Достапни линкови

Власта несериозна кон извештајот на Прибе


Седница на собраниската Комисијата за труд и социјална политика.
Седница на собраниската Комисијата за труд и социјална политика.

Собраниски комисии го разгледуваат извештајот на Прибе, но наместо суштински забелешки, се дебатира за успесите на владата.

Наместо дебата за најголемите забелешки дадени во извештајот на Ранјхард Прибе од минатиот месец, пратениците од парламентарното мнозинство на седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика ги фалеа и промовираа програмите и проектите на Владата, вели пратеничката Роза Топузова Кареска, која беше учесничка во дебатата.

Наместо да се задржиме на критиките коишто ни ги упатува Европската комисија и сериозно да го видиме она што е во наш домен, на законодавниот дом - да се подобри легислативата за да немаме и понатаму вакви забелешки.
Роза Топузова Кареска.

„Наместо да се задржиме на критиките коишто ни ги упатува Европската комисија и сериозно да го видиме она што е во наш домен, на законодавниот дом - да се подобри легислативата за да немаме и понатаму вакви забелешки, и пред се граѓаните да не се соочуваат со сериозни проблеми при остварување на своите човекови права и да се врати демократијата во земјата. Значи наместо за суштината, се дебатираше за сосема други работи“, вели Топузова Кареска.

Еврокoмесарот Јоханес Хан му го предаде извештајот на Прибе на вицепремиерот Бесими.
Еврокoмесарот Јоханес Хан му го предаде извештајот на Прибе на вицепремиерот Бесими.

Пратениците на шест собраниски комисии вчера и денеска ги разгледуваат итните реформски приоритети и препораки од извештајот на експертската група на Европската комисија, предводена од поранешниот нејзин директор Рајнхард Прибе. Со тоа треба да ги воочат најсериозните забелешки од извештајот и да утврдат каде законите претставуваат пречка за да се надминат недостатоците во неколку области.

Јас мислам дека тоа само укажува на несериозниот однос на власта кон извештајот на Прибе и неодговорноста на владејачките партии кон решавањето на длабоката политичка криза во којашто се наоѓаме.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Но, дека пратениците не ги разгледуваат сериозно забелешките во извештајот, оценува и Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование. Тој смета дека за успешен Акциски план кој би влегол во некаква рамка на Пристапен дијалог на високо ниво, потребно е покрај власта во неговото креирање да бидат вклучени и опозицијата, граѓанските организации и Европската комисија.

„Јас мислам дека тоа само укажува на несериозниот однос на власта кон извештајот на Прибе и неодговорноста на владејачките партии кон решавањето на длабоката политичка криза во којашто се наоѓаме. Процесот на решавањето на кризата не може да и припадне само на власта, токму затоа што таа е најодговорна за нејзиното настанување. Значи не може оние лица коишто доведоа до кризата, тие истите сега да прават акциски планови или да дискутираат во Собрание како да се реши оваа криза“.

Маричиќ додава дека тој акциски план треба да го спроведува преодна влада во која, како што вели, не смеат да бидат моќниците од актуелниот состав на Владата кои ја предизвикале кризата.

Инаку, Рајнхард Прибе и експертите од Европската комисија по испитувањата во земјава, идентификуваа значајни недостатоци главно во пет сфери: следењето на комуникациите, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG