Достапни линкови

Заедничкото славење на Илинден со Бугарија ја разбранува Битола


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Повеќето граѓани сметаат дека Илинден е македонски празник и нема зашто да се дели со источниот сосед, но некои сметаат дека треба да се направат жртви во име на европските интеграции.

Писмото на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев испратено до македонскиот колега Ѓорге Иванов со барање за заедничка прослава на Илинден ова лето ја разбранува Битола. Повеќето граѓани сметаат дека ова е македонски празник и нема зашто да се дели со источниот сосед.
Ова е уште еден обид македонската историја да ни ја прикажат како бугарска.
Менка Поповска, жителка на Битола.


„Која држава би сакала да слави туѓи празници? Ова е уште еден обид македонската историја да ни ја прикажат како бугарска. Не треба да се прифати заедничко чествување на наши македонски празници“, вели Менка Поповска.
Архивска фотографија: Графит во Битола.
Архивска фотографија: Графит во Битола.


„Не, во никој случај. Илинден е македонски празник и македонски треба да остане. Јас имам 78 години и досега сум слушала многу пати за обиди за присвојување на наши празници и историски личности. Но, тој е македонски и таков треба да остане“ вели битолчанката Аница Павловска.
Во интерес на европската иднина на Македонија можеме да прифатиме да одбележуваме заедно историски настани и личности со Бугарија, впрочем тоа се покажа како добар пример со чествувањето на Свети Кирил и Методиј.
Снежана Цветановска, жителка на Битола.


Но, има и битолчани кои сметаат дека треба се да прифати заедничка прослава во интерес на иднината на земјата и добрососедските односи.

„Имам завршено политички науки, моментално сум невработена, но мојот став е дека ова не е историско прашање, туку политичко. Во интерес на европската иднина на Македонија можеме да прифатиме да одбележуваме заедно историски настани и личности со Бугарија, впрочем тоа се покажа како добар пример со чествувањето на Свети Кирил и Методиј“, вели Снежана Цветановска.
Александар Литовски, историчар.
Александар Литовски, историчар.


„Треба да погледнеме малку кон иднината, не е проблем празнувањето, бугарските пасоши се проблем, ги вадат голем број Македонци“, посочува Јосиф Анковски.

Докторот на науки по историја Александар Литовски е еден од ретките историчари кои се одважија јавно да проговорат за оваа тема. Други одбија да го соопштат својот став, сметајќи дека прашањето станува политичко.

„Се работи за одредена пресликана големобугарска стратегија од пред стотина години за претопување на Македонците кон Голема Бугарија. Ваквите иницијативи треба да се примаат со голема резерва и воопшто не треба да се влегува во некакви големи заеднички прослави од едноставна причина што ако ја загубиме македонската историја го губиме македонскиот идентитет“, вели Литовски.

Тој додава:

„Не знам како би изгледало тоа чествување кога Бугарите упорно тврдат дека Македонците се Бугари и дека Илинденското востание и еден куп историски настани и личности се бугарски. Дали ние треба попатно со чествувањето да се сложиме дека нашите предци биле Бугари и дека во крајна линија ние денес аналогно на тоа треба да сме Бугари?“, прашува историчарот Литовски.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG