Достапни линкови

Македонскиот „Лазар“ за почеток на „Браќа Манаки“


Македонскиот филм Лазар.
Македонскиот филм Лазар.

Повеќе од 200 филмови ќе бидат прикажани на претстојниот 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што од 18 до 27 септември, ќе се одржи во Битола. Следејќи ја убавата традиција, манифестацијата ќе биде отворена со премиера на македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.

Битола идниот петок ќе стане регионален епицентар на седмата уметност. Под мотото „Филмот е убав“ на жителите од градот под Пелистер, домашната културна јавност, безмалку 700 најавени гости - еминентни филмски работници, критичари и студенти, ќе им се случат 215 проекции на селектирани дела и згора на тоа уште 75 придружни настани на 40-ина локации. Ќе се живее безмалку филмски, впрочем онака како што доликува на најстариот филмски фестивал во земјава – Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

Една недела пред почетокот на фестивалот со задоволство можам да изјавам дека сме подготвени на публиката да ѝ подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и придружни активности.
Димитар Николов, директор на фестивалот Браќа Манаки.

А, 36-то издание на манифестацијата, во дослух со убавата традиција, наново ќе биде отворено со премиера на македонски филм - „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.

За мене, како директор на фотографија, „Браќа Манаки“ претставува фестивал со кој сум созревал како автор, а истовремено сум ги учел тајните на големите мајстори на фотографијата, како од нашата држава, така и од светот. Се надевам дека и во иднина овој фестивал ќе ги промовира македонските автори и филмови.
Дејан Димевски, кинематографер.

„Една недела пред почетокот на фестивалот со задоволство можам да изјавам дека сме подготвени на публиката да ѝ подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и придружни активности. Морам да нагласам дека промоцијата на македонските филмови на најголемиот фестивал во земјава ни е чест и морална обврска. Секој голем фестивал широко ги отвора вратите за националните кинематографии, а „Браќа Манаки“ ја следи таа практика. Затоа со голема радост најавувам дека и годинава на свеченото отворање на фестивалот публиката ќе ја почестиме со светска премиера на домашен филм. Станува збор за филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски, кој по речиси 11 години ќе се претстави со ново дело. „Лазар“ тематизира приказна за распадот на едно семејство кое егзистира со пренесување бегалци. Филмот веќе е прифатен за натпреварувачка програма на фестивалот во Варшава“, ќе рече Димитар Николов, директор на фестивалот.

А, кинематограферот Дејан Димевски, не го крие задоволството што токму со филмот на кој што работел се отвора оваа голема манифестација.

„За мене, како директор на фотографија, „Браќа Манаки“ претставува фестивал со кој сум созревал како автор, а истовремено сум ги учел тајните на големите мајстори на фотографијата, како од нашата држава, така и од светот. Се надевам дека и во иднина овој фестивал ќе ги промовира македонските автори и филмови“, вели тој.

Инаку, годинашни добитници на Специјална награда „Златна камера 300“ за придонес во светската кинематографија се актерите Бруно Ганц од Швајцарија и Алексеј Серебрјаков од Русија. Ганц се вели дека „еден од малкуте витези на чистиот актерски израз со улоги во над шеесетина филмови меѓу кои Вендерсовиот „Небото над Берлин“, „Хитлер, последни денови“ на Оливер Хиршбигел, а за Серебрјаков ќе кажеме само дека е носителот на главната улога во чудовиштето од филм „Левијатан“, во режија на Андреј Звагињцев.

А кога сме веќе кај наградите да кажеме и тоа дека годинава „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски професионалци, му припадна на феноменалниот карикатурист, автор на анимирани филмови, стрип цртач, автор на Пецко и архитект Дарко Марковиќ или Дар-Мар.

„Сметаме дека анимираниот филм е исклучително важен сегмент од македонската филмска историја, а годинашниот добитник е предводник на прославената школа за анимиран филм на „Вардар филм“, која е наградувана со врвни светски награди и признанија. Доделувајќи му ја оваа награда на Дарко Марковиќ, му оддаваме признание на жанрот по кој во еден период беше препознатлива македонската кинематографија“, вели Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмски професионалци.

Од друга страна во официјалната програма на 36-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се 13 исклучителни остварувања кои ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена).

„По својата визуелно-снимателска динамика и фуриозно темпо што ескалира до експлозивност, креирано од кинематограферoт со 12 номинации за Оскар – Роџер Дикинс, предничи „Сикарио“. До него е on-the-road драмата „600 милји“, снимена од искусниот Ален Маркоен. „Убиец“ со спецификата на кинеските боречки вештини e дело на големиот тандем, режисерот Ху Хсиао-Хсиен и кинематограферот, Ли Пинг Бинг. Владан Радовиќ го слика „Црни души“ со темна гама и гради имплозија од светот на мафијата. Во „Магбет“ на Адам Аркапо, крвавите битки и злото му се втопени во пурпурната боја. Мракот и монструозноста на фашизмот во „Синот на Саул“, Маќаш Ердели го доловува, фокусирајќи ја камерата како интимно сведоштво на Саул. „Викторија“, Стурла Брандт Гревлен, ја снима во еден здив/со камера од рака, во долг кадар/секвенца/one take, како мал подвиг. И Софијан ел Фани во „Тимбукту“, фундаменталистичкиот терор го доловува со соодветна визуелна динамика. Другата група помирни филмови ја предводи јапонскиот „Нашата мала сестричка“, во кој Такимото Микија визуелно создава атмосфера на нео-Зен. Во „Нахид“, дебитантот Мортеза Геиди со голем талент ја следи интимистичката драма на младата разведена жена со анатемата за нов брак. Во „Белите ноќи на поштарот“, Александар Симонов, со чувство за документарен реализам го опсервира животот на автентичните актери кои се играат себе си во зафрленото место. Во структура на филм во филм, Арналдо Катинари, „Мојата мајка“ го претвора во непосреден филм што плени со својата искреност. И конечно, филмот со лирска тага, семејно-социјалната поема „Земја и сенка“, што дебитантот Матео Гузман ја креира со несекојдневна визуелна поетика“, вели селекторот Благоја Куновски-Доре.

Тој дополнува дека фактот што меѓу филмовите има наградени на престижните фестивали во Кан, Берлин и Венеција, само го потврдува нивниот квалитет. Истакнува дека програмата нуди жанровски различни филмови, снимени од веќе познати директори на фотографија, но и остварувања на нови имиња.

Кон ова уште информацијата дека за наградите во главната натпреварувачка програма ќе одлучува петчлено меѓународно жири, под претседателство на полскиот кинематографер Ришард Ленчевски, кој е годинашен лауреат на наградата „Златна камера 300“ за животно дело (покрај другите двајца лаурати на оваа награда - кинематограферите Божидар Бота Николиќ и Јаромир Шофр).

И уште нешто. Покрај поголемото времетраење на „Браќа Манаки“, оваа година фестивалот донесува и две нови натпреварувачки програми: Нов европски филм - посветена на први или втори играни филмови на режисери од Европа (десет филма селектирани од писателот и новинар Дејан Трајкоски) и програмата SEE Камера (осум филма за кои се погрижи Саша Станишиќ). Во двете програми ќе се доделуваат по две награди (за филм и за кинематографер) - награда „Бона деа“ за европските филмови и „Златен Манаки“ за филмовите од Југоисточна Европа.

„Горди сме што повеќе од филмовите во „Нов европски филм“ ќе бидат регионални премиери. Два од нив доаѓаат во Битола веднаш по светските премиери во Венеција, како втор фестивал на кој што ќе се прикажат, а дури потоа ќе одат во Сан Себастијан и во Пусан, нешто што не е вообичаено за фестивалите од овој дел на светот“, забележува Трајковски.

Тука се и Документарната програма, чиј долгогодишен селектор е Евгенија Теодосиевска, Кратки филмови одбрани од Јованка Попова, како и детската програма „Големо платно - голема разлика“ на фестивалскиот партнер - ВИП.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG