Достапни линкови

Митко Гогов – За мене културата е основа на животот!


Митко Гогов, уметник и граѓански активист. Автор на фотографиите Столе Ангелов.
Митко Гогов, уметник и граѓански активист. Автор на фотографиите Столе Ангелов.

Митко Гогов е поет, публицист, концептуален уметник, граѓански активист, блогер, организатор на културни активност, филмаџија, колумнист, уредник на сајтот „Струмица он-лајн“ и во магазинот „Репер“...Тој е авторот што ги пребројува преостанатите примероци од неговата актуелна поетска објава за „Антолог“ - „Ледена вода“ и кој во очекување на вториот тираж се подготвува за серијата промоции во Струмица, Скопје и во другите градови по Македонија.

Она што треба да биде мултимедијална промоција на „Ледена вода“ во Струмица подразбира еден малку поразличен начин и пристап кон претставувањето на мојата книга. Ова ќе го забележи Митко Гогов во пресрет на мајскиот перформанс за своето поетско првенче во градот во кој сета своја креативна енергија и ја посветил на создавањето уметност. На животот во неговата вистинска суштина.
Тоа ќе биде промоција која ќе вклучува музика, концептуално видео и настап на неколку луѓе од државата кои ќе ги кажат првите импресии за прочитаното, односно за содржината на книгата.


Составена од два циклуса, „Анатомија на топлината“ и „Лузни од пердуви“, поетската објава „Ледена вода“ ( книгоиздателство Антолог – 2014) на виделина ги изнесува песните на Гогов пишувани до 2011 година. Од таму нималку не чуди кога авторот вели дека тој, всушност, не е човек кој имал преголема желба неговото напишано дело да ја добие својата укоричена форма, туку творец кој смета дека ако веќе решил да создаде дело тоа неминовно треба да има порака која е безвременска и која и по многу години ќе биде свежа и активна за читателот.


„Мислам дека „Ледена вода“ е она што значеше мој младински активизам, моја бунтовност на некој начин и отсликување на сето она што ме сретна патем во мојот живот, односно сите оние патувања што ми се имаат случено до 2011 како и човечките односи што сум ги градел во тој период. Како со луѓето кои што ми се блиски, така и со тотални непознаници кои буквално пристапуваа кон мене или јас кон нив со желба да ја откриеме суштината на живеењето и можноста за разбирање и меѓусебна помош.“
Мислам дека „Ледена вода“ е она што значеше мој младински активизам, моја бунтовност на некој начин и отсликување на сето она што ме сретна патем во мојот живот.
Митко Гогов.


Запрашан, пак, за плодовите на неговите чувства и размисли, за катадневната игра со зборовите, во изминативе безмалку три години, Гогов појаснува дека нив ги има заокружено во една целина насловена како „Скриено писмо“ кое минатото лето било во тесна конкуренција за награда на поетската манифестација „Караманови средби“ што се одржува во Радовиш. Тој дополнува дека станува збор за готов, пресен проект и дека се надева оти наскоро ќе го видат читателите. Вели дека во случајов нуди нешто суштински поразлично од она што го помести во „Ледена вода“.


„Ако во моментов „Ледена вода“ е избор на поезија која што е создавана во подолг временски период, „Скриено писмо“ е книга која е конципирана да открие дел од моите животни спомени, но како е елементарно и структурно поставена не би сакал да откривам се додека всушност не дојде нејзиното време. “
За мене културата е основа на животот и градење на суштинските човекови права. Секој човек заслужува подобра културна платформа.

Номад во душата, авторот знае да каже дека го очекуваат патувања по Балканот, Италија, Украина...и појаснува дека за него вредностите во животот не се заработените пари туку стекнатите пријателства. Тој на патувањата гледа како на нишка во животот која значително го подобрува неговиот светоглед и неговото мислење за човештвото како на локално така и на глобално ниво. Истакнува дека досега бил на петнаесетина книжевни фестивали и поетски манифестации, дека зад него како ликовен и концептуален уметник се повеќе групни поставки и колонии на Балканот и Европа и смета дека тоа е полето каде треба да се бара поистоветувањето со оние кои размислуваат, говорат, делуваат без ограничувања.

„За мене културата е основа на животот и градење на суштинските човекови права. Секој човек заслужува подобра културна платформа, односно можност за комуникација и соработка со луѓе кои не се само од твојот град или од твојата држава, туку функционираат во други културни сегменти и во други културни структури и во себе носат една поразлична традиција, еден поразличен фолклор и еден поразличен начин на дејствување и создавање како тело. “
Ние како граѓански активисти, затоа што сме внатре во матрицата, во јадрото, меѓу народот, знаеме и можеме да посочиме што треба во даден момент да биде презентирано и извадено од прагматизмот на структурите на културната политика која ја имаме како држава, како регион и на европско ниво.

Конечно, како активист во културата, Митко Гогов потенцира дека од особено значење е конекцијата помеѓу јавниот, приватниот и цивилниот сектор. Тој смета дека невладините организации и граѓанските иницијативи се особено важни за доближување на она што е актуелно и она што е трендовско до публиката, затоа што одредени политики кои се наметнуваат од јавните институции успеваат да изградат некоја културна вредност на национално ниво, но она што е поважно е дека токму граѓанскиот сектор е оној што треба да ги придвижи нештата.

„Ние како граѓански активисти, затоа што сме внатре во матрицата, во јадрото, меѓу народот, знаеме и можеме да посочиме што треба во даден момент да биде презентирано и извадено од прагматизмот на структурите на културната политика која ја имаме како држава, како регион и на европско ниво.“

Роден 1983 година во Скопје, Митко Гогов студирал на академиите во Бугарија и Франција, но наместо да твори во туѓина се решил да живее за и од уметноста на родното огниште. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Згора на тоа и хаику, сенриу, ренга...и сето тоа го објавува на социјалните мрежи. Неговото торештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, САД, Русија, Шпанија и во земјите од регионот.
„Ледена вода“ во 2012 година како е-стихозбирка излезе во соседна Србија, а во Македонија , во едицијата „Огнови“ ја публикуваше книгоиздателството „Антолог“.

Тој е и непомирливиот што во својата родна земја успеа да го донесе и престори во традиција меѓународното поетско движење „100 илјади поети за промена“.
Од друга страна, немерлив е неговиот ангажман како концептуален уметник кој зад себе има неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Бугарија...овде дома.

Како младински работник и активист Гогов е творец на здружението за култура „Контекст“, на порталот „Струмица он-лајн“...Организира културни и арт-настани, соработува со филмски и театарски фестивали, а како блогер, секогаш е отворен за урбана комуникација.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG