежништвото - 33.043 и туризам и угостителство - 32.090.

Од Непал, Индија, Филипините и Бангладеш пристигнале 27.111 работници, а сѐ уште поединечно најмногу работни дозволи се уште се издадени на работниците од Босна и Херцеговина - 21.745 и Србија - 14.606. Следува Северна Македонија со 8.708, Косово со 5.619, Турција со 2.560 и Албанија со 2.244 работни дозволи издадени во првата половина од годинава.

Во 2022 година во Хрватска се издадени вкупно 125.000 работни дозволи за странски работници.

XS
SM
MD
LG