Достапни линкови

Србија со зголемена борбената готовност, косовските Срби со нови барикади


Барикади во Митровица

Претседателот на Србија Александар Вучиќ нареди Армијата и сите единици на Министерството за внатрешни работи да бидат на највисоко ниво на борбена готовност поради тензиите на Косово. Приштина решена да ги отстрани барикадите поставени од косовските Срби.

„Претседателот на Србија, како врховен командант, вечерва нареди српските вооружени сили да бидат на највисоко ниво на борбена готовност, односно подготвеност до степен на употреба на вооружена сила“, објави српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.

„Ова не издигнува на највисоко ниво на дејствување што го спроведува српската армија, заштитувајќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и заштита на сите граѓани на Србија и спречувајќи тероризам и терор врз Србите каде и да живеат“, наведе Вучевиќ, додавајќи:

„Нема причина за паника, но има причини за загриженост, бидејќи се чини дека Србија е единствената заинтересирана да разговара, за политички договори, да се сретне дури илјада пати додека не се најде некаков договор и решение. Другата страна е постојано прави еднострани потези, го подига тоа ниво на тензија и постојано води кон натамошна ескалација со, според мене, јасна цел за целосно етничко чистење на Косово и Метохија“.

Српските сили во целосна борбена готовност
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

И министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека наредил целосна борбена готовност на сите единици на МУП.

„Согласно наредбата на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата и вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, наредив целосна борбена готовност на сите единици на МУП, Жандармеријата, САЈ и Полициската бригада, во најскоро време. бидејќи се ставени под команда на началникот на Генералштабот и ги заземаат позициите предвидени оперативен план“, се наведува во писмената изјава на Гашиќ.

Српската војска ќе го зголеми бројот на припадници на специјалните единици

Претходно Вучиќ изјави дека „по вооружувањето на Албанците и подигнувањето на нивната борбена готовност“, ќе ги преземе „сите мерки“ за заштита на народот и зачувување на Србија. Во видеото објавено на неговиот Инстаграм профил, тој вели дека шефот на државата Србија прави „се што е можно“ за да ги зачува мирот и стабилноста.

„За жал, не сакаа да нè слушаат, или не беа ни заинтересирани да не слушнат. Денеска и на српскиот патријарх господин Порфирије му е забранет влез на Косово и Метохија. Ова никогаш во историјата не се случило. И не им е грижа“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека Приштина ќе продолжи да зборува „само“ за српските барикади, кои според него се само знак на незадоволството и борбата на српскиот народ да биде свој и ништо повеќе.

„Според тоа, сакам да ве информирам дека се наоѓаме во тешка ситуација, но дека ќе дадеме се од себе и дека на секој начин ќе се грижиме како да ги зачуваме мирот и стабилноста и не само тоа, како да го заштитиме нашиот народ во северoт на Косово и Метохија. Во согласност со тоа и по вооружувањето на Албанците и подигнувањето на нивната борбена готовност ќе ги преземам сите мерки за да го заштитам нашиот народ и да ја спасам Србија“, посочи Вучиќ.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Немања Старовиќ пак објасни дека подигнувањето на борбената готовност не претставува закана за никого, туку дека тоа е „само предупредување“.

Старовиќ за Радио и телевизија на Србија додаде дека Србија „нема да дозволи да се повторат настаните од 17 март 2004 година“ и нагласи дека очекува КФОР да ги заштити сите луѓе на територијата на Косово и Метохија, особено малцинските заедници, меѓу кои Србите се најранливи.

Вчера порталот Нова.рс пак објави дека војската на Србија во близина на административниот премин Јариње со Косово стационирале неколку топови и хаубици од голем дострел. Распоредувањето на артилериско оружје уследило откако началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, Милан Мојсиловиќ престојувал во Рашка.

Вучиќ: Србите од Косово го бараат само она што им припаѓа на сите цивилизирани луѓе во Европа

„Задачите кои ги добија српските вооружени сили и јас како началник ќе бидат целосно спроведени и реализирани како такви. Ситуацијата е сложена, комплексна, бара присуство на вооружените сили на Србија долж административната линија и во следните периоди Војската на Србија, како праг на мирот и стабилноста, ќе биде насочени кон нивно извршување. Ги имаме сите информации во детали. Мора да знаете дека преземените мерки и добиените задачи ќе бидат целосно исполнети, изјави Мојсиловиќ за ТВ Пинк.

Медиумите во Белград претходниот ден објавија дека се слушнало рафално пукање во Зубин Поток на Косово, додека некои изјавија дека имало размена на оган меѓу локалните Срби и косовската полиција. Косовската полиција соопшти дека немало инциденти меѓу нејзини припадници и било каква група на северот на Косово.

Претставници на КФОР, соопштија дека имало пукање во Зубин Поток, но дека во тој инцидент нема повредени, а не е причинета материјална штета.

Косовскиот премиер, Албин Курти вчера го свика Советот за безбедност на Косово, откако минатата ноќ беа регистрирани пукотници од огнено оружје во близина на патрола на КФОР, во регионот на Зубин Поток, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија.

Во соопштението на Владата на Косово се осудува инцидентот, кој, како што се наведува, е предизвикан од „нелегални структури и криминални групи“ кои, според Курти, се поддржуваат и поттикнуваат од властите во Белград и од претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Косовскиот Совет за безбедност порача дека државата располага со потребните капацитети и е подготвена да дејствува, но и натаму ги чека дејствијата на мировната мисија на НАТО, која најави дека ќе ги отстрани барикадите поставени од косовските Срби.

„Нелегални структури и криминални групи продолжуваат да вршат екстремистички акти против граѓаните на Републиката, државните институции, припадниците на полицијата на Косово, новинарите, припадниците на мисијата на ЕУЛЕКС и патролните единици на КФОР. Во овие 17 дена од поставувањето на барикадите има постојана комуникација со КФОР. Косово има капацитети и е спремно да дејствува, но, како што е веќе познато, во очекување сме на дејствувањето на КФОР, се вели во соопштението.

Косовската полиција: истражуваме киднапирање Срби на северот на Косово

Властите во Приштина нагласуваат дека „Владата и институциите на Република Косово не можат да водат дијалог со криминални банди“ и порачуваат дека „слободата на движење мора да се воспостави“.

По ова денеска беше поставена нова барикада во мултиетничката населба Бошњачка Махала во Северна Митровица. Оваа населба се наоѓа помеѓу јужна Митровица, каде мнозинството се Албанци, и северна, каде живее мнозинско српско население. Од полицијата потврдија и дека е подигната нова барикада на главниот пат кој го поврзува југот на Митровица со општина Звечан и остатокот од северот.

Барикадата во Бошањачка Махала е прва поставена во северна Митровица, а досега беа лоцирани на територијата на другите три општини со српско мнозинство на север - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистарски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сè на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистарски таблички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG