Достапни линкови

Груевски на колена под мечот на правдата


Стефан Богоев, претседател на СДММ.
Стефан Богоев, претседател на СДММ.

Залудно се трудеше Груевски да продаде сè за да остане на тронот. Џабе бил министер за трговија кога трговијата слабо му оди. Неговите сизифовски маки допрва доаѓаат со новиот специјален обвинител кој ќе го гони и него и неговата тајфа и за прислушувањето и за монтираните случаи и за криминалот што десет години го прават, пишува претседателот на СДММ Стефан Богоев во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Груевски капитулираше! Веќе одамна во секоја прилика нагласувам дека со него е завршено, готово, финито. Неговиот пад започна со минатите лоповски и гангстерски избори, продолжи со тоталното соголување преку аудио снимките прислушувани од УБК, а финишира со потпис на договорот од Пржино за кончено да заврши во април со, како што ние младите велиме, финалниот политички аперкат за боксерот!

Пред само неколку недели, ДПМНЕ и Груевски нè убедуваа дека нема теоретска можност ниту тој, ниту кој било друг од владата да поднесе оставка. Мижи Асан да ти баам!

Пред само неколку недели, ДПМНЕ и Груевски нè убедуваа дека нема теоретска можност ниту тој, ниту кој било друг од владата да поднесе оставка. Мижи Асан да ти баам! Груевски се повлекува сто дена пред изборите, а се повлекува и министерот за внатрешни, како и министерот за транспорт и врски. Избриша патос Груевски со Чавков кој му беше министер за еднократна, неколкумесечна употреба и со надежниот Диме Спасов на кој со потписот на договорот му ја потпиша раната, предвремена политичка пензија. Да се потсетиме, претходно диктаторот си ги пензионираше и братучедот, Јанкулоска и цимерот од факултетот во Прилеп, Јанакиески. Нè убедуваа дека нема да дозволат ни надзорници министри кои сега опозицијата ги доби кај кумот- „лудак“ Ставрески и во министерствата за земјоделие и јавна администрација. Без потпис на опозициските заменик министри нема да може режимот ниту денарче од јавните пари, ниту субвенциите, ниту јавната администрација да ги користи за изборни цели на нивната квази партија! Со една цитат реченица, нема „трошење на чоколадо, а немаме за леб“.

Опозицијата, како во секоја нормална држава, ќе биде и застапена на јавниот сервис и ќе биде дел од носење на изборното законодавство и прочистувањето на избирачкиот список. Нема веќе „човечиња“ од Пустец, нема веќе „Циган по циган за уши на гласање“. Но, тоа не е сè...

Залудно се трудеше Груевски да продаде сè за да остане на тронот. Џабе бил министер за трговија кога трговијата слабо му оди. Неговите сизифовски маки допрва доаѓаат со новиот специјален обвинител кој ќе го гони и него и неговата тајфа и за прислушувањето и за монтираните случаи и за криминалот што десет години го прават. Е сега, кога Министерството за внатрешни, заедно со специјалниот обвинител се во рацете на граѓаните и кога тој веќе нема да има имунитет како премиер, конечно ќе има услови и тој како и сите нас обичните граѓани да се соочи со мечот на правдата. Оттука и паниката и одговорот и од страна на режимот, но и одговорот кој доаѓа од граѓаните.

Иако навидум „ужива“ на плажа, гледајќи го светот преку очила кои тежат колку стан во Центар, Груевски од внатре го јаде црвот како труло јаболко. После толку години, не сфати и не научи дека една е сликата за Македонија гледајќи на екраните во Мерцедесот и преку Мајбах очилата, а сосем друга е реалноста. Скромниот и чесен демохристијанин Никола, во суштина е материјалистот Груевски, болен за пари, луксуз и моќ. Затоа и реагира панично, па во очај и немоќ, како дете на кое постарите од маало му ја дупнале топката, ги пушта своите гавази да кршат раце и глави на новинари и да манијачат слики од малолетни девојчиња.

„Бранителите на демократијата“ добија прекоманда и сега се негуватели на педофилијата. Гнасно, бедно, јадно, но цитирајќи еден култен српски филм „Са стоком се не може другачије“, па во таа насока и ќе дојде наскоро одговорот на граѓаните!

Од другата страна, на барикадите, онаа вистинската, граѓанската, слободарската страна, пак, се подготвува жесток и одлучен одговор после договорот. Граѓаните предводени од опозицијата ќе ги максимизираат инструментите кои се во наши раце, а произлегуваат од Пржино! И притоа, не, нема МВР и обвинителот и останатите ресори да се користат за партиски цели. Напротив, ќе се користат во поддршка на правдата, законите и граѓаните. Гангстерите ќе одговараат за криминалите, педофилите ќе одговараат за блудот и развратот. Секоја планина, своја тежина или кој што си посеал, тоа ќе си жнее.

Ќе биде тешко, ќе биде мачно, на моменти ќе биде и одвратно. Но другари, слободата чука на врата. Вратата веќе ја отклучивме, треба само да ја отвориме и да и посакаме срдечно добредојде, а во исто време да посакаме за последен пат Збогум Никола, никогаш да не се повториш!

Визијата за Македонија после режимот, преточена во програма е во финална фаза на подготовка. Тука клучна улога ќе играат мерките и инструментите за како ова да не се повтори и како да си ги задржиме оние кои се тука, а да ги вратиме назад оние млади кои заминаа. Парите кај граѓаните, а не кај власта. Државата кон демократскиот запад, а не кон автократскиот исток. Тоа е трасата по која ќе чекориме од април!

Но, ние граѓаните немаме екстра скапи очила за сè да гледаме розово. Да не се лажеме, иако е готов и на колена, сепак режимот во заминување е жилав и во немоќ допрва ќе прави штета. А што треба да правиме ние!? Ние треба да сме приземни и да докажеме и покажеме дека сме различни. Преку ресорите во преодната влада да покажеме како домаќински се води држава, преку визијата за иднината да докажеме дека може, мора и ќе биде подобро, а преку независниот специјален обвинител да ја испратиме пораката дека правдата, слободата и демократијата се враќаат во Македонија.

Ќе биде тешко, ќе биде мачно, на моменти ќе биде и одвратно. Но другари, слободата чука на врата. Вратата веќе ја отклучивме, треба само да ја отвориме и да и посакаме срдечно добредојде, а во исто време да посакаме за последен пат Збогум Никола, никогаш да не се повториш!

П.С. Во септември, ние легитимните пратеници од опозицијата се враќаме во собрание. Со легендарниот вординг на пленумците порачуваме, Никола, не сте свесни колку опозициските пратеници се бесни! Се гледаме на пратенички прашања.

XS
SM
MD
LG