Достапни линкови

„Скопје 2014“ не знае за криза


Безобразие и немање идеи гледаат економистите во трошењето на власта за непродуктивни проекти како фонтани, споменици и огради во услови на криза.

Во услови кога сите економски чинители предупредуваат дека политичката криза ќе се одрази врз економијата, Владата продолжува со инвестирање на пари од буџетот на проекти, за кои познавачите на состојбите, велат дека не се приоритет.

Замислете како ќе реагира јавноста на една Ангела Меркел или на британскиот премиер. Кога зборуваме за овие земји, како тогаш треба да реагира Македонија којашто е илјадници пати послаба економија, а троши толку пари на споменик“, вели Витанов.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

Проектот Скопје 2014 не завршува, а Владата и Град Скопје и натаму издвојуваат десетици милиони евра за изградба на споменици, фонтани, фасади. Една од последните најави е изградбата на споменикот на Мајка Тереза на градскиот плоштад, за кој од државниот буџет ќе бидат издвоени 5,1 милиони евра.

Економскиот аналитичар Зоран Витанов вели дека Владата овие инвестиции ги прави во услови на недостаток на идеи и другиот аспект, според него, е нејзиното безобразие.

„Сакам да споредиме една работа! Ако Велика Британија или Германија што се посилни држави од нас, замислете ситуација кога таму би се направил еден споменик што чини 10 милиони евра. Замислете како ќе реагира јавноста на една Ангела Меркел или на британскиот премиер. Кога зборуваме за овие земји, како тогаш треба да реагира Македонија којашто е илјадници пати послаба економија, а троши толку пари на споменик“, вели Витанов.

Значи се што е предвидено во нивната програма не е ни почнато, а почнато и завршено е нешто што апсолутно, не само економски, туку и уметнички и културно не е потребно, а тоа е проектот Скопје 2014.
Џевдет Харедини, поранешен министер за финансии.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Харедини посочува дека премиерот Никола Груевски ги нема остварено клучнете проекти што ги има ветено во изминативе години. Тој ги споменува како недовршени автопатот Демир Капија – Смоквица, гасификацијата и зголемувањето на капацитетите ТЕЦ Неготино, ТЕЦ Бошков Мост, „Чебрен“ и „Галиште“.

„Ништо од тоа! Од експозето на 26 јули 2008 година пред Парламент, модернизација и изградба на коридорите 8 и 10, како и на железничка мрежа на истите коридори со поврзување со Албанија и Бугарија; од експозето на 27 јули 2011 година, дека ќе следуваат интензивни вложувања во нови енергетски објекти: хидроцентрала „Света Петка“, „Чебрен“, „Галиште“, „Бошков Мост“, „Луково Поле“, „Корабски Води“ и во проектот „Вардарска долина“; во нови рудници за јаглен, во гасоводни системи и делови од внатрешни меѓународни далноводи“, вели Хајредини.

Харедини комантира дека доколку овие проекти биле почнати или завршени, би поттикнале економски подем на Македонија.

„Ниту еден од овие проекти не е остварен, а остварен е еден проект кој воопшто и никогаше не е спомнат и ветен, а тоа е проектот Скопје 2014 година за кој Грувески пред пратениците во Собрание рече дека ќе чини 80 милиони евра и тоа за осум буџетски години. Значи се што е предвидено во нивната програма не е ни почнато, а почнато и завршено е нешто што апсолутно, не само економски, туку и уметнички и културно не е потребно, а тоа е проектот Скопје 2014“, вели Хајредини.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG