Достапни линкови

Пожарникарски скали во Битола само до петти кат


Битолските пожарникари не располагаат со доволно високи скалила за гасење пожари во висококатници. Нивните достигнуваат до 21 метар.

Со сегашната опрема, максималната висина до која може да интервенираат битолските пожарникари е до петти-шести кат. Тие имаат современа заштитна и друга опрема, но не располагаат со доволно високи скалила за гасење пожари во висококатници, вели командирот Костадин Поповски.
Имаме една скала од 21 метар, механичка со која би стигнале до петти-шести кат. Имаме една платформа која се обидуваме да ја доведеме во нормална функција.
Костадин Поповски, командир на битолската противпожарна служба.

„Има еден сегмент кој ни задава проблеми. Тоа се пожарите во висококатниците, тоа е јавна тајна. Како единица кадровски и организационо би можеле да се справиме со таков пожар, но имаме проблеми во однос на совладување на височините. Имаме една скала од 21 метар, механичка со која би стигнале до петти-шести кат. Имаме една платформа која се обидуваме да ја доведеме во нормална функција“, вели Поповски.

Освен бригадата во Скопје која располага со скалила за гаснење пожари од 25 до 30 метри, другите противпожарни служби во градовите нема ваков алат.

„Треба, не само општината, туку и државата такви автоматски скали да набави. Ако не поединечно во градови, тогаш треба да се набават на регионално ниво. Без нив е незамислив брз дотур на опрема и вода за време на пожар во повеќекатница“, додава Поповски.

Покрај скалите, проблем при гаснењето создаваат и неисправните хидранти во повеќето згради, затрупаните алтернативни евакуациски патишта на високите објекти, а горлив проблем е и недостигот на кадар.

„Најголемиот проблем е екипираноста. Оваа единица покрива територија од 1.750 километри квадратни и треба да има минимум 71 пожарникар, а ние засега имаме 38. Се надевам дека со време ќе дојдеме до онаа посакувана бројка која ќе биде гарант за сигурноста и заштитата на граѓаните“, вели командирот на пожарната во Битола.

Инаку, битолската пожарна е најстара на Балканот и била формирана пред 178 години.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG