Достапни линкови

ЉУБОЈНА – слатки немири во НОБ


ЉУБОЈНА во неделата, на 22 декември, во Националната опера и балет го одржа својот прв „невклучен“ новогодишен концерт. И беше испратена со овации за музиката и магијата што ја стори.

Вера Милошевска – Јосифовска и Оливер Јосифовски по нешто повеќе од деценија и половина го затворија кругот. И, тоа со „невклучен“ концерт во Националната опера и балет во Скопје. Концерт кој е последното од камчињата на мозаикот што скоро деценија и половина опстојува, разгалува, дарува јужна чувственост и непарни ритми, стихови, потраги и немири, слегувања и напојувања од изворот на македонскиот музички јазик, негово транспонирање во времето во кое се бијат битките и многу, многу љубов... а тие некаде во изгрејсонцето од новиот милениум го именуваа како ЉУБОЈНА.

Како круна на нивната првична средба и идејата да се исчекори натаму по успешната приказна на Оливер со ФОЛТИН или онаа на Вера со балетот и нејзините младешки интереси, силната пасија за песната. Тогаш кога во соседна Бугарија го снимија „П.С.О“, а потем пролетта 2006-та најнапред во Битола, а потем и во Мала станица во Скопје, со екипа во која беа Благојче Трајковски на кларинет, ди-џеј Јордан, но и драгите пријатели Бранислав Николов и Пеце Трајковски од ФОЛТИН, потем Горан Трајковски ( ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, МИЗАР, АНАСТАСИЈА...), Џијан Емин и Оливие Самолијан ( обајцата тогаш од ПРОЕКТ ЖЛУСТ и Д.Н.О), уметниците Филип Јовановски и Горан Цуцко кои ја потпишаа визуелизацијата и конечно Златко Ориѓански како видео промотер и музичар кој беше на студиските сесии при снимањето на албумот во Пловдив.

И, тогаш таквата појавност беше бележана како „македонска музика за 21-век“. Со право, како што ќе покаже времето.

А, во меѓувреме, со десет албумски изданија безмалку секое со своја приказна во низата, концерти дома во Македонија, на Балканот, по Европа... таму долу по Австралија, преку Кина и на север до Америка, соработки со музичари како Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски, Џамбо Агушев... неброено испишани театарски музики... во „интимни“ или простори што изискуваат големи (нека биде и лимени) оркестри... ЉУБОЈНА израсна во една од домашните постави која своето место на сцената и посебно во срцата на љубителите го стекна со искрениот пристап и над се енергијата во барањето на врските со традицијата и чувството да не се замати изворот. Напротив, да се лета на крилјата на еднаш дадената матрица на народниот гениј и таа да се осовременува. Да се внесе во времето сегашно. Да ги подава рацете кон блиските и далечни звучни патувања со идејата дека на музиките и не можеш да им подигнеш ѕидови. Да ги конзервираш и да ги прилагодуваш на политиките и апетитите на стрвинарите. Независно од кај и да ги подаваат рацете со желба да го присвојат туѓото, да ја крадат песната. Јазикот. Битот.

Притоа Оливер и Вера, понекогаш и „горејќи“ безмалку секогаш ги влечеа вистинските потези. Тие околу себе ги прибираа оние музички сомисленици кои во таа пригода и даваат поинаков, потребен колорит на појавата. На актуелната средба со публиката. Онаа што безрезервно им ги отвори пазувите.

Во таквите настојби со времето некако станаа традиција и нивните „новогодишни концерти“. Нивните кулминативни моменти кога си ја враќаа вербата во убавото и се грееја на огнот на силните удари на дланките на посетителите. Кога безусловно даруваа и добиваа врутоци љубов.

А, таквите перформанси беа најнапред помали, потем поголеми – како оние во Универзална, влетаа и во големината на една арена – онаа која тогаш се викаше „Борис Трајковски“.

Конечно, по таквите искуства и особено по импресивниот концерт со Македонска филхармонија на кој диригент и автор на распишаните аранжмани и оркестрации беше стариот другар -маестро Џијан Емин, патем чија атмосфера може делумно да се почувствува на штотуку објавениот албум „B.Y.Z.A.N.C.E“, ЉУБОЈНА се решава да го стокми и својот прв „невклучен“, „акустичен“... пред новогодишен концерт. Во НОБ и со актуелниот материјал, плус „класиците“ од нивниот репертоар. Значи со музика полна топлина и љубов. Со „она нашето“ кое ви разгалува душата и барем како здив ве тера онака човечки да помислите „животот е сепак убав“. Да им се препуштите на модерните чалгаџии и на гласот на Вера Милошевска, наследничката на нашата силна пејачка традиција. И над се да запеете од притаен револт кон грдотијата на времево во кое живееме.

Во случајов и најмалку е битно како беше распослан неделниот перформанс на ЉУБОЈНА. Дали по воведот со „Горо ле, горо“ кој потече од грлото на пејачката, следуваа авторските „Севдо, ле“, „Горки чувства, слатки немири“ ...потем и „Излегув да се прошетам“, „Чупи костурчанки“, „Елено ќерко“, „Лено“ … И тоа дека не требаше многу атмосферата да се усвити и групата со овации да биде испратена од сцената.

Едноставно, ако успешноста на еден концерт се мери со енергијата, вокалните бравури, свирачкото мајсторство, аражманските решенија, визуелизацијата и топлината на понудата, тогаш овој беше еден од најдобрите што тие го имаат сторено во Скопје. Перформанс за кој отпосле станувате свесни дека минал „како миг“. Како неопходна воздишка.

Инаку, да се разбереме тоа нималку не е лесно. Не беше ова обичен концерт за ЉУБОЈНА на кој веќе сме навикнале. Напротив. И, покрај наталоженото искуство и дефинитивно стекнатата верба во себе.

Сепак, Вера и Оливер не би биле онаму каде што се ако трпеливо не работеле на т.н своја „анплаг сторија“. Тие со сета мудрост што им ја донело времето, овојпат потпирајќи се и на онаа поинаква незаборавна пролетна „филхармониска“ ноќ, свесни за комплексноста на проектот, се решиле да влезат со дел од старите соработници како трубачот Демир Кантуровски, или продуцентот и тапанар Мите Димовски, но и со оние за кои сметале дека им се неопходни како еден Дамир Имери, композитор, тромбонист, пијанист ...мултиинструменталист но овојпат на хармоника, неговиот син и врвен гитарист Ади Имери, Александар Петров ( БАЦЕ КВАРТЕТ) на удиралки, џез пијанистот Филип Димишковски , Тимчо Чичаковски на канон и згора пет члена пејачка група во која се Лена Димовска, Кики Пецовска, Ана Мицевска, Мартина Муневска и Ѓорѓи Миладиновски.

Се разбира и не згрешија, оти зад себе имаа екипа за која ова не беше уште еден концерт кој треба онака занаетски да се одработи, туку и средба во која може да се ужива и да се сподели музиката со широките насмевки во публиката. Затоа на моменти и не стивнуваа аплаузите и од срце крикнато „браво“ за солата на Демир или за пребирањето по жиците од својата волшебна гитара на Ади. За Вера и нејзиното лебдење по подиумот и гласот што плени.

Ете во една таква атмосфера разбирливо е што „диригентот“ Јосифовски и неговата сопатничка Милошевска – Јосифовска неминовно се најдоа во позиција да бидат комотни и да ги „олабават кочниците“. И самите да го уживаат моментот на магија и да порачаат од срце, громогласно дури и како крик - „Те љубам!“.

Од таму, нема да претераме ако констатираме дека првиот акустичен ( невклучен) концерт на ЉУБОЈНА во кариерата беше вистински триумф. И музички, и визуелно ( со 3Д- проекции на Милчо од истоимената продукција). Еден од оние моменти кои навидум или реално се тешко повторливи.

Затоа НАНОВО се актуелизира и прашањето по кој пат ќе тргне двојката сега кога кругот повторувам е „затворен“? И, без натамошно мудрување „по кој и да тргне“ ќе ја има довербата на публиката. И подршката да не се обесхрабрува во намерите за идните дејанија во регионот во годиниве кога Балканот е се повеќе валкан и наместо мостови на пријателства склон е кон ѕидање нови ѕидови кои ги делат обичните луѓе и нивната реална потреба за убавина. За песна и за љубов со ништо условена. За враќањето кон себе како услов за разбирање на различноста и потребата на невкусот да му се каже не. Да се крене брана пред турбо-фолкот и турбо-поп тралалајките кои децении наназад се силно стимулирани и завладеаја благодарение на политичките мативоди и нивната страст да ни завладеат со душите. Да не обезличат по сите линии независно од која кал и да ја кренале главата и го посеале семето на троскот и пелин.

Затоа честитки за храброста и љубовината што блика од нив и од музиката што ја креираат и за која живеат. Без задршки. Со целото битие.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG