Достапни линкови

Средношколците и студентите најавија заеднички протест


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Средниошколците добија поддршка за нивните барања од Студентскиот пленум. В четврток ќе одржат заеднички протест пред владата.

Средношколците и студентите в четврток пред Владата во Скопје ќе одржат заеднички протест. Студентите велат дека поводот за маршот е игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука кон барањата на средношколците да полагаат државна матура според стариот концепт и привремено да биде запрено екстерното тестирање.

Студентскиот пленум добро го познава игнорантскиот однос на надлежните кои секој пат настојуваат да бидат единствениот фактор кои ќе ги креира политиките, правејќи се глуви на аргументите кои ги нудат другите општествени чинители.
Студентски пленум.

Во 12 часот од платото на УКИМ студентите ќе тргнат на марш за поддршка и пред Владата ќе се сретнат со средношколците, чиј марш ќе започне од фонтаната во Градскиот Парк. Од Студентскиот пленум денеска соопштија дека ги препознаваат притисоците кон средношколците и затоа ќе застанат гордо и цврсто во поддршка на своите идни колеги.

„Студентскиот пленум добро го познава игнорантскиот однос на надлежните кои секој пат настојуваат да бидат единствениот фактор кои ќе ги креира политиките, правејќи се глуви на аргументите кои ги нудат другите општествени чинители. Од овде ѝ порачуваме на Владата конечно да ја напушти позицијата на сила како аргумент во дебатите и во креирањето на политиките во образованието“, велат од Студентскиот пленум.

Засега од министерството нема ништо. Освен тоа што пред некој ден наводно во повеќето школи беа повикани сите претседатели, каде што им беше кажано дека министерот не сака да оствари средба. Но, имајќи во предвид дека тоа го соопштиле директори на школи, а не од министерството, ние тоа не можеме да го валидираме, односно тоа за нас е нелегитимно. Доколку министерот тоа сака да ни го каже, треба да излезе со изјава.
Ѓорги Ставриќ, Средношколски пленум.

Тие го потсетија министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, дека се соочува со најсплотените генерации кои си ги знаат своите права и кои ќе го урнат ѕидот на наметнати политики.

Иако е тешко да се добие прецизна слика за тоа во колку средни училишта низ земјава се одржува бојкотот на наставата, Ѓорги Ставриќ од Средношколскиот пленум вели дека бојкот има скоро во сите градови од поголем дел средношколци, истакнувајќи оти наместо настава тие имаат алтернативни предавања и дебати поради преголемите притисоци, закани и уцени. Ставриќ вели дека сè уште од министерството нема никакви информации за можна средба со нив.

„Засега од министерството нема ништо. Освен тоа што пред некој ден наводно во повеќето школи беа повикани сите претседатели, каде што им беше кажано дека министерот не сака да оствари средба. Но, имајќи во предвид дека тоа го соопштиле директори на школи, а не од министерството, ние тоа не можеме да го валидираме, односно тоа за нас е нелегитимно. Доколку министерот тоа сака да ни го каже, треба да излезе со изјава“, вели Ставриќ.

Средношколците бојкотираат повеќе од две недели, барајќи да полагаат матура според стариот принцип и шест месеци да биде ставен во мирување законот за екстерно.

Маршот е очекувана реакција на средношколците по долгото чекање на прием во Министерството за образование, вели Владо Димовски од Наставничкиот пленум.

„Секој притисок создава отпор. Средношколците имаа голем притисок од своите директори, дел од наставничкиот кадар, игнорантски однос од Министерството, така што се очекуваше да излезат и добро е што така постапија“, вели Димовски.

Тој додава дека освен од студентите, средношколците ќе добијат и поддршка од членството на Наставничкиот пленум. Средношколците ги повикуваат и сите совесни граѓани в четврток да маршираат со нив.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG