Достапни линкови

Извозниците може да ќарат од зајакнувањето на доларот


Илустрација.
Илустрација.

Еврото е на најниско ниво во однос на доларот во последните девет години. Со оглед на тоа што денарот е врзан за еврото, македонските производи стануваат поконкурентни за извоз во доларски подрачја.

Еврото паѓаше неколку дена во низа во однос на американскиот долар и сега е на најниско ниво од март 2006 година, откако европската валута почна да заздравува. Доларот зајакнува во однос на сите валути, но на светските берзи паѓа цената и на суровата нафта, која се спушти под 50 долари за барел и предизвика дефлација во еврозоната.

Кога ја девалвирате националната валута, тоа поволно влијае на извозот и неповолно на увозот, затоа што со девалвирана домашна валута извозот станува поевтин, а увозот поскап.
Никола Поповски, поранешен министер за финансии.

Овие случувања се поврзани со глобалните и геополитичките предизвици и интереси на најмоќните земји кои предизвикуваат поместувања и влијаат врз економиите на другите земји во светот.

Македонскиот денар е фиксно врзан со еврото и затоа случувањата ќе влијаат и врз македонската економија, вели поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, кој посочува дека врзаниот денар за еврото значи негово девалвирање во однос на доларот.

Јас дури и апелирав денарот малку да девалвира, односно да се пушти флуктуирачки курс во однос на еврото за да се стимулира извозот. Сега имаме среќна околност што се случи та и моето предвидување е дека еврото и доларот ќе се изедначат во блиска иднина, еврото ќе паѓа, а доларот ќе зајакнува.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија

„Кога ја девалвирате националната валута, тоа поволно влијае на извозот и неповолно на увозот, затоа што со девалвирана домашна валута извозот станува поевтин, а увозот поскап. Од тој агол ова може да биде добро за македонската економија, затоа што извозниците на доларското подрачје ќе имаат поголеми приходи. Од друга страна, увозот што се остварува во долари може да биде поскап, бидејќи ќе се увезува по 51 денар“, вели тој.

Поповски додава дека околу 60 проценти од надворешната трговија во македонската економија е врзана со еврото и според тоа, оние што тргуваат со европската валута ќе се соочат со понеповолни движења во однос на оние што извозно тргуваат со доларот.

„Во целина не треба да очекуваме некои големи поместувања, иако во одделни сектори ќе има различни показатели во зависност од тоа во кое подрачје има увоз или извоз. Од друга страна падот на вредноста на нафтата ќе ги компензира губитоците од растот на доларот. Така што во целина не би требало да има големи проблеми, но на одредени сектори ќе има влијанија“, вели тој.

И економскиот аналитичар, Зоран Витанов, вели дека ова се позитивни промени за македонската индустрија, особено за оние кои се ориентирани на извоз, бидејќи денарот е врзан за еврото, а нашите производи стануваат поконкурентни.

„Јас дури и апелирав денарот малку да девалвира, односно да се пушти флуктуирачки курс во однос на еврото за да се стимулира извозот. Сега имаме среќна околност што се случи та и моето предвидување е дека еврото и доларот ќе се изедначат во блиска иднина, еврото ќе паѓа, а доларот ќе зајакнува. Ова е добра вест за македонскиот извоз, односно за извозно ориентираните компании коишто имаат производство и услуги“, вели Витанов.

Тој објаснува дека позитивната вест за компаниите што извезуваат е лоша за оние коишто во банките имаат штедни влогови во евра. Затоа, вели Витанов, за намалување на ризикот наместо во една, подобро е да се штеди во три валути: во евра, долари и швајцарски франци, бидејќи секогаш се случуваат промени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG