Достапни линкови

Уредувачки натпревар за Википедија на македонски јазик


Граѓанските здруженија „Споделено знаење“, „ГЛАМ Македонија“ и Википедија на македонски јазик започнаа натпревар за пишување на статии кои се потребни на македонската Википедија.

Од список со 5.000 потребни статии, секој заинтересиран од 15 до 18 години може да одбере една тема и да напише статија според правилата за статија на Википедија. Граѓанските здруженија ќе ги наградуваат првите три места.

Пред да се уредува статија, треба учесниците да се запознаат со начинот на пишување и уредување статија.

„Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии, кои се потребни на Википедија на македонски јазик, односно се врски во статии и недостигаат на Википедија на македонски јазик. Бидејќи темата е специфична, ве замолуваме прочитајте во целост на оваа страница. Доколку имате некои прашања, поставете ги на страницата за разговор на истава страница, така што ќе бидат одговорени од нашите корисници. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале“, информираат организираторите.

Статиите ќе ги прегледува жири, кое ќе е составено од четворица википедијанци. Секој член на жирито ќе ги прочита статиите, и ќе ги оценува со бодови од 0 до 10.

„Член на жирито може да даде и оцена 0 доколку смета дека статијата воопшто не ги задоволува условите на натпреварот (на пример, ако е помала од 5.000 бајти или ако е со помалку од 5 реченици, или да е напишана со машински превод кој е неразбирлив). На натпреварот не се признаваат статии напишани автоматски, односно со помош на бот. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаа прилика и значајно да прошират постоечка статија (никулец), така што жирито ќе оценува колкав е новиот дел и бодовите ќе бидат доделени за тој дел“, објаснуват организаторите.

Наградата за прво место е вредносен купон од 5 илјади денари, за второ место вредносен купон од три илјади денари и трето место ќе добие вредносен купон од две илјади денари.

XS
SM
MD
LG