Достапни линкови

Две децении учење за тоа што е берза


Голем раст на тргувањето на берзата се случи во 2007 година, но по почетокот на светската економска криза многумина граѓани „се изгореа“ што се чувствува и денес. И тоа е дел од процесот на учење, велат аналитичарите.

Создавањето место каде што ќе се концентрира понудата и побарувачка на капитал и учењето како функционираат тие пазари на хартии од вредност се веројатно најважните придобивки од функционирањето на Македонската берза за хартии од вредност во изминатите две децении, велат упатените. Сепак, освен во периодот 2005-2008 година, кога имаше заживување на берзата, во останатиот период тргувањето генерално се поврзува со приватизацијата, велат брокери со кои разговаравме.

На голем број од нив им донесе профити, оние што успеаја на време да ги продадат акциите, меѓутоа кај уште поголем број остави не баш толку позитивно чувство што и ден денес генерално се ефектуира како амбиент на пазарот на капитал и сè уште се чувствува одбивност кај голем дел од нив за повторно вклучување.
Горан Марковски, брокер.

Македонската берза денеска одбележува 20 години од одржувањето на основачкото собрание на акционери на Берзата.

Финансискиот аналитичар Верица Хаџи Василева-Марковска вели дека берзата произлезе како резултат на потребата да се види каде е побарувачката на хартии од вредност. На почетокот берзата функционираше импровизирано, учевме, но со тек на времето таа стана вистински пазар, вели таа.

Сите сонуваат за брза заработувачка и се случи феноменот на стадото кога сите гледаат како други луѓе брзо заработуваат и дури и не размислуваа до кога може тоа да трае. Секој што размислува малку логично ќе помисли, добро од каде доаѓаат тие пари, како тоа се слеваат. Колку помалку луѓето знаат, толку повеќе се склони да веруваат во чуда.
Верица Хаџи Василева-Марковска, финансиски аналитичар.

„Во меѓувреме берзата се оснажни до ниво да може да ги следи процесите на големите движења на купување и продажби коишто се случуваат непосредно пред големата светската криза, таму 2006, 2007 и 2008 година и иако многу луѓе излегоа со лоши искуства, тоа е неминовниот процес на учење. Значи, најголемата придобивка од постоењето, покрај тоа што се создаде тоа место каде што има концентрирана понуда и побарувачка на хартии од вредност и на капитал е процесот на учење, кој се разбира е неопходниот дел од функционирањето на пазарот“, вели Хаџи Василева-Марковска.

Берзата сега е зачмаена, но со развојот на економијата и тргувањето ќе расте, вели таа.

Прометот на македонската берза расте значително во 2006 година како резултат на зголемениот прилив на странски портфолио инвестиции, појавата на двата приватни пензиски фондови, приватизацијата на ЕСМ и продавањето на државниот капитал во Телекомот. Наредната 2007 година е најуспешната во историјата на македонската берза, кога има експанзија во тргувањето, но потоа следува светската финансиска криза, по што берзата доживува пад.

Во време на големата експанзија на берзата, многумина граѓани купуваа и продаваа акции, но од почетокот на кризата, исто така многумина од нив излегоа со загуби.

Брокерот Горан Марковски вели дека желбата за брзи пари мотивирала луѓе со мали или никакви знаења за инвестирањето во хартии од вредност да се вклучат во тргувањето.

„На голем број од нив им донесе профити, оние што успеаја на време да ги продадат акциите, меѓутоа кај уште поголем број остави не баш толку позитивно чувство што и ден денес генерално се ефектуира како амбиент на пазарот на капитал и сè уште се чувствува одбивност кај голем дел од нив за повторно вклучување“, вели тој.

Хаџи Василева-Марковска, пак, вели дека и тоа е дел од процесот на учење за тоа како функционираат пазарите.

„Сите сонуваат за брза заработувачка и се случи феноменот на стадото кога сите гледаат како други луѓе брзо заработуваат и дури и не размислуваа до кога може тоа да трае. Секој што размислува малку логично ќе помисли, добро од каде доаѓаат тие пари, како тоа се слеваат. Колку помалку луѓето знаат, толку повеќе се склони да веруваат во чуда“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG