Достапни линкови

Битола по 15-ти пат во ритамот на „Локум фест- музика и традиција“


Плакатот за јубилејното издание на фестивалот
Плакатот за јубилејното издание на фестивалот

Со учество на врвни македонски музичари како Влатко Стефановски, Драган Даутовски и други, на неколку локалитети во Битола, од 22 до 24 јули, ќе се одржи 15-то јубилејно издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест- музика и традиција“.

На Битола и уште повеќе на македонската култура, од 22 до 24 јули, по 15-ти пат ќе им се случи Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест- музика и традиција“. Ќе им се случи манифестацијата која во изминатава деценија и половина од умна идеја да се заштити градската традиција, главно на мускули и благодарение на истрајноста и инаетот на поединци, израсна во убав пример кој на виделина го вади сиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на Градот и уште повеќе се залага за градењето на културни соработки и мостови на пријателства.

Од таму, копањето по архивите ќе го каже следново. „Локум фест“ е фестивал што својата првична промоција ја имаше во 2007 година во старата битолска чаршија. Како што ќе забележат неговите потписници и организатори „самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречека комшијата, патникот, намерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, за средба помеѓу културите. Дека „една од главните функции на Фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, fusion, world music) да се покаже сето богатство на културните височини на различните народи и нации, на нивните стремежи за комуникација и размена на вистинските вредности“.

И, згора на ова следува и податокот дека во изминатите 14 лета на Локум фест настапиле преку седумдесет групи и ансамбли како од Македонија, така и од дваесетина земји од регионот, Европа и од светот. Од земји како Египет, Индија, Кина, Норвешка, Данска , Шпанија, Јапонија, Шведска, Исланд, Унгарија, Полска, Германија, Хрватска, Словенија, Србија, Албанија, Турција, Бугарија, Бразил и други. А, оние со подолго помнење во партерот ќе дополнат дека на сцената се искачиле а тие добро ги запомниле настапите на: ЉУБОЈНА, БАКЛАВА, ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР, КОЧАНИ ОРКЕСТАР, СВАРОВСКИ, Вања Лазарова, Виолета Томовска, Јаков Дренковски, Зоран Џорлев и така со ред.

Впрочем, не случајно организаторите ќе дополнат дека „Локум фест е единствениот фестивал кој активно презентира сефардска музика како дел од културното и историското минато на Битола или Монастир, на градската, на урбаната традиција воопшто.

Во овој контекст е подготвувана и програмата за значајниот јубилеј на „Локум фест“. Така отворањето на манифестацијата на 22 јули ќе биде со ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО на Хераклеја. Следната вечер, во Пацио - НУ Завод и Музеј, е предвидено Драган Даутовски и неговиот син Ратко Даутовски да ја сторат промоцијата на својот албум „Apocalypticum“, за да третата вечер, насловена како „Распеана чаршија“, биде распослана по Широк сокак и на старата битолска чаршија. На истото место каде беше означен почетокот на „Локум фест“, пред „Малиот битолски Монмартр“ и со „Приказни од чаршијата“. Најнапред со перформанс на легендарните КУД Илинден, а потем и со изложбата „ 40 години Мал битолски Монмартр“. Конечно, „Локум фест“ е најавено дека ќе кулминира со настапи на неколку музички оркестри и со други дополнителни содржини на неколку локации во Битола, градот каде традицијата се дише.

Кулурното наследство како потенцијален туристички мотив го потенцираме како низ промотивните материјали, така и преку изложбата „Раскажи ја својата приказна“, или изложба на семејни раритети од конзулскиот период кои граѓаните ги имаат во своите домови. На тој начин градиме активен однос кон колективното културно наследство и партиципативноста на граѓаните . Посебен акцент оваа година ставивме и на соработката со Државниот архив - одделение Битола, благодарејќи на која ќе имаме единствена можност да видиме еден особен раритет, популарно наречен „Грамофонот на Манаки“, кој ќе биде изложен заедно со автентични фотографии од боемскиот живот и на чалгaџиските ансамбли од минатиот век, вели Тоше Ивановски од Центар за културна деконтаминација Битола, организаторот на ова случување.

Инаку, покрај музичкиот дел на Фестивалот, во соработка со ЗУР Македонски ракотворби, веќе петнаесетта година се одржува и „Саем на ракотворби“ мотивирани од народната традиција, сегмент кој му дава колорит и дух на фестивалот.

Затоа и Ивановски потсетува дека тие како организатори „со овој концепт имаат намера да ја раздвижат Старата битолска чаршија почнувајќи од Широк сокак - Магнолија, пешачката улица покрај реката Драгор, како и неколку локации во самата Чаршија“. Од таму и третата вечер на „Локум фест“ е подготвувана во соработка со дуќанџите, со Регионалната занаетчиска комора Битола и со неформалната група „Стара битолска чаршија“.

Целта е да заживее старата битолска чаршија преку анимирање на што поголем број посетители и учесници, како и со партиципација на дуќанџиите. Секако дека при планирање на оваа вечер, како и на предходните настани, прво што го имаме во предвид е високиот степен на почитување на правилникот за оддржување на културни манифестации во време на пандемија, нешто што успешно го покажавме минатата година, ќе рече Ивановски.

Кон ова само уште и информацијата дека 15-то јубилејно издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест- музика и традиција“ е финансирано од Министерството за култура и помогнато од Општина Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG