Достапни линкови

Милан Андов со изложба за подсвеста и несвесното


„Transference – пренос“ е насловена самостојната изложба на уметникот Милан Андов, што од 17 април, се одржува во Галерија 8 – Безистен, во Скопје. Станува збор за негова трета самостојна поставка на која тој на публиката и претставува осум свои дела од новиот циклус кои тематски се врзани со подсвеста и несвесното.

Трансфер на емоции претставени во форма на љубов, бес, омраза, недоверба... ликови кои артикулирајќи ја психолошката состојба се преобразуваат од реалистична до идеализирана емотивна претстава со нагласена дисторзија. Психолошката возбуда е изразена преку сугестивниот колорит, енергичниот потег и детално обработените површини. Асоцијативните форми и „растечените“ ефекти дополнително ја потсилуваат атмосферата на подсвесното во која преку слоевито претставените ликови и играта со повеќе планови, Андов го асоцира несвесното повторување и трансферот на емоции.
Ова е дел од еден нов мој циклус на кој работам во последно време и кој го насловив „Transference – пренос“. Станува збор за феномен, психолошки феномен кој се уште не е завршен и ќе биде претставен само со осум дела во маслена техника.
Милан Андов, уметник.


Ова ќе биде запишано во каталогот за третата самостојна изложба на Милан Андов што од 17 април се одржува во Галерија 8, на скопски Безистен. На неа уметникот претставува дела од својот нов циклус кој тематски се движи во рамките на подсвеста и несвесното.

„Ова е дел од еден нов мој циклус на кој работам во последно време и кој го насловив „Transference – пренос“. Станува збор за феномен, психолошки феномен кој се уште не е завршен и ќе биде претставен само со осум дела во маслена техника. Се работи за еден сосема поинаков и пофокусиран концепт за разлика од оној што го претставив на мојата минатогодишна изложба“, вели авторот.
Ја негувам фигурацијата. Не сум апстрактен во изразот и повеќе работам со ликови, фигури... кои се во гро-планови и го сакам оној момент на препознавање, на јасна емоција и затоа е така прикажано.
Милан Андов, уметник.
Роден 1974 година во Скопје, Милан Андов е еден од поистакнатите македонски сликари од помладата генерација кој истрајува на својата творечка определба. Завршил средно уметничко училиште, а потем своето образование го продолжил на Факултетот за ликовни уметности каде што студирал графика и графички дизајн. Дипломирал 2005 година во класата на истакнатите македонски ликовни уметници – графичари Димче Николов и Димитар Малиданов.

Добитник на неколку значајни признанија за своето творештво од кои посебно за издвојување е наградата за сликарство „Лазар Личеновски“ што му беше доделена на минатогодишната ревијална Годишна изложба на ДЛУМ.
За себе како творец Андов вели дека се определил за модерната фигурација и дека работи на полето на сликарството користејќи ги притоа акварелот, акрилот и маслото како техники на изразување преку кои ја пренесува на впечатлив начин својата преокупација со актот и човечкото тело, ставајќи акцент на човековиот лик.

„Ја негувам фигурацијата. Не сум апстрактен во изразот и повеќе работам со ликови, фигури... кои се во гро-планови и го сакам оној момент на препознавање, на јасна емоција и затоа е така прикажано. Начинот на кој се прикажувам е доста интересен, директен и луѓето се препознаваат во она што ќе го видат. Препознаваат момент од она како се чувствувале или се чувствуваат во дадениот миг. Има убава комуникација меѓу мене како автор, делата и публиката. “

Уметникот своите самостојни творечки средби со ликовната публика ги започна лани со поставката во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, потем следуваше перформансот во кафе-книжарницата-галерија „Ли“ повторно во родниот град, за да актуелново претставување, во некоја рака, го вообличи како увертира на октомвриската изложба во берлинскиот Прима центар.

„Планирано е овој циклус да финишира на 26 октомври на изложбата во Прима центар во Берлин. Ќе му бидам гостин на колегата Јован Балов. Таму ќе бидат претставени преостанатите слики од овој циклус и на тој начин ќе биде заокружен и целиот концепт. Може да се случи сето тоа да биде и со нов наслов, но во суштина тоа е тоа.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG