Достапни линкови

Олга Панго - Најудобно ми било кога сум работела чиста уметност!


Со промоцијата на видео перформансот „Тука сум“ и со изведбата на современиот балет „Јас Исидора“, оваа сабота, на 12 декември, во 20 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, ќе бидат одбележани 10-те години кореографска дејност на м-р Олга Панго, уметницата чие име во изминатава декада можевме да го сретнеме во низа значајни проекти на домашната културна сцена.

„Олга Панго создава визуелен, односно танц театар, со силно уметничко зрачење. Театарски чин, со развиен содржински контекст и мизансцен. Со длабока драматуршка корелација помеѓу ликовите, времето и просторот“.

Она што можам да го издвојам за себе се сепак моментите кога сум се чувствувала најудобно, кога ми било најпријатно, всушност кога сум работела чиста уметност.
Олга Панго, кореографка.

Ова ќе биде забележано во сега далечната 2005 година, во една од рецензиите по праизведбата на камерното балетско дело „Јас Исидора“, што се одржа во рамките на „Скопско лето“ и со кое, патем, кореографката ги комплетира магистерските студии на Академијата за музичка и танцова уметност во Пловдив, соседна Бугарија.

Со истата претстава, со приказната за страсната љубов помеѓу познатата балерина Исидора Данкан и рускиот поет Сергеј Есењин, проектот во кој Панго ги потпишува либретото, кореографијата и режијата, а каде на музиката на Калиопи Букле во насловните улоги настапуваат Саша Ефтимова и Васил Зафирчев, потем и Билјана Пашариковска и танчерите Дафина Данилоска, Билјана Басмаџиева, Марина Анастасовска и Стефан Кочевски и во кој сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, таа ќе ги одбележи 10-годишнината од неговата премиерна изведба и првата декада од својата кореографска дејност. Јубилеј несомнено вреден за секој творец што не се штеди себе во креирањето уметност.

Затоа, осврнувајќи се зад себе, кореографката Олга Панго знае да каже дека во изминатиов период „била плодна и дека работела многу“. Притоа забележува дека не работела само на свои авторски, туку и други проекти. Драмски, оперски, на мјузикли, оперети, музички драми, дека соработувала со значајни режисерски имиња, во отелотворувањето на нивните идеи и замисли.

„Она што можам да го издвојам за себе се сепак моментите кога сум се чувствувала најудобно, кога ми било најпријатно, всушност кога сум работела чиста уметност. Овде секако можам да ги издвојам „Јас Исидора“, „Врати“, но и „Змејова невеста“, „Прометеј“. Исто така и мјузиклот „Чикаго“ кој е во процес на подготовка. Значи таму каде што себе си најмногу можам да се ставам како автор и каде што го има мојот печат кој е препознатлив. Луѓе кои што биле на мои претстави, кои што ме знаат како автор, дури и да не прочитаат дека сум ја работела кореографијата можат да препознаат по нешто дека има мој допир во делото“, вели таа.

Во 2010 година кореографката го потпиша и „Врати“, како приказна за уметноста, новите почетоци, заборавените вредности и за забранетата љубов што ја режираше Наташа Поплавска. Од таму не чуди кога вели дека за секој творец кога работи комплетно авторско дело навистина е потребна одредена временска дистанца. За да има простор да види што сторил и како понатаму во иднина.

„Навистина сум направила многу кореографии за овие 10 години. Многу големи претстави сум сработила, меѓутоа кога се работи за комплетно авторство треба, да се направи некоја дистанца. Едноставно човек треба малку да остане сам со себе и да види што сака да стори. Веројатно сум можела и повеќе да сработам, но ете околностите биле такви, а згора на тоа сум работела и многу други нешта што едноставно не сум можела, пак, да се фокусирам, да речеме, исклучиво на себе. На она што сум јас. Но, дефинитивно нема смисла да кажам дека сум незадоволна од сето тоа. Големите проекти и претстави, авторските дела, се случуваат тогаш кога треба да се случат. Тогаш кога авторот ќе ја почувствува својата зрелост дека треба да го даде нештото“, вели таа.

Инаку, Олга Панго веќе извесно време го подготвува својот нов авторски проект со кој условно ќе биде заокружена петгодишната пауза од „Врати“, но вели дека не би сакала да открива детали за него затоа што тој сè уште е „само нејзина творечка имагинација“. Наспроти ова, таа посочува дека за одбележувањето на својот јубилеј на публиката ќе ѝ понуди на публиката еден нов момент, ново авторство – мултимедијалниот проект, односно изведба „Тука сум!“. Потенцира дека тоа е еден сосема друг облик од она што досега го работела. Во него посега по музиката на Калиопи и виртуозот на канон и композитор Џенгиз Ибрахим, костимограф е Марија Пупучевска, режисер Поплавска, а идејата и видео дизајнот се дело на Емил Петров.

„Решивме да направиме еден видео филм каде што јас, како кореограф и како балерина, ќе го пренесам моето „јас“ преку ликовите кои ги создавам во претставите и преку моите играчи. Тоа дело ќе може да живее и понатаму особено затоа што е во една форма којашто е безвременска. Ќе може секогаш да постои и да го има. Целата идеја беше да го поврзам со мојата прва целовечерна претстава „Јас Исидора“, но еве гледаме дека тоа буди голем интерес кај публиката и се бара карта повеќе за изведбата, па така би сакала тоа и натаму да остане на репертоарот на МОБ“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека Олга Панго е кореографка и во „Чикаго“, првиот лиценциран мјузикл кај нас што го режира Наташа Поплавска и чија премиера на сцената на МНТ се очекува на крајот на декември годинава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG