Достапни линкови

Јацењук: Путин продава магла


Арсениј Јацењук во Славјанск, 07.05.2014.
Арсениј Јацењук во Славјанск, 07.05.2014.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук оцени дека рускиот претседател Владимир Путин со својот предлог за одложување на референдумите за самоопределување на југоистокот на Украина продава магла. Официјален Вашингтон, пак, смета дека референдумите би требало да бидат откажани, а не одложени.

„Владимир Владимировичу, продавањето магла не е за вас. Вие сте претседател на голема држава“, изјавил украинскиот премиер Арсениј Јацењук за предлогот на Путин кој ги повика проруските сепаратисти во југоисточна Украина да го одложат гласањето за самопределување планирано за 11 овој месец.


Според Јацењук, тогаш проруските бунтовници имале намера само да ја потврдат декларацијата за независност на самопрогласената република Доњецк.

„Тоа што Русија бара да се одложи некој референдум на 11 мај, мислам дека рускиот претседател треба да биде информиран дека нема референдум планиран за 11 мај. Но, ако сепаратистите и терористите кои ги поддржува Русија добиле наредба за одложување на она што ниту било предвидено, тоа е нивен меѓусебен договор“, изјави Јацењук.
Рускиот претседател треба да биде информиран дека нема референдум планиран за 11 мај. Но, ако сепаратистите и терористите кои ги поддржува Русија добиле наредба за одложување на она што ниту било предвидено, тоа е нивен меѓусебен договор.
Арсениј Јацењук, премиер на Украина.


Претходно, рускиот претседател Путин по средбата со швајцарскиот претседател Дидие Буркхалтер, чија земја претседава со ОБСЕ, побара референдумот да биде одржан подоцна.

Путин ги повика властите во Киев веднаш да ги запрат воените операции во источна Украина кои имаа за цел враќање на контролата од проруските сепаратисти врз неколку тамошни градови.

Според Путин, планираните претседателски избори во Украина на 25 мај се чекор во вистинска насока, но оти нема да помогнат за решавање на сегашните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на источна Украина.

„Сметаме дека најважна работа е воспоставување директен дијалог меѓу сегашните власти во Киев и претставници на украинскиот југоисток, со цел тие да бидат уверени дека нивните легитимни права ќе бидат гарантирани во Украина“, рече тој.

Путин ги отфрли обвинувањата дека Русија е клучна за обнова на стабилноста во Украина, оценувајќи дека тоа било, како што изјави, „трик на нашите западни партнери кој нема никаква основа“.

Во врска со неговиот предлог, Белата куќа со одговор дека референдумите би требало да бидат откажани, а не само одложени. Американската администрација и со тврдење дека немало никаков доказ за повлекување на 40 илјади руски војници кои се распоредени во близина границата со Украина.


Претседателот Барак Обама, како што е објавено во Вашингтон, планира да ја тргне Русија од листата за помош на земјите во развој на кои им се дозволуваат трговски бенефиции со Соединетите Држави.

Минатата година Русија беше девета според големината на овие бенефиции. Попрецизно станува збор за стоки со поволни цени увезени во Соединетите Држави во вредност од околу 296 милиони долари. Во соопштението на Белата куќа за ваквиот можен чекор посебно не се спомнува руската анексија на Крим или руските активности во југоисточна Украина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG