Достапни линкови

Воздухот стана видлив, граѓаните најавуваат протести


Концентрациите на ПМ честички во воздухот во Скопје и во други градови во Македонија со денови се десетици пати повисоки од дозволеното. Еколошки организации за в понеделник најавија протести пред владата во Скопје.

Високата загаденост на воздухот и натаму секојдневно го загрозува здравјето на жителите скоро во сите населени места во Македонија. Сончевите зраци и денеска тешко ја пробиваа маглата помешана со отровни материи, а мерните станици покажуваат повеќекратно надминати концентрации на загадувачи во воздухот, десетици пати над дозволените граници.

Да не го релативизираат проблемот, како што слушнавме вчера изјава од градоначалникот Коце Трајановски, каде што вели дека местоположбата и немањето ветер е главен проблем. Тоа, според мене, е една скандалозна изјава и затоа сметам дека во понеделник сите ние граѓаните ќе го кренеме гласот и дека ќе имаме еден масовен и успешен протест.
Игор Новески, граѓанска иницијатива Скопје – смог аларм.

Жителите на Скопје загрижени за нивното здравје велат дека се соочуваат со кашлици, а сè повеќе граѓани се одлучуваат на отворено да користат заштитни маски. Централната и општинските власти и натаму го игнорираат аерозагадувањето – најсмртоносниот еколошки проблем.

РСЕ: Загрижени ли сте за високата загаденост на воздухот?

„Секако!“, велат граѓаните.

РСЕ: Што преземате на тој план?

„Тоа што можам! Се трудам да не возам возило, точак е скоро небезбедно, не само заради загадениот воздух, нема сообраќај да возат точаците така што одам пеш како што се гледа.“

РСЕ: Очекувате ли властите да преземат некакви активности?

„Очекувам, затоа што тоа им е работа. Јас мислам дека јасно им кажаа сите граѓани дека треба нешто да се преземе“, вели анкетиран граѓанин.

„Мислам дека и самата местоположба и плус сè ова што се случува наоколу. Ако сакаш да живееш во голем град, ќе трпиш. Ако не, оди да живееш на село. Но, сите тие од село дојдоа овде и нè загадија“, вели жителка на Скопје.

РСЕ: Од кога носите маска?

„Последниов месец ја носам маската, а вие сметајте дека цело лето ние бевме загадени, не е само сега загаденоста.“

РСЕ: Ви помага ли маската?

Колку толку ми олеснува во дишењето, инаку не може да помогне. На оваа загаденост не може оваа маска да помогне. Нам најверојатно нè спасуваат само тие маските за боеви отрови, бидејќи страшно е голема загаденоста. Едно од најопасните заболувања е заболувањето на белите дробови“, велат граѓаните.

Преку 20 еколошки организации под мотото „Излези за воздух“ в понеделник во 17 часот пред Владата во Скопје ќе излезат на протест против енормното загадување. Денеска неколку од нив на прес–конференција пред Владата повикаа сите граѓани да го кренат гласот против загадувањето и да испратат порака до надлежните сериозно да го сфатат проблемот.

„Да не го релативизираат проблемот, како што слушнавме вчера изјава од градоначалникот Коце Трајановски, каде што вели дека местоположбата и немањето ветер е главен проблем. Тоа, според мене, е една скандалозна изјава и затоа сметам дека во понеделник сите ние граѓаните ќе го кренеме гласот и дека ќе имаме еден масовен и успешен протест“, изјави Игор Новески од граѓанска иницијатива „Скопје – смог аларм.“

Пред две недели, Светската здравствена организација излезе со истражување и со заклучок дека воздухот којшто го дишеме е канцероген и предизвикува рак на бели дробови, истакнаа претставниците на еколошките здруженија и затоа во понеделник на на протестот ќе побараат од надлежните институции и од Владата да спроведат сет мерки во сите градови.

„Имплементација на план за сообраќајот којшто ќе подразбира сопирање на возила, особено во централното градско подрачје: забрана за возење на коли коишто поседуваат еко – стандард под Еуро 4 и исклучување на дизел возила. Она што дополнително го бараме од секторот во однос на транспортот е една координација помеѓу градските општини и МВР во тоа сопирање на сообраќајот. Во однос на индустријата, тоа што го предлагаме е сопирање на индустриските процеси, не засекогаш, но дефинитивно кога има алармантна состојба. Тоа е пракса што се случува во голем број држави. Тоа што го бараме од општинските инспектори да истапат на терен со контроли и да побараат сопирање на градежниот процес“, истакна Александра Бујароска од организацијата „Фронт 21/42“.

Таа додаде дека предлагаат и долгорочни мерки коишто се однесуваат на урбаното зеленилото, на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.

Здравствените работници брифираат дека во изминатиов период е зголемен бројот на пациенти во амбулантите кои се лекуваат од болести кои се поврзуваат со загадениот воздух. Податоците од Институтот за јавно здравје од изминативе години покажуваат дека 40 отсто од луѓето, кои се лекувани во амбулантите, имале заболувања на респираторниот и на циркулаторниот систем, а 55 отсто од децата до шестгодишна возраст страдаат од болести на белите дробови и на дишните патишта.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG