Достапни линкови

Неизвесност до полноќ


Амбасадорите на ЕУ и на САД порачаа дека денеска е последна шанса или точка од која нема враќање, а во Скопје се и тројцата европратеници Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл. Во македонското собрание пак се уште трае неизвесноста.

Сеуште не се знае што ќе се случува до полноќ во Собранието, термин кој амбасадорите го одредија како точка од која нема враќање. Од СДСМ велат дека очекуваат да видат што ќе направи владејачкото мнозинство во врска со одлуката за распуштање на парламентот од утре што беше изгласана како одложена минатиот месец. И од ДУИ велат дека засега ништо не знаат оти се зависело од договорот на лидерите на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино.

Во Скопје пристигнуваат и тројцата европратеници кои учествуваа од почетокот на процесот поврзан со пржинскиот договор. Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан попладне се среќаваат со партиски лидери и претставници но засега нема најава ниту за заедничка средба ниту пак за прес конференција.

Евроамбасадорот Аиво Орав вчера преку социјалната мрежа Твитер порача дека посета на европратениците е последна шанса за партиските лидери да пронајдат решение.

Амбасадарот на Соединетите американски држави Џес Бејли пак во две различни интервјуа вчера рече дека клучното прашање сега, кое го дискутирале во последниве неколку дена, бил денот на изборите, бидејќи како што рече по полноќ процесот ќе стигнел до точката од која нема враќање.

На прашањето што ќе се случи ако изборите не бидат признаени како веродостојни тој вели дека нема да шпекулира, но посочува дека сега постојат одредени ризици, во контекст на најавите за протести и други активности поврзани со датумот на избори 24 април и затоа препорачува изборите да се одложат.

Откако двајцата амбасадори во неделата соопштија дека не се исполнети условите за одржување избори на закажаниот термин и главниот ментор на договорот, еврокомесарот Јоханес Хан од Брисел порача дека суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот кога ќе се одржат.

Најмолчеливи јавно засега се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА Никола Груевски и Мендух Тачи. ВМРО-ДПМНЕ уште пред соопштување на оценката на странците најави дека тие се за избори на 24 април, а вчера преку соопштение порача дека услови за фер и демократски избори има, а САД и ЕУ немале кредибилни аргументи дека земјата не е подготвена за избори, туку тоа била нивна политичка одлука. Првиот човек на ДУИ Али Ахмети пак најави дека немало да одат спротивно од меѓународната заедница, а според дел медиуми сличен став во брифинг најавиле и ДПА.

Денеска е клучниот ден за да се види како ќе се однесуваат партиите во собранието бидејќи ако не се поднесе иницијатива и не се изгласа одлука спротивна од веќе донесената, парламентот на полноќ ќе се распушти со што ќе се потврди одржувањето на изборите на 24 април. Засега само Демократскиот сојуз на Павле Трајанов излезе јавно повикувајќи ги сите парламентарни партии и пратениците да гласаат за Парламентот да ја поништи одлуката за самораспуштање, да се продолжи со работа се додека не се создадат услови за фер, демократски, слободни и кредибилни избори, на кои ќе имаат еднакви шанси сите партии и граѓани кои ќе учествуваат на изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG