Достапни линкови

Дигитализацијата на учебниците е неминовен, но скап процес


Училница со компјутери
Училница со компјутери

Важно е дигитализацијата да понуди креативна образована програма, а не да се дигитализираат постоечките учебници, вели професор Игор Неделковски од Битола. Треба да добиеме информација што ќе значи дигитален учебник. Ако се смета дека овие учебници што се печатат ќе се дистрибуираат електронски како ПДФ документи, тоа е пропадната иницијатива, вели професорот.

Дигитализација на учебниците е нешто што неминовно ќе се случи дали по 5, 10 или 50 години, сепак, тоа е процес неповратен, вели Игор Неделковски редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, познат ИТ експерт со бројни научни трудови во земјава и странство.

Тој напоменува дека не може да се спроведе преку ноќ, туку потребно е време и постепена имплементација на процесот. Според професорот, важно е дигитализацијата да понуди креативна образована програма, а не дигитализација на постоечките учебници.

„Клучниот елемент во оваа иницијатива што сега е актуелна е ние да добиеме информација што ќе значи дигитален учебник. Ако се смета дека овие учебници што се печатат ќе се дистрибуираат електронски како ПДФ документи, тоа е пропадната иницијатива и тоа е бесцелно. За да има бенефит од дигитализацијата треба да се изработат нови учебници кои покрај текст ќе содржат и видеа, анимации, интерактивни содржини, квизови, учење преку наменски игри за различни возрасти, кои покрај забавен имаат и едукативен карактер“, вели Неделковски.

Игор Неделковски редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола
Игор Неделковски редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола

Тој ја објаснува постапката е многу скапа.

„Прво мора да се распишат огласи, тендери, да се спремат дигитални учебници што е многу скап процес. За таков учебник треба да се плати авторот по одредена област, но и експерти, дизајнери, ИТ експерти кои тие содржини што ги дава авторот би ги направиле во форма на анимации, видеа, се поактуелни се проширената реалност, виртуелната реалност. Значи зборуваме за еден подолготраен и скап процес“, вели Неделковски.

Негов став е доколку дојде до дигитализација за учениците да се набават таблети.

„Државата прво да види дали ги има тие пати, па да спроведе дигитализација. Дури потоа доаѓа решението на што ќе се пренесува таа програма, на каков уред. Според мене тоа треба да се таблети. Ако се обезбедат таблети за сите ученици тогаш и тестирањето може да биде на час електронски. Па, ќе се намалат можностите за манипулација со текстови, пишување повисоки оценки и слично“, додава Неделковски.

Ако се оди на комплетна дигитализација треба секој ученик да добие таблет кој ќе го користи 4 години и потоа се расходува, не се враќа. Кај ИТ технологијата амортизацијата и книговодствено е 25 проценти годишно, па по 4 години уредот е неупотреблив.

Во однос на трендот на дигитализација на учебниците низ многу држави во светот има почетоци преку пилот проекти. И тој предлага реформите да се спроведуваат на тој начин за во одреден период да се согледаат позитивните или негативните страни.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG