Достапни линкови

Поп Ацев повторно вицешампион во Гран при серијата на ФИНА


И покрај тоа што пoради болест не пливаше на првите три трки, маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев ја одбрани светската вицешампионска титула во Гран при серијата на ФИНА.

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев ја одбрани светската вицешампионска титула во Гран при серијата на ФИНА. За разлика од минатата година, кога имаше само еден бод помалку од Аргентинецот Дамјан Блаум, сега Евгениј заостана 8 бодови зад новиот првак, Французинот Жоан Адел и (со освоен 51 бод) го подели второто место во вкупен пласман со исто така нашиот маратонец Томи Стефановски (двајцата добија и парична награда од по 7.500 илјади долари).

Секако дека ми е криво што бев болен, што не можев да настапувам на трките, што долго време отсуствував од базените и не тренирав. Но, овој резултат за мене претставува голем успех, поголем и од лани со оглед на тоа каква беше годинава и со се што се случи.
Евгениј Поп Ацев, пливачки маратонец.

Сепак, годинашниот успех е поголем, затоа што Поп Ацев, пoради болест не само што не пливаше на првите три трки (две во Аргентина и една во Мексико), туку од ноември до март, не ни тренираше. Во тој период неизвесно беше дали воопшто и ќе се врати во спортот, но тој со макотрпна работа, за три месеци ја достигна посакуваната форма, па на последните четири маратони освои две втори (во Охрид и во Капри) и по едно трето и четврто место (на трките во Канада, Лак Магок и Сен Жан). Кога на ова ќе се додаде дека во Лак Магог, за две секунди му избега второто место, а на Охридскиот маратон имаше 40 стотинки послабо време од победникот, Белгиецот Брајан Рикеман, во домашната јавност присутна е и мала разочараност поради тоа што за малку не добивме светски првак. Тоа, не е случај и со Поп Ацев.

Повторно оваа Гран при серија сакам да ја пливам. Па, ми остана желбата прво место да бидам. Нели претходната година второ и оваа година второ место. Така што, тоа ми останува зацртано во некоја наредна сезона да успеам прво место да освојам.
Евгениј Поп Ацев, пливачки маратонец.

„Секако дека ми е криво што бев болен, што не можев да настапувам на трките, што долго време отсуствував од базените и не тренирав. Но, овој резултат за мене претставува голем успех, поголем и од лани со оглед на тоа каква беше годинава и со се што се случи. И затоа овој резултат за мене е преголема среќа, презадоволен сум. Така што, не жалам. Тоа е животот, некогаш се случуваат добри работи, некогаш лоши. Ова се случи, што се случи. Можеше да биде и полошо. Така што, јас во моментов гледам на светлата страна, дека на крај сè се заврши според мене, најдобро што можев јас да очекувам. И исто така сега сум среќен што можам и понатака да тренирам и за догодина да пробам да го освојам и првото место“, рече Поп Ацев.

Феноменалниот камбек, Евгениј го одбележа и со триумф на маратонот од државното првенство (14 километри во Велешкото Езеро), а до крајот на сезонава ќе настапи и во финалето од домашниот куп (во Дојран, трка на 10 километри). Потоа ќе може да си дозволи двонеделен одмор, пред стартот на подготовките за наредната сезона.

„Повторно оваа Гран при серија сакам да ја пливам. Па, ми остана желбата прво место да бидам. Нели претходната година второ и оваа година второ место. Така што, тоа ми останува зацртано во некоја наредна сезона да успеам прво место да освојам. Но, исто така има и СП во Казан. Би сакал таму исто да настапувам на некоја дисциплина во маратонско пливање и да успеам да направам некој резултат и на тоа првенство“, додаде Евгениј Поп Ацев.

Тој, на почетокот на наредната година, по дознавањето на календарот, но и во зависност од тоа како ќе се одвива сезоната, ќе реши во која дисциплина ќе настапи на Мундијалот, а дилемата е - дали да биде дел од нему поомилениот маратон на 25 километри, или, пак, од олимписката трка на 10 илјади метри, што ќе значи и почеток на битката за обезбедување виза за настап на Олимпијадата во Рио де Жанеиро.

XS
SM
MD
LG