Достапни линкови

Оер - Најважно е да се дефинира транзициониот период


Оер - Најважно е да се дефинира транзициониот период
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:39 0:00

Оер - Најважно е да се дефинира транзициониот период

Има многу работи за кои денеска се преговара, во однос на функционирањето на судството, функционирањето на собранието, функционирањето на медиумите, функционирањето на сè, но најважно е да се дефинира транзициониот период - кој и што ќе прави во тој транзиционен период, вели амбасадорката на Франција во земјава Лоренс Оер во интервју за Радио Слободна Европа.

​Амбасадорке, преговорите за излез од политичката криза засега без успех – ваш коментар?

Како што знаете имаше повеќе состаноци и секоја од политичките страни треба да размисли и да дојде со предлози. Европската медијација којашто ја води европскиот комесар треба да продолжи, затоа што медијацијата заврши со прв договор од 2 јуни којшто не е целосен, треба да се напредува, треба да се има комплетен договор. Беше дефиниран транзициониот период, но исто така и можноста да се организираат избори во април 2016-та и токму содржината на тој транзиционен период треба да биде дефинирана.

Сакам да потврдам дека оваа процедура е процедура која се води меѓу политичките партии, но и треба да си припомните, а сакам и да го повторам и кај вашите гледачи и слушатели, дека не станува збор за единствен процес којшто е во тек, политичката криза се остварува и преку институционален одговор. Македонските институции треба да дадат институционален одговор, по нели објавените прислушувани разговори и треба да се разјаснат сите малверзации коишто беа откриени преку нив и македонските институции треба да отпочнат судски процеси и не станува збор денеска само за состанок меѓу четирите политички партии, туку навистина е неопходно за сите овие прашања коишто се структурни, но исто така и тешки, за коишто слушаме веќе со месеци во телефонските прислушувани разговори, сите тие се прашања кои треба да бидат отворени и решени.

Кога се видовме со претседателот на Владата стана збор за прислушуваните разговори, за функционирањето на медиумите, како и за настаните од Куманово и очекуваме да се отвори, да се прецизира истрага. Ги истакнувам сите овие прашања, затоа што добивме впечаток дека во Брисел е пренесена одговорноста за изнаоѓање на решение за кризата и дека ништо не очекуваме од македонската држава, ниту од македонските институции, затоа напоменувам дека двата процеси се важни.

Спомнавте дека дел од решението е институционално. Како може да се очекува такво решение во ситуација кога голем дел од граѓаните немаат доверба, а и прислушуваните разговори ја намалуваат довербата?

Да, но сепак се наоѓате во еден виртуелен круг. Ако на пример граѓаните немаат доверба во Собранието, тоа е поради тоа што Собранието една година не функционира, ако граѓаните немаат доверба во она што го слушаат како информации, тоа е затоа што медиумите треба да бидат зајакнати, информацијата, транспарентноста треба да ја имаат и ако немаат доверба во судските процеси, тоа е поради тоа што имаше големо мешање и треба апсолутно за ова прашање во однос на прислушуваните разговори да се даде и решение и исто така целиот синџир од почеток да биде прегледан.

Денеска сум загрижена што забележувам дека собранието продолжува со подготовка на предлог законите и одредени работи не се транспарентни и затоа е навистина важно и јас го кажав, а и со месеци го кажуваме истото, дека е важно Собранието да почне да функционира на нормален начин со нормални процедурални правила, а не да се носат закони среде ноќ, со опозиција која ќе биде присутна во Собрание, со правила што се нормални за едно собрание. Не дозволуваме такво расудување на вредностите, затоа што Република Македонија е кандидат за влез во Европската унија. Не го правиме ова за да се зголемат проблемите, туку тоа го правиме затоа што тоа е дел од структурните работи кои треба да се решат.

Кои критериуми треба да се исполнат за да се изнајде консензус за излез од политичката криза?

Јас не учествувам во преговорите. Еден од факторите за успех на преговорите е тие да се водат единствено меѓу засегнатите лица. Мојот колега од Европската унија, мојот американски колега, присуствуваат на состаноците и во Брисел, европскиот комесар и целата негова екипа кои добро ја познаваат Република Македонија се вклучени во тие преговори и треба да имаме доверба во нив. Не треба да го обвинуваме системот на медијација кој е воспоставен затоа што тој не е доведен во прашање, туку треба истиот да биде засилен и треба да знаете дека сите работат на тоа прашање, голем број на функционери коишто навистина дадоа голем придонес на маса и разговорите треба да продолжат за да се финализира и да се постигне целосен договор. Зошто јас инсистирам на роковите? Затоа што идната недела ќе има состанок на Советот за надворешни работи, Советот за општи работи и Европскиот совет, затоа што сите се загрижени бидејќи состојбата не е решена и посредништвото треба да продолжи.

Што би им порачале на власта и на опозицијата за надминување на разликите и разрешување на политичката криза?

Јас не се наоѓам во средината на преговорите и затоа не сакам да се мешам во содржината на преговорите. Има многу работи за кои денеска се преговара, во однос на функционирањето на судството, функционирањето на собранието, функционирањето на медиумите, функционирањето на сè, но најважно е да се дефинира транзициониот период - кој и што ќе прави во тој транзиционен период, тоа е најважното и воспоставувањето на довербата за да може да се договорат со добра волја. Ако ме прашувате денеска лично, јас учествував во три изборни процеси, велам три затоа што сум учествувала на локалните 2013, претседателските 2014 и парламентарните кои беа во исто време организирани и тоа веќе беа предвремени избори.

Една од основните точки денеска е функционирањето на Изборниот закон, на изборната комисија и спроведувањето на правилата кои впрочем се нормални правила во демократија кои овде еднаш за секогаш треба да почнат да се спроведуваат. Секој граѓанин кој ме слуша знае за што станува збор, треба избирачките списоци да соодветствуваат со избирачкото тело, треба државната изборна комисија да ги прегледа избирачките списоци, да се пречистат избирачките списоци од лица кои долго време или не се запишани или се преселиле, не треба да има веќе лажни гласачи, не треба да има издавање на лични карти кои би биле дискутабилни, треба сè да се дефинира добро во тој транзиционен период, како и начинот на финансирање на владата на различните политички партии. Треба административен процес кој ќе биде независен, треба администрација којашто ќе биде неутрална целиот тој период, а не да биде во служба на една или друга политичка партија.

Знаете, јас половина час би можела да ви зборувам за сето ова, но најважното е дефинирање на транзициониот период и на условите коишто би биле прифатливи, за да можат изборите по тој транзиционен период да бидат организирани, тоа се работи коишто сите ги знаат, но овој пат треба да се спроведат.

Верувате дека е можно да се спроведат овие работи кои пред малку ги спомнавте, ако на ум ги имате информациите за партизираноста на целото општество?

Да, возможно е, затоа што постои и мотивација и мобилизација на сите четири политички партии да се постигне договор, затоа што се очекува институционален одговор и влогот впрочем на сето ова е кандидатскиот статус за влез во Европската унија. Никој не сака да го изгуби тој статус и навистина свечено го изјавувам ова и со години го повторувам дека ние сме ви пријатели и дека сакаме да ви помогнеме. Но, не може да им помогнеме на партии коишто немаат добра волја, не можеме да и помогнеме на една земја којашто самата не се ангажира искрено во процес кон европските вредности, затоа што европските вредности не се работи за кои се преговара и ние денеска сме сериозни, треба да верувате во тоа. И знам дека луѓето кои што ме слушаат, граѓаните, се исто така убедени, како и ние, сите сме убедени во тоа ,и треба да се работи и точно знаеме што треба да се работи.

Меѓународната заедница неодамна искажа загриженост дека владата не презема сериозни мерки во однос на прашањата и проблемите кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори на министрите во земјава. Што мислите, како треба да се реши овој проблем?

Прашањето со прислушуваните разговори е доста комплицирано, затоа што и во Франција се носи еден нов закон, дали да им се дозволи или не на одредени служби да прислушуваат под одредени услови. Точката број еден е навистина да се видат условите под кои е дозволено да се прислушува, инаку тоа би било владеење на законот на џунглата, секој може да прислушува секого, затоа треба да се врати довербата и прислушувањето да биде дозволено низ транспарентна процедура. Денеска како што знаеме постои анкетна комисија која што треба да се спроведе во Собранието и треба да се дискутира за овие прашања и тоа е најважната работа, треба да има истрага. Зошто толкав број на граѓани биле прислушувани? Поради кои причини? Кој дозволил такво нешто? Кој? И втора точка, во однос на експлоатацијата на прислушуваните разговори, тоа е веќе судска работа. Ако имало лица кои се прислушувани на нелегален начин треба да има судска разврска. И на крајот бидејќи сме слушнале 38 секвенции на телефонски разговори, сите ја слушнаа нивната содржина ние бараме да има судско гонење во однос на содржината на прислушуваните разговори. И сега доаѓам до третата точка, затоа што сите сме слушнале за одредени случаи, за одредени работи кои се од областа на пример на правдата, затоа што станува збор за нерегуларности или малверзации и треба содржината на прислушуваните разговори да биде прегледана. Тоа се три различни точки за коишто треба првин да се воспостави довербата кон институционалниот систем којшто го имате.

Во однос на гонењето на луѓето кои што се во телефонските разговори, претпоставувам мислите на функционерите чии гласови се слушаат?

Немам никакво овластување за да расудувам за содржината на прислушуваните разговори, дотолку повеќе што станува збор енормна маса на документи. Не знам. Тоа е дел од овластувањата на судијата или на обвинителот.

Хипотетички, како би постапиле француските институции доколку во вашата земја се случи ваква политичка криза во која има масовно прислушување од кое произлегуваат информации за корупција и криминал?

Воопшто јас не сум се изјаснила за таа тема, затоа што имаше процес во тек и се обидуваме да добиеме институционален одговор од владата и воопшто не сакам да давам лично мислење, ниту да квалификуваме што било и да етикетираме - ова е корупција, ова не е корупција. Јас сакам да си останам во својата улога, затоа што амбасадата е ентитет којшто е почитуван во земјата и треба да продолжиме да ја играме таа улога на посредништво и затоа не можам да си дозволам да квалификувам некој министер или градоначалник или некоја власт, но она што сакам да ви го кажам генерално е дека она што го слушнавме е навистина застрашувачко и јас се ставам на местото на македонските граѓани.

Тогаш да го преформулирам прашањето, доколку во Франција би имало политичка криза која би настанала од масовно прислушување, со оглед дека спомнавте дека се носи нов закон во вашата земја, како би постапиле институциите за да се реши таа криза?

Ќе ви дадам само еден пример, има директор на една институција од еден Совет за радиодифузија во Франција, кој што потрошил пари за такси, а таксито го користел неговиот син. Тоа лице ги обештети потрошените пари, но тоа лице беше веднаш избркано од Советот за радио дифузија, мораше да си поднесе оставка и покрај тоа што ги врати парите, сега против него има судско гонење. Ова ви го велам за да ви ја доловам разликата која постои од политичкиот одговор, судскиот одговор и општествениот одговор. Во Франција денеска француските граѓани не сакаат јавните пари да се трошат за приватни цели, едноставно кажано, затоа што се соочуваме со економска криза којашто е многу силна и политичките власти веднаш усвојуваат мерки против ваков тип на однесување и го казнуваат и тоа служи за пример, ни служи на сите нам за пример. Не велам дека не постојат однесувања коишто сè уште треба да бидат осудувани во Франција, но сепак јавните француски политички власти немаат никаква толеранција за такво однесување за лични цели.

Дали владата водена од Никола Груевски ја има довербата на западноевропските земји како кредибилен партнер?

Денеска ние водиме посредништво со претседателот на Владата, но којшто е и претседател на својата пратија. Значи, претседателот на Владата истовремено е претседател на политичката партија која е мнозинска и која победи на парламентарните избори во 2014 година. Секогаш кога ќе кажете дека има процес којшто е политички, односно посредништво меѓу четири политички партии има институционален одговор. Така ние ги гледаме нашите односи со сите членови на владата. Знаете, треба секогаш да си го поставуваме прво прашањето, затоа што имаме проекти коишто ги водиме со актуелните министри, со актуелната влада, проекти коишто се во тек, исто така и помош која ја доделуваме кон невладиниот сектор. Дали политичката грижа треба да не доведе до прекин на соработката? Ќе кажам дека со тоа би се казнила земјата, би се казниле македонските граѓани ако ние престанеме со соработката. Затоа велам дека периодот навистина е многу тежок и искрено се надеваме дека политичката криза ќе биде надмината мошне брзо и дека ќе се постигне договор со европското посредништво, но ние продолжуваме со соработката.

Кој е вашиот став во врска со барањата за меѓународна истрага за судирите во Куманово на почетокот на мај?

Многу е комплицирано да се бараат меѓународни судски истраги, бидејќи не знаеме до која инстанца да се обратиме, се разбира дека бараме да бидат расветлени сите настани околу Куманово и посакуваме исто така Министерството за внатрешни работи да го расветли случајот, затоа што Куманово беше шок и за нас. На 9-ти мај сите бевме навистина ужаснати и сите европски медиуми остануваат сè уште загрижени од тие настани и сето тоа е поврзано со настаните од Куманово. Јас лично го посетив Куманово и навистина штетите се колосални и постојат зони со сенки, неосветлени во однос на она што се случи, се разбира дека бараме истрага, меѓународна истрага или локална, сепак треба да се расветли случајот, тоа е важно и за односите со соседните земји.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Македонија и Франција?

Може многу подобра да биде таа соработка, затоа што се отвори француски хотел пред еден месец и секогаш постои голем интерес за француски производи, за француската гастрономија, направивме одредени активности со нашите партнери од „Инвестирајте во Македонија“ и „Македонија вечна“, навистина воспоставивме партнерска работа за да дојдат што поголем број на инвеститори и да дојдат што поголем број на француски туристи. Имаме два различни сектори кои би биле приоритетни за нас, а тоа е уредувањето на инфраструктура и на туризмот и ние сме присутни и на тендерите затоа што францускиот интерес е мошне силен, но исто така имаме и работа која е во подготовки од областа на земјоделството, во трансформирањето на производите и искрено се надевам дека ќе се поттикне интересот. Ние ќе подготвиме мало флаерче за економските односи на француски јазик за идната недела да дојдат што е можно поголем број на француски фирми овде.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG