Достапни линкови

Поскап градски и поевтин школски превоз во Битола


Автобуси за превоз на ученици во Битола.
Автобуси за превоз на ученици во Битола.

Поскапува автобускиот превоз во Битола на одредени дестинации, но од Општината велат дека со месечни карти цената ќе биде пониска. Од друга страна, пак, велат дека ќе се надмине проблемот со школскиот превоз и ќе заштеделе пари од дотациите.

Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека автобускиот превоз во Битола поскапува, а Валентин Груевски претседател на Советот вели доколку се извадат месечни билети цената ќе биде поевтина од досегашната, па ќе се заштедат дури осум милиони денари од бесплатниот школски превоз, пари што ќе бидат наменети за потребите на училиштата. Општината добива нов модел на превоз во кој ќе се субвенционираат автобуските линии до руралните средини со цел тие да бидат подостапни за граѓаните.

„Во периодот кој следи граѓаните ќе добијат и повисоки цени за услугите на јавниот превоз. Со моделот кој го нуди Општината планира да ги субвенционира приватните превозници со пет милиони денари, или со седум денари од секој изминат километар, а од друга стана со овој нов модел се планира граѓаните да плаќаат и повисоки цени на услугите за превоз“, обвини Тошевски.

​Тој за пример ги посочи следните дестинации:

„Населени место Долно Оризари каде билетот сега е 25 денари, а новата цена ќе биде 35 денари, или за селото Лопатица сегашната цена е 50 денари, а новата 90 денари за билет во еден правец. Од Кукуречани 30 денари, а сега 45 денари покачување, од Бистрица од 40 на 45, од Кажани од 80 на 90 денари. Со ова ќе се остави простор за работа на диви превозници, а од друга страна со покачувањето на цените граѓаните ќе ги стимулираат да користат сопствени возила што ќе значи и погуст сообраќај и загадување“, рече Тошевски.

Претседателот на Совет, Груевски вели дека во јавниот превоз ќе има мало зголемување на цените, но затоа, пак се надминува проблемот со школскиот превоз и се заштедуваат пари од дотациите.

„Нашите пресметки се дека некаде околу 22 -23 милиони денари годишно троши Општина Битола и државата за бесплатниот превоз на ученици. Она што ние сега предлагаме е да ја сведеме на годишно ниво таа сума на 14 милиони денари, што значи останатите 8 милиони денари ќе бидат наменети за разни потреби на училиштата. Што се однесува до зачестеноста на сообраќање на автобусите останува се исто како што беше, со тоа што ќе има мало зголемување на цената за патниците, но ако граѓаните користат месечни претплатнички билети цената ќе биде поевтина од досега“, рече Груевски.

Според него во изминатите години Општина Битола им плаќаше на превозниците за одредени релации повисоки цени од сегашните.

„Превозот за ученици за Долно Оризари се плаќаше 170 денари, сега ќе им плаќаме на превозниците 70 денари. Илјадници такви примери имало колку се плаќало повеќе. Сето ова сега се прави за заштеда на граѓаните и се решава проблемот со школскиот превоз“, вели Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ на седница на Совет предложи да се одвојат дополнителни средства од буџетот на Општина Битола за рефундирање на трошокот на родителите за учениците за кои во изминатиот период не беше обезбеден бесплатеншколски превоз. Претседателот на Совет Груевски речедека за време на избори не може да се носат одлуки за пренамена на средства од една ставка на друга.

Школскиот превоз се покажа како еден од најголемите проблеми со кои по промената се соочи локалната власт. Тој продуцираше големи трошоци за школите што беше една од причините за блокираните сметки.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG