Достапни линкови

Изложба на 30 портрети на поп икони


Триесет дела, масло на платно, создадени во последниве неколку месеци, ја чинат седмата ненасловена изложба на сликарот Владимир Илиевски, што од 22 мај до 5 јуни се одржува во Културно-информативниот центар во Скопје. Станува збор за поставка на која уметникот нуди исто толку портрети на поп икони од светската музичка сцена.

Не многу по изложбата на пејсажи во Историскиот музеј во Ботевград, соседна Бугарија, младиот Владимир Илиевски наново го предизвикува вниманието на ликовната публика. Овојпат во родниот град, со ненасловена постановка во Културно-информативниот центар, на која претставува 30 портрети, масло на платно, на големи светски музички ѕвезди како Боб Дилан, Елвис Присли, Мајкл Џексон, Џими Хендрикс, Џим Морисон, Џон Ленон, Џенис Џоплин, Иги Поп, Боб Марли, Мадона и други.
Сакав малку да го акцентирам нивното творештво, да му оддадам почит на она што тие го направиле досега.
Владимир Илиевски, сликар.


„Сакав да избегнам некој описен наслов зошто јас пред се портретите ги гледам како слики, а дури потоа како некаква тематска содржина - дека се тоа музички ѕвезди, рокери и поп пејачи. Мене ми е најважно дека се тоа слики и повеќето од нив не ми се генерациски блиски, ама мнозина од луѓето што ќе ги гледаат, од публиката, живееле во нивно време и ова ќе им понуди една сосема поинаква емотивна димензија. Тие на друг начин ќе ги доживеат сликите“, вели Владимир Илиевски.

Тој дополнува дека нему лично овојпат не му била идејата да посочи само на докажаните вредности од минатото, туку дека едноставно сакал само да им оддаде почит на рок хероите за она што тие како музика или став кон реалноста го оставиле зад себе.

Во исто време и ликовно ги бирав, главно тоа се сцени од концертните настапи зошто сакав да ја изразам и динамиката на нивниот настап, нивната визуелна појавност.
Владимир Илиевски, сликар.

„Сакав малку да го акцентирам нивното творештво, да му оддадам почит на она што тие го направиле досега, а во некои наредни прилики можеби ќе ги насликам и моите современици, оние кои што се уште се активни и кои котираат високо на светската сцена.“

Говорејќи за одбирот сликарот потенцира дека немал намера да прави некаква визуелна-музичка историја, ниту портретите хронолошки да ги подредува туку се раководел според нивната познатост меѓу младите од неговата и сродните генерации и фреквентноста на тие имиња на интернет и на социјалните мрежи.

„Во исто време и ликовно ги бирав, главно тоа се сцени од концертните настапи зошто сакав да ја изразам и динамиката на нивниот настап, нивната визуелна појавност. Тоа мене ми е главно и тоа ме интересира.“

Роден 1989 година, Владимир Илиевски е млад ликовен уметник кој воглавно се занимава со сликарство. Дипломирал во 2012 година како најдобар студент на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за сликарство, во класата на професорите Вело Ташовски, Свето Манев и Благој Маневски. За неговото сликарство се вели дека, во голем дел, е тематски фигуративно, но дека во себе ги содржи ликовноста и духот кои прават едно дело да биде занаетски, технички и емотивно-вредно, а во исто време авторот да ги претстави сопствените психолошки состојби, но и надворешните постојани или моментални особености.

Од таму, Илиевски во своите слики внесува најразлични тематски содржини. Од наједноставни обоени полиња, до ликови, портрети и сцени со фигури. Од мрачни претстави на лица, до преосветлени, ведри пејсажи. А сите нив ги поврзуваат неколку значајни чинители- динамиката, енергичноста и ритамот на потезите.

Кон ова само уште информацијата дека уметникот досега има реализирано шест самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни постановки во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од пред две години, а за сопственото творештво има добиено бројни награди и признанија меѓу кои наградата „Вангел Коџоман“ за најуспешна реализирана изложба во периодот 2011- 2013 година и првата награда за стрип на 40. Светска галерија на карикатури на Остен.

Инаку Владимир и неговиот брат Гоце Илиевски, во 2012, година ја потпишаа и заедничката изложба „Џез“ на која претставија портрети на светските великани на импровизираната музика.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG