Достапни линкови

Демпси - Кризата не е само грчка, туку на цела Европа


Грчката криза ја истакна неверојатната слабост на Европа да може да разбере каква е оваа криза. Оваа криза не е само за пари, таа не е само за ужасната состојба на грчкото политичко тело, оваа криза е за иднината на Европа, вели Џуди Демпси, постар соработник во Карнеги Европа и главен уредник во Стратеџик Јуроп, во интервју со дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел, Рикард Јозвиак.

Грција гласаше против предложените мерки за штедење во замена на финансиската помош. Што ќе се случи наредно?

Ќе ви кажам што нема да се случи. Тоа што нема да се случи е ова оддалечување на националните влади од европскиот поглед за иднината на Европа. Грчката криза ја истакна неверојатната слабост на Европа да може да разбере каква е оваа криза. Оваа криза не е само за пари, таа не е само за ужасната состојба на грчкото политичко тело, оваа криза е за иднината на Европа, а дебатата доминантно беше само за вршењето притисок врз Грција и за упорноста на Грција да не се занимава со своите огромни фундаментални проблеми, а се игнорираше големата слика дека ако Грција ја напушти еврозоната, легитимитетот на монетарната унија ќе биде навистина многу нарушен, а пред сè и целата идеја на политичка и економска интеграција дојде во голем застој. Тоа ќе биде огромен неуспех на европското лидерство.

Навистина мислите дека грчката криза е закана за целата еврозона?

Да, целосно. Тоа би било шокантно. Фактот што тие не може да се справат со криза во една мала земја. Знам дека изгледа навистина голема, но таа е закана за Европа и за иднината на европските интеграции.

Министрите за финансии од еврозоната денеска се среќаваат во Брисел, по што ќе следи и средба на лидерите. Дали сметате дека може да најдат некаков компромис?

Тешко е да се каже. Ги слушам германските коментатори и германската политичка елита, како и елитите ширум Европа. Не мислам дека ги прифатиле или дека не сакаат да ги прифатат или сфатат проблемите од грчкото излегување од еврозоната. Освен ако Ципрас излезе со сериозен нов пакет и со нов министер за финансии, тоа може да ја подобри атмосферата, но атмосферата не е доволна. Не знам што ќе се случи, само се надевам дека Грција нема да излезе. Навистина не знам што ќе се случи. Една работа што би сакала да се случи е тие конечно да го стават на агендата што значи ова за Европа, за стратешките импликации за Западниот Балкан, за Грција, за бегалците, за Кипар, за трансатлантското партнерство, за способноста на Европа да се справи со сопствените членки, тоа не е ниту криза во дворот, тоа е криза на членка. Ако Европа како институција и Европската унија не можат да се справат, тогаш ние тонеме во заборав.

Дали сметате дека Русија може да ја пополни празнината создадена од кризата?

Мислам дека ова е многу важно прашање. Ако Грција излезе од еврозоната, навистина мислам дека нема да бидеме способни да се справиме со кризата во Украина, бидејќи и во двете се работи да се остане силен. Знам дека изгледаат како две сосема различни работи, но двете се за Европа на долги патеки. За клучни реформи, за вистинско ослободување од олигарсите, за крај на корупцијата, за создавање транспарентност, а вие знаете дека Русија чека да потфрлите во Украина и може да чека да потфрлите во Грција и несомнено Русија ќе може да профитира од оваа екстремна кревкост на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG