Достапни линкови

Вести

Запален бугарскиот културен центар Ванчо Михајлов во Битола

Бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола
Бугарскиот премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола

Непознати сторители ноќеска го запалиле влезниот дел од бугарскиот Центар за култура Ванчо Михајлов во Битола. Полицијата и Обвинителството утринава извршија увид.

„Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење“, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.

Присуството на бугарскиот државен врв на отворањето на Културниот клуб во Центарот Ванчо Михајлов во Битола предизвика жестоки реакции во македонската јавност, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.

види ги сите денешни вести

Претседателката на Грузија стави вето на законот за „странски агенти“

Демонстрантка обвиена со грузиско и знаме на ЕУ стои пред полицискиот кордон кој го блокира пристапот до зградата на парламентот за време на протестот во Тбилиси, 14 мај 2024 година.
Демонстрантка обвиена со грузиско и знаме на ЕУ стои пред полицискиот кордон кој го блокира пристапот до зградата на парламентот за време на протестот во Тбилиси, 14 мај 2024 година.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, во саботата на 18 мај стави вето на законот за „странски агенти“, во кој меѓу другото, ги таргетира и медиумите, а против кој Грузијците протестираат со недели, јавува грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според тој закон, медиумите и невладините организации би требало да се регистрираат како субјекти кои „ги застапуваат интересите на странските сили“, доколку повеќе од 20 отсто од нивните финансии доаѓаат од странство.

Законот, за кој критичарите тврдат дека е сличен на рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата и независните медиуми, беше усвоен во вторник на 14 мај и покрај повеќенеделните протести во земјата и предупредувањата од Западот.

Периодот пред и по усвојувањето на законот беше обележан со масовни демонстрации на десетици илјади Грузијци, кои постојано беа насилно задушувани, со солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Зурабишвили претходно во текот на неделата најави дека ќе стави вето на законот и дека го смета законот за „неприфатлив“ и претставува јасно отстапување од европскиот пат на земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, која исто така го „протурка“ законот во парламентот, има доволно мнозинство за да надвладее и да го одбие нејзиното вето.

Постои можност Европската унија да ја замрзне кандидатурата на оваа земја за членство поради законот, пишуваше оваа недела „Фајненшл тајмс“.

Помошникот американски државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси еден ден пред усвојувањето на законот, изјави дека односите на Вашингтон со таа земја ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.

„Ако законот се усвои без усогласување со нормите на ЕУ и ако продолжи ваквата реторика и клевета на САД и другите партнери, мислам дека односот е загрозен“, рече О'Брајан.

Сличен закон беше предложен во грузискиот парламент минатата година, но беше повлечен по масовните протести. Пред неколку месеци практично истото законско решение со ситни измени им беше вратено на пратениците.

Полска ќе инвестира 2,5 милијарди долари во границата со Русија и Белорусија

Границата на Полска со Белорусија
Границата на Полска со Белорусија

Полска ќе инвестира околу 2,5 милијарди долари за зајакнување на безбедноста на границата со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, изјави во саботата на 18 мај премиерот на оваа земја.

Доналд Туск изјави дека работата на проектот „Источен штит“, кој опфаќа воени утврдувања веќе е започната. Полска се наоѓа на источното крило на НАТО алијансата и Европската унија, а Туск посочи дека таа носи дополнителна одговорност за европската безбедност.

„Одлучивме дека ќе инвестираме во нашата безбедност, а пред се, во безбедната источна граница, околу 10 милијарди злоти (околу 2,5 милијарди долари)“, рече Туск.

„Започнуваме голем проект, изградба на безбедна граница, која ќе вклучува систем на утврдување и обликување на теренот, интервенции во околината што ќе ја направат нашата граница непробојна за потенцијалниот непријател“, изјави тој.

Туск додаде дека работите се започнати за „границите на Полска да бидат безбедни во мир и непробојни за непријателот во војна“.

Тој им се обрати на полските вооружени сили во Краков на југ, за време на комеморацијата на 80-годишнината од победата на сојузниците во битката кај Монте Касино против нацистите за време на Втората светска војна.

Полска се граничи со руската ексклава во која се наоѓа Калининград, во должина од околу 230 километри, додека нејзината граница со Белорусија е долга околу 400 километри.

Претходната, десничарска полска влада изгради ѕид од 400 милиони долари на границата со Белорусија за да го запре масовниот прилив на мигранти кои почнаа да пристигнуваат во 2021 година, но сегашната проевропска влада верува дека границата треба дополнително да се зајакне.

Полска е верен сојузник на Украина во нејзината одбранбена војна против руската инвазија.

ДИК: Прегласување во седум избирачки места на 22 мај

Државна изборна комисија (архивска фотографија)
Државна изборна комисија (архивска фотографија)

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на 105 седница едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето на седум избирачки места, по одлуките донесени од Управниот суд. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.

Станува збор за прегласување во петтата изборна единица на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во изборната единица шест на избирачкото место 2101 во Општина Желино.

ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.

Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај на полноќ. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица и ќе нема можност да се пријавуваат нови.

Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.

ДИК во рамки на седницата ги соопшти и освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав.

Членот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, произнесувајќи се по синоќешните одлуки на Управниот суд рече дека „ДИК го потврди своето професинално однесување и работење, докажа дека независно од изборните резулти, целосно ги почитува и правилно ги применува сите законските процедури“.

„Со одлуките на Управиот суд со кои целосно се потврдија решенијата на ДИК за поништување на гласањето, уште еднаш се докажа дека независно од изборните резултати, ДИК постапувала законски и врз основа на увид во целокупниот изборен материјал. Пораката е дека и покрај дневната политика, институциите постапуваат само според законските надлежности и материјалните докази со кои располагаат, изјави Кондарко.

Претходно, Управниот суд синоќа ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори.

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Состојбата на словачкиот премиер Фицо по атентатот е стабилна, но сепак сериозна

Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак во обраќање пред медиумите пред болницата во која е хоспитализиран Роберт Фицо, Банска Бистрица, 18 мај 2024 година.
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак во обраќање пред медиумите пред болницата во која е хоспитализиран Роберт Фицо, Банска Бистрица, 18 мај 2024 година.

Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо по атентатот во средата и по операцијата е стабилизирана, но сепак сериозна, така што транспортот од болницата во Банска Бистрица до Братислава или во странство сега не доаѓа предвид, изјавија словачката министерка за здравство Зузана Долинкова и заменикот премиер и министер за одбрана Роберт Калињак.

„Разговараме со премиерот со ограничени можности. Тие повреди се исцрпувачки. Нему му треба што е можно повеќе одмор и простор за лекарите кои работат на неговата состојба да се движи кон поволна прогноза. Се уште не сме победиле“, рече Калињак на прес-конференцијата во болницата Рузвелтова каде што лежи премиерот.

Заменик премиерот и најблизок соработник на Фицо изјави дека во наредните денови поради неговата тешка состојба не доаѓа предвид да се транспортира на понатамошно лекување во Братислава или во странство, од каде пристигнале многу понуди за помош.

„Мислам дека во моментов не чека понатамошна операција. Не сум лекар, но токму вчера (петок) потврди дека првата е добро направена и треба да спречи дополнителни компликации. Ризикот е голем, а состојбата е сериозна бидејќи по ваквите повреди, реакциите на телото можат да имаат многу компликации, можеби утре (недела) ќе бидеме пооптимисти“, рече Калињак.

Вицепремиерот потсети дека прогнозата на првиот ден, во средата, кога 71-годишниот Словак Јурај Цинтула испукал пет истрели од пиштол кон премиерот во градот Хандлова во централна Словачка, била многу лоша бидејќи истрелите кон стомакот обично завршуваат фатално.

Калињак, во врска со говорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека Роберт Фицо ќе му недостига многу во наредните месеци поради настаните во Европската унија и војната во Украина, истакна дека ништо не се менува во политиката што ја води словачката влада иако премиерот е во болница и дека главната задача на владата ја чека дома.

„Мораме да ја научиме демократијата да оди повторно. Го нарекоа Фицо најлошите епитети, рекоа да го запреме злото. Какво зло? Десничарските влади секогаш се распаѓаа и фрустрацијата од нивниот неуспех се претвораше во атентат. Треба да се вратиме назад до 2010 година кога сите се чувствуваа добро, политичарите, невладините, медиумите“, рече Калињак.

Калињак посочи дека сега е потребно државата да функционира, а општеството да има безбедност.

МВР: Кривична против градоначалник, вршел исплати за време на претходните претседателски избори

Илустрација
Илустрација

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство - Гевгелија поднесе кривична пријава против градоначалник на една општина поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори" по член 165-в од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението на МВР, пријавениот извршил нередовни исплати на еднократна парична помош на 38 физички лица во вкупен износ од 195.000 денари согласно програмата за мерките и активностите на општината во областа на социјална заштита од буџетски средства за 2019 година.

„Пријавениот ги извршил исплатите на 15.02.2019, 18.03.2019 и 12.04 2019, односно во период кога се распишани Претседателските избори 2019 година, со што постапил спротивно на член 8-а став 1 алинеја 2 од Изборниот Законик и член 34 став 1 алинеја 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, пишува во соопштението.

Жестоки судири во Рафа

Раселени Палестинци чекаат ред за вода пред привремениот камп во Рафа на 17 мај 2024 година.
Раселени Палестинци чекаат ред за вода пред привремениот камп во Рафа на 17 мај 2024 година.

Жестоки судири и гранатирање го потресоа градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, изјавија очевидци.

Извештаите пристигнаа кога израелската војска објави дека првите 310 палети хуманитарна помош влегле на опколената територија преку дига изградена од САД.

Кувајтската болница објави дека во текот на ноќта во израелски напад загинале две лица во кампот за раселени лица во Рафа, а очевидци велат дека имало силно пукање и гранатирање во југоисточниот дел на градот.

Борбени авиони ги гаѓаа источните области на градот, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Повеќе од десет дена откако израелската армија започна „ограничена“ операција во Рафа, борбите меѓу израелските сили и палестинските милитанти повторно се разгореа на северот на Појасот Газа.

Интензивни судири се случија во текот на ноќта во бегалскиот камп Џабалија, на северот од палестинската територија, откако израелската армија во петокот објави „можеби најлошото“ насилство во областа во повеќе од седум месеци војна.

Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите на Хамас извршија напад без преседан врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа повеќе од 35.300 луѓе. Две третини од нив жени и деца и рани повеќе од 79.260 лица, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Зеленски ја отфрли идејата за примирје за време на Олимписките игри

Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)
Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за „прекин на огнот“ во војната со Русија за време на Олимписките игри во Париз, за што се залага францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој додаде дека примирјето „ќе му користи на непријателот“.

„Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на рускиот претседател Владимир Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да ја донесе својата војници на нашата територија“, рече Зеленски во интервју за Агенцијата Франс Прес.

Макрон повикува на светско примирје за време на Олимпијадата. Париз е домаќин на Летните олимписки игри од 26 јули до 11 август.

Зеленски, исто така, рече дека очекува руската армија да ја прошири офанзивата на северот и истокот на Украина со цел да го заземе Харков.

„Тие започнаа операција која може да се состои од неколку бранови, а ова е првиот бран“, рече Зеленски.

Тој посочи дека и покрај руските напредувања во регионот Харков во последните денови, ситуацијата за украинските сили е подобра отколку пред една недела, кога силите на Кремљ ненадејно ја преминаа границата.

Според украинскиот претседател, Русија сака да го нападне Харков, вториот по големина град во земјата.

Зеленски рече дека кога станува збор за системите за противвоздушна одбрана, Украина денес има „25 отсто од она што и е потребно за да ја одбрани Украина“.

„На Украина ќе и требаат 120 до 130 Ф-16 или други борбени авиони за Русија да нема воздушна супериорност. Се наоѓаме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната, но, во исто време не сака Украина да изгуби“, смета украинскиот претседател.

Според АФП, Русија го постигна најголемиот територијален напредок од крајот на 2022 година, со околу 257 квадратни километри освоени само во регионот Харков.

Најмалку три лица загинаа, а 28 се ранети во бомбардирањето на Харков во петокот попладне, изјави градоначалникот Игор Терехов.

Во Авганистан најмалку 50 лица загинаа во новите поплави

Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.
Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.

Најмалку 50 луѓе загинаа во нови силни дождови и поплави во централен Авганистан.

Засега нема прецизни информации колку лица се повредени во поплавите предизвикани од дождот што почна во петокот и предизвика прекин на сообраќајот на многу патишта во провинцијата Гор.

Во оваа област, 2.000 куќи беа целосно уништени, 4.000 беа оштетени, а повеќе од 2.000 продавници беа под вода во Фероз-Кох, главниот град на покраината.

Минатата недела поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села во северен Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, а повеќе од 1.600 беа повредени, соопштија властите.

Авганистан често е изложен на природни катастрофи, а Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.

Сите седум тужби од „Европски фронт“ се неосновани, одлучи Управниот суд

Управен суд - Скопје
Управен суд - Скопје

Управниот суд синоќа ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори.

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на парламентарните избори. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Од коалицијата „Вреди“ ги поздравија одлуките на Управниот суд.

„Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат“, се вели во нивното соопштение.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Претходно, ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.

Тошковски: Уапсена вработена во МВР - земала 12.500 евра за наводно посредување за социјални станови

Панче Тошковски
Панче Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил објави дека вработена во МВР како виш аналитичар во скопска полициска станица е лишена од слобода под сомнение за сторено кривично дело измама. Вработената се товари дека измамила три лица за наводно посредување за добивање социјални станови.

„Наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, објави Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Како што наведува техничкиот министер, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, било пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција, кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

Тошковски пишува и дека МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG