Достапни линкови

Диво Насеље - За обвинителството тероризам, за одбраната дефокусирање


Почна судскиот процес против 29 обвинети за тероризам и терористичка организација за случувањата во Куманово лани во мај. Тие не ги прифатија обвиненијата.

Обвинението во таа форма како што е подготвено не го прифаќам, не се чувствувам виновен за делата тероризам и терористичка организација, што ми се ставаат на товар со обвинителниот акт. Ова го изјави првообвинетиот Сами Укшини по кратката пауза за советување со адвокатите на првото рочиште за случувањата во кумановско Диво Насеље, откако тој претходно изјави дека делумно ја признава вината, но не за тероризам.

Јас и обвинетите сме убедени дека со овие настани сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори.
Насер Рауфи, адвокат на дел од обвинетите.

Еден од обвинетите, Генци Сефа, изјаснувајќи се по наводите од обвинителниот акт, рече дека жали за настаните во мај и не негира дека бил припадник на група, но не се чувствува виновен за тоа за што го товари обвинителството. Друг обвинет рече дека воопшто не бил ниту во Гошинце, ниту во Куманово. Останатите обвинети децидно го отфрлија обвинението за тероризам и терористичко организирање.

Во овој процес се обвинети 29 лица за настаните во Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, како и за нападот на караулата Гошинце, кон крајот на април истата година.

Јавниот обвинител Наум Паноски во воведниот говор посочи дека обвинетите на 21 април минатата година маскирани и вооружени го извршиле нападот врз полициската станица во Гошинце, а подоцна извршиле напад врз специјалните полициски сили кои по налог требало да извршат претрес во кумановско Диво Насеље. Според обвинението, криминално-терористичката група прво фрлила рачна бомба кон специјалците, а потоа отвориле оган од автоматско оружје.

При нападот загинаа 8 полицајци и 42 беа тешко повредени. Во обвинителниот акт, обвинетите се поделени во три групи, првата била командна структура, втората била логистика, а третата учествувала во пукањето. 18 од обвинетите се државјани на Косово, а останатите се државјани на Македонија кои ја понудиле логистиката.

Одбраната, пак, во воведниот говор не го негира настанот и случувањата, но тврди дека во обвинителниот акт нема никаков доказ за тероризам и дека во него недостасуваат важни детални описи на кривичното дело. Еден од адвокатите, Шасивар Исени, посочи дека во обдукциските извештаи не е одредено основното, односно времето на смртта на ниту еден од загинатите и предложи тие докази да бидат изземи од понатамошната постапка.

Понатаму, бранителите посочија на низа пропусти во истрагата и додавајќи дека во обвинителниот акт недостасуваат главните актери, организаторите, додавајќи дека нивните клиенти се изманипулирани и вовлечени во настаните во кои по сплет на околности дошло до меѓусебно пукање и жртви.

Доказите на одбраната на обвинетите во случајот „Диво Насеље“, главно се вербални докази, тие се поврзани со одредени институции. Случајот „Диво Насеље“ требаше да ја дефокусира јавноста од „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, вели еден од бранителите на обвинетите, Насер Рауфи.

„Ние сметаме дека има една генеза, значи една поврзаност на настаните коишто се и Диво Насеље со бомбите, т.н. „бомби“, прислушуваните разговори. Јас и обвинетите сме убедени дека со овие настани сакаше да се дефокусира јавноста од прислушуваните разговори. Убедени сме дека се работи за структури кои во понатамошниот тек на постапката ќе ги наведеме со име и презиме. Дури и денеска некои од обвинетите најавија такви вклучени од разни институции кои сега не и ги набројувал“, изјави Рауфи.

Пред почетокот на рочиштето одбраната побара изземање на јавните обвинители Вилма Русковска и Наум Пановски, оти сметаат дека истрагата не била завршена. Бранителите побараа да им се одговори на предлогот за невро-психолошко вештачење на обвинетите, затоа што, како што велат, дел од обвинетите не се во добра психо-физичка состојба за да може да дадат исказ.

Таткото на Мухамед Красниќи, познат како командант Малишева, пред почетокот на судскиот процес изрази недоверба во правосудните органи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG