Достапни линкови

Болничко обезбедување нападнало пациент


Пациент од прилепската болница тврди дека бил нападнат од член на обезбедувањето. Полицијата ќе поднесе пријави против обезбедувањето за физички напад и против пациентот за недолично однесување.

Пациент на нервното одделение од прилепската болница е физички нападнат од обезбедувањето, додека со својата ќерка во приземјето на болницата пополнувале формулар за нејзин упис во средно училиште.

Ако ништо повеќе, нека знае нашиот град –херој дека во болницата наша, поединци, да речеме, како во мојот немил настан,не обезбедуваат, туку изигруваат каубојци.
Ѓорѓи Велјаноски.

Пациентот Ѓорѓи Велјаноски, тврди дека додека се обидувал со ќерка си да ги надминат недоразбирањата околу внесување на генералиите, неочекувано човек во цивилна облека, го нападнал и го претепал, а потоа дознал дека тој е шеф на обезбедувањето, како што вели.

„Инструкторките од средното медицинско училиште го видоа тој немил настан,видоа дека јас се исплашив, видоа како бев исфрлен со шамари, со тупаници,со клоци од болницата, едноставно бев исфрлен во дворот и така да не бев способен да ја однесам мојата ќерка да се запише“, вели Велјаноски.

До денес тврди дека немал никаков проблем со полицијата, ниту го познавал човекот од обезбедувањето претходно, ниту некогаш со некого се тепал. Затоа се шокирал од овој инцидент,а вработени во болницата кои биле очевидци, му советувале да го пријави случајот во полиција и да извади медицински потврди за неговата здравствена состојба, за здобиените повреди од нападот.

„Па јас појдов во итна помош, да извадам лекарско уверение, од таму ме упатија во хируршко одделение, да ги видат повредите коишто ми беа нанесени на лицето, од таму ме упатија и во ортопедско одделение, а бев пратен и на рентгенско снимање“, додава Велјаноски.

Тој е и натаму хоспитализиран во нервното одделение од градската болница.

„Ако ништо повеќе, нека знае нашиот град –херој дека во болницата наша, поединци, да речеме, како во мојот немил настан,не обезбедуваат, туку изигруваат каубојци“, вели Велјаноски.

Полицијата неколку дена работеше на расветлување на случајот. Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматовска соопшти дека прилепската полиција ќе поднесе две соодветни пријави, една против обезбедувањето за физички напад, а друга против пациентот за недолично однесување. Овој настан ги вознемири и другите пациенти и граѓаните, кои доаѓаат на посета во градската болница. Велат дека наместо обезбедувањето да ги штити пациентите од кражби, кои се случуваат во болницата особено во ноќните часови, ги напаѓа пациентите на кои им е неопходна зголемена медицинска нега и внимание.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG