Достапни линкови

Белград меѓу Москва и Брисел


Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Белград изјави дека Јужен тек ќе се гради според планот. Освен прашањето за гасоводот, една од главните теми на состаноците на Лавров со српскиот државен врв беше и позицијата на Белград спрема кризата во Украина. Дали Србија може да балансира меѓу Брисел и Москва?

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров за време на дводневната посета на Белград во врска со натамошната судбина на гасоводот Јужен тек во Србија, со оглед на суспендирањето на тој проект во Бугарија изјави:
Никаква промена на плановите не постои. Немам никакво сомневање дека станува збор за привремено запирање. Јужен тек е единственото системско решение за снабдување со гас на југоисточна Европа.
Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

„Никаква промена на плановите не постои. Немам никакво сомневање дека станува збор за привремено запирање. Јужен тек е единственото системско решение за снабдување со гас на југоисточна Европа“, рече Лавров.

Ова беше прва посета на еден висок руски претставник на Балканот, откако Европската унија се произнесе против Јужниот тек.

Токму оваа посета, како што вели екс-југословенската дипломатка Александра Јоксимовиќ, покажува колку на Русија и е важно политички да остане присутна во Западен Балкан. Сепак, според неа, среќа е што Србија директно не решава за проектот.

„Србија изгради предуслови за да дојде до градењето на гасоводот, но за да стигне до Србија, тој мора да помине низ територијата на Европската унија“, вели таа.
Јас не сфатив дека тоа е прашање или-или. Или Русија или Европската унија. Сакаме и во Унијата и добри односи со Русија. Зошто да се определуваме ние, кога други европски земји најразвиени односи имаат токму со Русија.
Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.


Освен Јужен тек, за Москва, според аналитичарите, е многу важна неутралноста на официјален Белград во врска со украинската криза, односно да не им се придружува на санкциите против Русија, но и да биде своевиден посредник меѓу Брисел и Москва кога догодина ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ.

„Србија децидно го изнесе ставот дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина, што е единствено можно со оглед на Косово. Украинската криза е големо светско прашање и подобро Србија да не влегува меѓу двете страни“, вели Јоксимовиќ.

Русија, како што во Белград изјави министерот Лавров, го поддржува ставот на Србија околу Косово и ги почитува преговорите за пристапување на Србија кон Европската унија.


Од своја страна шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека Белград сака да влезе во Унијата, но оти никогаш нема да биде против Русија.

„Јас не сфатив дека тоа е прашање или-или. Или Русија или Европската унија. Сакаме и во Унијата и добри односи со Русија. Зошто да се определуваме ние, кога други европски земји најразвиени односи имаат токму со Русија“, рече Дачиќ.

Ова негово мислење не го дели Соња Бисерко, од Хелсиншкиот комитет за Србија.

„Србија во овој момент навистина мора да донесе одлука на која групација земји ќе и припадне, на Евроазиската унија што ја турка Русија или на Европската унија“, вели таа.

Според Бисерко, овие две организации се разликуваат не само политички и екјономски, туку и во системот на вредности.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG