Достапни линкови

Слободата на медиуми важна за сите, а не само за новинарите


Слободата на медиумите и на изразувањето не е прашање што ги засега само припадниците на новинарската фела, туку е проблем на сите во општеството бидејќи се работи за граѓански права и слободи.

Кој не стори, а можеше повеќе за слободата на медиумите и на изразувањето која е особено важна, не само за новинарите, туку и за целото општество? Каде е поголемата вина во новинарската заедница, граѓанскиот сектор или, пак, исклучиво во власта? Ова се дилемите што се отворија на дебатата за поттикнување на активно граѓанство на која полемизираа претставници на граѓанскиот сектор, активисти и новинари.
Треба да ја интересира затоа што на тој начин и се креира определена слика за стварноста и се ускратува или не правото на вистинито, точно и непристрасно информирање.
Катерина Колозова, Институт за општествени и хуманистички науки.

Директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки, Катерина Колозова, смета дека слободата на медиумите и на изразувањето не е прашање што ги засега само припадниците на новинарската фела, туку е проблем на сите во општеството бидејќи се работи за граѓански права и слободи.

„Треба да ја интересира затоа што на тој начин и се креира определена слика за стварноста и се ускратува или не правото на вистинито, точно и непристрасно информирање“, вели Колозова.

Таа смета и дека власта се обидува законски да регулира премногу детали, а како пример го истакна Законот за медиуми и аудиовизуелни услуги, според кој последно беше казнета телевизија Телма за недоволно пуштање народна музика. Според неа, од централно ниво има преголемо регулирање на она што може граѓаните да го видат на медиумите.
Тој активизам, таа мобилизација, прво треба да почне во медиумите, да се одважат и да ги кажат работите како што се.
Драган Антоновски, новинар.

Според новинарот, Драган Антоновски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници сепак виновни за состојбата не се само политичарите, туку и самите новинари.

„Јас гледам сериозна одговорност кај фелата којашто го работи тоа на овој начин на којшто го работи, криејќи се зад тоа - „јас си направив прилог три минути и многу ми е гајле што се случува понатаму“. Тој активизам, таа мобилизација, прво треба да почне во медиумите, да се одважат и да ги кажат работите како што се“, вели Антоновски.

Граѓанскиот активист Бесим Небиу смета дека оваа ситуација не е нова, туку дека сега, како што вели, ескалира. Според него, има проблеми и кај претставниците на граѓанскиот сектор.

„Во овие 15-20 години повеќе се занимаваме со самите себе отколку со граѓаните и затоа мислам дека не сме премногу интересни за граѓаните. Ако вие немате доволно поддршка, вие сте виновни, а не тие што не ве поддржуваат. Тој е принципот“, вели Небиу.

Новинарот Петрит Сарачини не се согласува со мислењата дека вината треба да се бара внатре во фелата или невладиниот сектор.

„Проблемот е во системот. Ние треба да се соочиме и да удриме, пак ќе го ставам во наводници, непријателот, затоа што тој ни е сега непријател, а треба да биде наш, треба да работи за нас. Таму е причината за сите проблеми“, смета Сарачини.

Дебатата Институтот за општествени и хуманистички науки ја организира во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и невладината организација АДИ.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG