Достапни линкови

Струшка музичка есен во потрага по меморијата и перспективите


Ансамблот КОНТЕМПОРА.
Ансамблот КОНТЕМПОРА.

„Меморија и перспективи“ е насловена темата на годинашното 40-то издание на Меѓународна музичка научна манифестација „Струшка музичка есен“, што во организација на СОКОМ се одржува од 4 до 6 септември. На ова јубилејно издание учество ќе земат триесеттина учесници од четири земји, кои ќе зборуваат за сеќавањето, наследството, моќта и релациите на сите поими со музиката, а ќе бидат одбележани и неколку значајни годишнини од раѓањата на повеќемина македонски творци.

„Струшка музичка есен“ е единствената по концепт манифестација во Република Македонија којашто цели четири децении обединува дебати, знаења и можности и претставува отворена платформа за размена на научните идеи и сознанија кај нас.

Главната тема ја именувавме „Меморија и перспективи“ за да се потсетиме на самата манифестација. На нејзините основоположници. Да се потсетиме на градот Струга кој во изминативе векови на македонската музичка историја и оставил големи музички дејци и во духовната и во световната музика.
Ивона Опетческа-Татарчевска, селектор на програмата на „Струшка музичка есен“.

Од таму не случајно темата на оваа Меѓународна музичка научна манифестација, што од 4 до 6 септември, се одржува во Струга е насловена како „Меморија и перспективи“. Ова подразбира дека, во овие три дена, на актуелното јубилејно случување, повеќе од 30-тина учесници од четири земји – Англија, Хрватска, Словенија и од Македонија, преку своите трудови ќе дебатираат за сеќавањето, наследството, моќта и релациите на сите поими поврзани со музиката.

„Главната тема ја именувавме „Меморија и перспективи“ за да се потсетиме на самата манифестација. На нејзините основоположници. Да се потсетиме на градот Струга кој во изминативе векови на македонската музичка историја и оставил големи музички дејци и во духовната и во световната музика. Во Струга за прв пат е отпеана и македонската химна, а и стружани во изминативе четири децении се вплотија во изградбата на самата манифестација и дадоа голем придонос во нејзиниот развој“, истакнува Ивона Опетческа-Татарчевска, етномузиколог, етнокореолог во Управата за заштита на културното наследство и селектор на програмата на „Струшка музичка есен“.

Концертот на ансамблот КОНТЕМПОРА со кој ќе го одбележиме ова свечено издание на „Струшка музичка есен“ има за цел да ни ги покаже најновите достигнувања на македонските композитори.
Ивона Опетческа-Татарчевска, селектор на програмата на „Струшка музичка есен“.

Јубилејот на манифестацијата ќе биде прославен и со свечен концерт во Домот на културата „Браќа Миладиновци“, а на кој ќе настапат Англичанецот Џејмс Хауард, Бојана Анастасова и ансамблот КОНТЕМПОРА.

„Концертот на ансамблот КОНТЕМПОРА со кој ќе го одбележиме ова свечено издание на „Струшка музичка есен“ има за цел да ни ги покаже најновите достигнувања на македонските композитори. Ако научниот собир ги претстави научните перспективи на манифестацијата, тогаш перформансот ќе биде она што ќе значи иднината на ова случување“, дополнува Опетческа-Татарчевска.

Таа истакнува дека ним како организатори особено им е важно присуството на експертите од УНЕСКО од хрватската национална организација кои со присутните ќе ги споделат своите искуства и можноста за соработка помеѓу Хрватска и Македонија на полето на заштитата на културното музичко наследство. Тука е и трудот на новинарката Весна Маљановска кој се бави со присуството на манифестацијата на програмите на МРТВ, потем оној на Елени Новаковска во кој таа ја претставува оставнината на професор Сотир Голабовски, еден од основоположниците на ова научно случување и така со ред.

„Едноставно имаме плејада на македонски научници кои ќе зборуваат, пред сè, од историска перспектива на македонската музичка култура и воедно во контекст на „Струшка музичка есен“, вели таа.

Ивона Опетческа – Татарческа, притоа нагласува дека треба всушност да биде акцентиран фактот дека секоја наука го бира начинот на кој што ќе биде меморализиран начинот на својата историја.

„Меморизацијата како процес секогаш подразбира некаква си рамка во која што општеството функционира и со тоа многу е важно на кој начин ќе бидат интерпретирани одредени настани, личности, манифестации, бидејќи на тој начин тие ќе добијат и легитимитет и влегуваат во колективната меморија и во научното знаење во една земја. Затоа ни е важно што ги собравме овие 30-тина научници од повеќе земји кои ќе ни ги претставата своите сознанија и видувања за тоа што значеше „Струшка музичка есен“ во општеството некогаш во Македонија, каде сме сега и каква перспектива ни следи“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека во рамки на научниот собир ќе бидат одбележани и неколкуте значајни годишнини врзани со животот и творештвото на неколкумина големи македонски творци како 110 години од раѓањето на Стефан Гајдов, 100 години од раѓањето на Панче Пешев, 90 години од раѓањето на Кирил Македонски и Властимир Николовски и 65 години од раѓањето на Томе Манчев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG