Достапни линкови

Демократијата е лажна ако не се решаваат проблемите


Неопходно е да се врати довербата во функционирањето на парламентарната демократија базирана на владеење на правото, посочува холандската амбасадорка Мариет Схурман.

Крајно време е да бидат потенцирани проблемите кои го загрозуваат демократскиот амбиент во државата, зaшто е неопходно да се врати довербата во функционирањето на парламентарната демократија базирана на владеење на правото, посочува во интервју за Радио Слободна Европа амбасадорката на Кралството Холандија во Скопје, Мариет Схурман. Оттаму таа ги акцентира оние забелешки на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на обврските и меѓународните стандарди што земјава ги има преземено, како што вели, со членството во Советот на Европа и на ОБСЕ, но не ги исполнува.
Македонија драматично назадува според индексите за слободата на медиумите во последните десет години. Тоа е повеќе од само перцепција и мора да бидеме сигурни дека трендот ќе се смени.
Мариет Схурман, амбасадорка на Холандија во Македонија.

„Мислам дека препораките на ОДИХР треба да се гледаат од таа перспектива, како препораки како да се врати довербата во системот, затоа што мислам дека без доверба во системот, без соодветен одговор на жалбите и без доверба од страна на граѓаните дека тие можат целосно да партиципираат и имаат право на глас каде ќе се движи земјата, демократијата не може да функционира и ќе имаме лажна демократија“, вели Схурман, потенцирајќи дека Македонија не смее да паѓа под фундаменталните критериуми на европска држава и земја која се стреми кон членство во ЕУ и околу ова расте загриженоста кај меѓународната заедница.
Самиот изборен процес дава многу сигнали за слободата на изразување, за избирачкиот список, за капацитетот на институциите да се справат со вакви неправилности.
Беким Кадриу, универзитетски професор.

Функционирањето на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, независност на парламентот, судството и медиумите се клучните критериуми околу кои постои и клучна загриженост, додава Схурман.

„Мислам дека јасно ја покажавме нашата загриженост дека Македонија во овие области се враќа назад. Македонија драматично назадува според индексите за слободата на медиумите во последните десет години. Тоа е повеќе од само перцепција и мора да бидеме сигурни дека трендот ќе се смени, затоа што тоа е клучен принцип на демократијата“, вели Схурман.

Домашните проблеми ја фрлаат во сенка НАТО и ЕУ агендата за која нема алтернатива оваа земја, потенцира Схурман во интервјуто кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Од друга страна, овие прашања се неодвоиви, подвлекува професор Беким Кадриу и прилично видливи и во извештаите на ЕК за напредокот неколку години наназад, но беа нагласени сега кога изборниот ден помина мирно, но истовремено се појавија редицата други проблеми кои го сочинуваат демократскиот амбиент за фер натпревар. Мотивот тоа сега меѓународната заедница да го потенцира е согледаната контрадикторност меѓу несериозноста на власта кон спроведувањето на реформите од една страна и освојувањето на голем број пратенички места во парламентот, вели Кадриу.

„Самиот изборен процес дава многу сигнали за слободата на изразување, за избирачкиот список, за капацитетот на институциите да се справат со вакви неправилности“, вели Кадриу.

Сите овие проблеми ќе го зајакнат критичкиот тон на меѓународната заедница на сметка на капацитетот на интитуциите да донесуваат одлуки и тоа веќе дава материјал за значително влошување на оценките до есенскиот извештај за напредокот, предупредува Кадриу.
XS
SM
MD
LG