Достапни линкови

Скулптури на новото време 2015 - Заложба за одржување на континуитетот


„Скулптури на новото време 2015“ е насловена осмата биенална изложба што, од 18 до 29 септември, се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ - Куманово. Постановката претставува пресек на работата на македонските уметници од повеќе генерации и се обидува да ја актуализира моменталната скулпторска продукција.

Со идеја да се одржи континуитетот во презентацијата на творештвото на македонските академски скулптори и да се сврти вниманието на јавноста врз актуелните случувања од оваа уметничка сфера, во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во тек е осмата биенална изложба „Скулптури на новото време 2015“.

Финансиската криза којашто е присутна меѓу академската скулпторска фела ориентирана кон занимавање со оригинална авторска скулптура, направи еден прекин во нивната истражувачка активност, така што останаа малку автори коишто не се фокусираа на нарачаните скулпторски проекти од страна на државата.
Роберт Цветковски, историчар на уметноста и куратор.

Претставени се 21 дело на авторите од неколку генерации македонски скулптори, меѓу кои Ангел Коруновски, Сашо Саздовски, Томе Бундевски, Бранко Величковски, Андреј Митевски, Марјан Стојаноски, Емил Солески, Стојче и Емилија Тоциновски, Виктор Лазароски, Перо Кованцалиев, Анета Божинова, Ибрахим Беди, Влатко Зафирковски, Сергеј Дамовски, Гордана Хаџи-Николова Малашев и други.

Говорејќи за актуелната постановка, Роберт Цветковски, историчар на уметноста и куратор, истакнува дека во текот на нејзината подготовка, во прибирањето на скулпторскиот материјал којшто требало да биде презентиран, одело доста тешко поради што тие како организатори морале дури да го одложат и прво закажаниот термин.

Мислам дека во моментов постои некоја демотивација на македонската скулпторска сцена. Причините се повеќе. Една од нив е и тоа што самите уметници не можат да ги продаваат овие дела, не можат да егзистираат.
Роберт Цветковски, историчар на уметноста и куратор.

„Причините за оваа состојба се повеќе, но еден од главните фактори беше мошне слабата продукција и незаинтересираноста на скулпторите за некое авторско докажување. Финансиската криза којашто е присутна меѓу академската скулпторска фела ориентирана кон занимавање со оригинална авторска скулптура, направи еден прекин во нивната истражувачка активност, така што останаа малку автори коишто не се фокусираа на нарачаните скулпторски проекти од страна на државата“, вели тој.

Дел од нив, соочувајќи се со реалноста, станаа инстант сликари, уредувачи на ентериери или, пак, формираа некакви приватни училишта со цел да опстанат во ова време коешто ќе биде забележано како период на стагнација во областа на авторската скулптура“, вели тој.

Цветковски дополнува дека во таква една ситуација и самите не биле сигурни дали воопшто ќе можат да го реализираат проектот, но, и покрај сите проблеми, сепак успеале да ги анимираат авторите коишто генерално се нивни повеќегодишни соработници. Како резултат на ваквото разбирање, во збирката вклучиле 21 скулптура за кои се надеваат дека треба да бидат некаков репрезент на моменталната состојба на полето на скулпторското творештво на македонската ликовна сцена. Но, за жал, како што забележува тој, „во понуденото нема некој напредок. Дека скулптурите се во рамките на концептите од 1960-те и 1980-те, што подразбира дека во сегашната состојба се чинат нереални очекувањата од некој посериозен авторски исчекор во насока на експериментирање со нови идеи, материјали или концепти“.

„Мислам дека во моментов постои некоја демотивација на македонската скулпторска сцена. Причините се повеќе. Една од нив е и тоа што самите уметници не можат да ги продаваат овие дела, не можат да егзистираат. Од друга страна, вложувањето во ваков вид на продукција е многу поголемо отколку во сликарството. Затоа и не можеме да очекуваме некои модерни скулптури како што се прави тоа на некои од европските сцени, со помош на електроника, со помош на нано-технологија, со помош на внесување на роботика, сметам дека е мислена именка во моментов. Од друг аспект, можеме да видиме дека нарачаната скулптура од страна на државата функционира многу повеќе од кога било, па така излегува дека авторската скулптура навистина е во една сериозна криза“, посочува тој.

Токму и затоа Цветковски е убеден дека нивниот напор во организацијата на оваа изложба не е залуден. Дека таа конечно си има одредена вредност во смисла на одржување на каков-таков континуитет на обезбедување присутност на скулптурата во нашите изложбени салони. Затоа и се надева дека публиката со своето присуство едноставно може да ги мотивира скулпторите кон поактивен пристап и борба за опстанок на оваа нивна дејност.

„Се надевам дека таа криза нема да трае долго. Веќе на наредната биенална изложба „Скулптури на новото време“ очекувам да добиеме некои помлади автори кои ќе бидат малку похрабри и кои ќе бидат повеќе мотивирани влијанијата и стремежите од светските сцени ги пренесат и кај нас“, вели Цветковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG