Достапни линкови

По таксито, поскапе и градскиот превоз во Битола


Автобуси пред Општина Битола
Автобуси пред Општина Битола

Автобуските градските линии поскапуваат за 50 отсто, односно од 20 на 30 денари, а месечната карта од 800 на 1200 денари. Пред три месеци поскапе и такси превозот, па граѓаните велат дека им останува да си одат пеш.

Пред три месеци поскапи таксито, а сега и јавниот автобуски превоз во Битола. Ако претходно стартот за такси чинеше 30 денари плус 20 денари од километар, сега почетокот е фиксен, а првиот километар е 60 денари, секој нареден плус 25.
Автобуските градските линии поскапуваат за 50 отсто, односно од 20 на 30 денари, а месечната карта од 800 на 1200 денари. За околните села билетот поскапува 15 денари, така за најоддалечените наместо 90 денари, патниците сега ќе плаќаат 105 денари.

Граѓаните разбираат дека поскапувањата се должат на економската и енергетската криза, но коментираат дека ќе мораат да се движат повеќе пеш.

„Го поскапија таксито, не можеме да се возиме со него, па си рековме алтернатива ни е автобусот. Сега и тој е поскап, ни останува да одиме само пеш, а не се стигнува во некои подалечни населби.“

„За ниската класа, работниците, социјалците е многу тешко. Виновна е ситуацијата, што на берзата расте цената на горивата.“

„Требаше да го подобрат и поевтинат, а не да го поскапат автобускиот превоз.“

„Скапо е со нашиот стандард на живеење и ниските примања, неисплатливо е ова, не можеме да врземе крај со крај“, велат анкетираните битолчани.

Превозниците соопштија дека по старите цени не им се исплатува да обавуваат превоз.

„Немавме економска оправданост да го одржуваме овие линии и трпевме големи економски загуби“, велат тие.

Советниците од локалната власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ побараа да помогне и државата.

„Доколку цената на дизел горивото дојде на 60 денари или пониско да важат старите цени. Ја повикувам Владата и други надлежни институции кои влијаат врз утврдувањето на цената да се откажат од акцизите во интерес на граѓаните “, рече советникот Бојан Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од опозицијата СДСМ беа против покачувањето и побараа превозот да го субвенционира Општината.

„Предлагаме Општина Битола во следните шест месеци да го субвенционира јавниот превоз со 10 денари на секој издаден билет. Така, би помогнале на граѓаните да не им биде поскапен превозот, а и на превозниците. Во изминатите шест месеци во Општината се вработни 12 нови лица, беспотребни партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ, наместо тоа можеше да се одреди сума од буџетот и да се субвенционира превозот“, рече Методија Илиевска, координатор на советничката група на СДСМ.

Такси превоз во Битола
Такси превоз во Битола

За пензионерите се изгласа бесплатно возење во вторник и петок, а од Левица рекоа дека ова е популистичка мерка.

„Чудно е како баш оваа категорија е таргетирана, сметам дека има поприоритетни како социјално загрозени лица да добијат два бесплатни дена, студентите и средношколците еден ден. Мерката за бесплатен јавен превоз за пензионерите е популистичка и добро познатото додворување на оваа категорија е класично подмитување на пензионерите и подготовка за претседателските избори следната година“, рече Гаврил Трајковски од Левица.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG