Достапни линкови

Избори без опозиција за влада без легитимитет


Ако има напредок во пржинскиот договор, тогаш бојкотот на изборите оди на штета на опозицијата, но ако нема напредок, тогаш избраната влада на такви избори ќе има спорен легитимитет.

Направен е одреден напредок, но останува уште многу работа за создавање услови за кредибилни избори, велат во заедничката писмена изјава денеска амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. Одблиску ќе ги следиме случувањата и ќе продолжиме да ги споделуваме нашите гледишта наведуваат дипломатите, велат тие.

ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на каква било форма на заплашување или притисок врз гласачите и обезбедување на фер медиумско покривање.
заедничка изјава на амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав

„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на каква било форма на заплашување или притисок врз гласачите и обезбедување на фер медиумско покривање“, наведуваат амбасадорите.

Тоа е одговорност, не само на државните институции да подготват кредибилни избори, туку и на политичките партии. На 6 април се пропушти таква можност, пишува во соопштението.

Часови по првичните случувања, пак, партиските лидери Зоран Заев и Никола Груевски на прес-конференциите изгледаа како да остануваат на своите ставови - за бојкот на изборите на 5 јуни и за излегување на гласање без разлика на одлуката на опозицијата дали ќе учествува на нив.

Доколку се остане на ваквите позициите, негативни последици може да има за двете страни, сметаат аналитичарите. Според професор Никола Дујовски, реперкусиите за партиите сепак ќе зависат од случувањата во следниов период.

„Можно е да се случи по изборите на петти јуни да имаме влада составена од партии коишто имаат поддршка од едвај 20-30 отсто од македонското население. Излезноста на таквите избори ќе биде минимална и ќе биде дискутабилно и во однос на легитимитетот на таквата власт“, вели Дујовски, според кого, последиците за СДСМ ќе зависат од тоа дали во краткиот период ќе се подобрат или влошат условите за избори.

Ако има напредок, а опозицијата остане на ставот за бојкот, тогаш ќе загуби и дел од поддршката смета тој.

Башким Бакиу од Институтот за истражување политики и добро владеење вели дека сепак е рано да се прогнозира, нагласувајќи дека за последиците врз партиите важна е и одлуката на ДПА дали ќе учествува на избори на 5 јуни.

„Доколку и таа партија не учествува на изборите де факто ситуацијата ќе биде 50-50, односно од четирите актери во пржинскиот договор половина не учествуваат на изборите. Дополнително клучниот збор ќе го даде Државната изборна комисија, која, според сегашните знаци, ќе биде професионална, судејќи според изјавата на претседателот дека и ако има еден фантомски гласач нема да го потпише избирачкиот список“, вели Бакиу.

Инаку, Бејли и Орав во соопштението наведуваат дека политичките лидери во Македонија имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на евроатлантскиот пат преку спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети, наведуваат амбасадорите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG