Достапни линкови

Странците постојано го поттурнуваат „Пржино“


Архивска фотографија: Средба на тогашниот премиер Никола Груевски со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон на 5 јуни 2014 година
Архивска фотографија: Средба на тогашниот премиер Никола Груевски со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон на 5 јуни 2014 година

На ден пред распуштањето на парламентот во Македонија доаѓа директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон. На секој клучен датум предвиден со Договорот од Пржино доаѓаше некој европски претставник да го „поттурне“ спроведувањето.

На 23 февруари, ден пред распуштањето на парламентот за изборите на 24 април, во Скопје допатуваа тројцата европратеници - Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан. Денеска, на ден пред распуштањето за изборите да се одржат на петти јуни, на средби со партиските лидери и премиерот Емил Димитриев е директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон.

Верувам дека е дел од контролата, но и дел од пренесување на пораката. Тој ќе добие брифинг и од своите колеги за информации од Државната изборна комисија и за тоа дека пропадна предлогот на ЗНМ за реформи во медиумскиот сектор и во однос на одвојувањето на државата од партијата.
Алберт Муслиу, аналитичар

Речиси пред секој важен датум од Договорот од Пржино на средби со клучните политички актери доаѓа по некој странец. Еврокомесарот Јоханес Хан, кој се смета за ментор на договорот, во Скопје беше последен пат на 15 јануари, датум кој беше клучен за повлекувањето на Никола Груевски од премиерската позиција.

И на посетата на Даниелсон може да се гледа како на една од низата такви со кои меѓудругото се врши контролата на спроведеното од договорот, коментира аналитичарот Алберт Муслиу.

„Верувам дека е дел од контролата, но и дел од пренесување на пораката. Тој ќе добие брифинг и од своите колеги за информации од Државната изборна комисија и за тоа дека пропадна предлогот на ЗНМ за реформи во медиумскиот сектор и во однос на одвојувањето на државата од партијата“, вели Муслиу.

Последната политичка неизвесност поврзана со спроведувањето на договорот, пак, се случуваше во февруари кога тројцата европратеници цел ден беа на одвоени средби со партиските лидери, а не се знаеше до полноќ дали ќе има избори на 24 април.

Сега состојбата за датумот за изборите е барем јавно поинаква, па не се најавени конкретни оцени како зимоска кога тоа го сторија амбасадорите на САД и на Европската унија. И партиските лидери Заев, Груевски, Ахмети и Тачи сега се чинат потивки за своите ставови за избори на петти јуни.

„Мислам дека ситуацијата е ваква затоа што прво пред 24 февруари не ја знаеја техниката како прочистувањето може да се спроведе, второ извештајот на амбасадорите беше дел од пржинскиот договор и трето мислам дека сега сите очекуваат извештај од ДИК за потребното време за поправање на тие недостатоци. Пред 24 февруари немаше јасен став и од меѓународните партнери кои го користеа дипломатскиот речник, но не ни кажуваа директно дека побитни се кредибилните избори, отколку датумот за избори. Сега тие дилеми се расчистени“, вели Муслиу.

Клучните поенти поради кои тогаш препораките беа дека изборите треба да се одложат беа дека Државната изборна комисија нема време да ја заврши операцијата на проверка и чистење на избирачкиот список и дека преговорите за реформите во медиумската сфера се безуспешни, а и натаму се регистрираат случаи на притисоци врз гласачите.

Вчера, пак, во заедничко интервју за телевизијата Алсат, Џес Бејли и Аиво Орав порачаа дека од тогаш се спроведени вкрстените проверки, се спроведуваат теренски проверки и исто така во МВР, од страна на државниот секретар, се одвиваат низа административни проверки, така што сега она што граѓаните, парламентот и други треба да го прашуваат е дали тие работи се одвиваат како што треба, рече Бејли, нагласувајќи дека на крајот, парламентот е тој што ја носи одлуката за датумот на избори, а не меѓународната заедница.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG