Достапни линкови

И на функционерите не им е лесно, им се заглавува песок меѓу прсти


Вицепремиерот Љупчо Николовски и владиниот советник Драги Рашковски, фотомонтажа
Вицепремиерот Љупчо Николовски и владиниот советник Драги Рашковски, фотомонтажа

Рашковски се пече на мексиканското сонце, а Николовски се наголта пустинска прашина во Дубаи. Се арчат за Македонија, иронично коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски беше во Дубаи, а секретарот задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти Драги Рашковски ужива под мексиканското сонце. Којзнае како издржуваат со тој ситен песок на тие горештини.

Социјалните мрежи се полни со лути коментари кои ги обвинуваат високите владини функционери за бесчувствителност. Реакциите се дека функционерите патуваат на луксузни одмори во ек на пандемија кога на граѓаните им се советува да ги ограничат контактите за да се спречи ширењето на болеста.

Додека нас не затвораат во карантини, бројот на заболени се зголемува, а вакцините ги гледаме само на телевизија, функционерите се на одмори кои чинат просечна годишна плата, коментираат граѓаните.

Откако го објави големиот антикорупциски успех со заплената на путерот со поминат рок, вицепремиерот за борба против криминал и корупција Љупчо Николовски замина во Дубаи. Со оглед на тоа што Обединетите Арапски Емирати се едни од лидерите во вакцинација од коронавирус, можеби ќе искористи и да се вакцинира на еден трошок.

Рашковски, со семејството, пак, замина на одмор во Мексико. Тој за медиумите порача дека нема место за сензација.

„На одмор сум до 31-ви март. Три години не сум бил на одмор, а на сопругата ѝ е роденден. Следам сè што се случува“.

Тој за ТВ24 изјавил дека хотелите во Мексико биле многу евтини, што би рекол еден поранешен премиер, џабал’к. Проверете на „Букинг“. За 14 дена имате хотели со 4 ѕвезди за 350 евра, изјавил Рашковски. Над 100 илјади граѓани лани летуваа со владините ваучери, а половина од нив не ги ни искористија.

Луѓето на социјалните мрежи реагираат со оглед на тоа што Рашковски заминува ек на аферата со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци во износ од 81 илјада евра. МВР објави дека ниту знаеле за тој софтвер ниту им треба. Медиумите објавија дека тој претходно патентирал идеја за сличен софтвер.

Некои забележуваат што функционерите не можат да се воздржат да ги искористат привилегиите.

За други, пак, патувањето на Рашковски е шпанска серија.

Додека едни им реагираат на бесчувствителност, други саркастично забележуваат дека да не се добереа до власт, егзотичните дестинации ќе ги гледаа само во географски Атлас.

Во меѓувреме, на здравствените работници им е забрането да користат годишен одмор. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека сега имаат многу работа, но може за тоа да се разговара дополнително со директорите. Среќа што министрите немаат многу работа, коментираат граѓаните.

По враќањето во земјава, ни Рашковски, ни Николовски нема да мора да одат во карантин, зашто не биле во Африка.

Николовски веќе се врати во земјава и на Твитер се пофали дека работи на организацијата на внатрепартиските избори во СДСМ в недела.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG