Достапни линкови

САД и Русија: Немаме агенти во Украина


Соединетите Држави и Русија ги интензивираа меѓусебни обвинувања дека имаат свои агенти и воени сили во Украина. Тие, според наводите кои секако ги демантираат и двете страни, им помагале на украинските власти, односно на проруските активисти во источниот дел на земјата.

Американскиот државен секретар Џон Кери во сведочењето во Комисијата на Сенатот за надворешни работи ги обвини руските агенти и специјалните сили за предизвикување на сепаратистичките нереди во источна Украина.

Според него, ова би можело да претставува подготовка за руска воена акција како што беше случајот и пред анексијата на Крим.

„Се што видовме во изминативе 48 часа, од руските провокатори и агенти кои оперираат во источна Украина, ни кажува дека тие се испратени таму за да создадат хаос. И тоа е апсолутно неприфатливо“, изјави Кери, оценувајќи дека станува збор за незаконски и нелегитимни обиди на Москва.

Иста оценка за заземањето на зградите на локалните власти во неколку градови во источна Украина изнесе и привремениот претседател Олександар Турчинов.

„Претходно испланирана и координирана провокација против нашата земја. Таа беше организирана од разузнавачките служби на Руската Федерација“, рече Турчинов.
Се што видовме во изминативе 48 часа, од руските провокатори и агенти кои оперираат во источна Украина, ни кажува дека тие се испратени таму за да создадат хаос. И тоа е апсолутно неприфатливо.
Џон Кери, државен секретар на САД

Руското министерство за надворешни работи тоа секако го демантира, обвинувајќи го Киев дека соработува со ултранационалитичкиот „Десен сектор“ и со 150 контрактори од американската фирма Грејстоун кои се претставувале како членови на елитна единица на Укрианската армија.

„Организаторите и учесниците на оваа провокација сносат одговорност за предизвикување опасност за слободата и животите на невините граѓани на Украина и за стабилноста на таа земја“ се наведува во соопштението на руското министерство.

Приватната фирма Грејстоун која работи на договор со американската армија веднаш ги отфрли ваквите обвинувања.

„Немаме преземено никаква работа во Украина“, изјави за Радио Слободна Европа претставник на оваа фирма, додавајќи дека немало ни планови за такво нешто.

Грејстоун своевремено беше поврзан со контроверзната група Блеквотер, но сега дејствува самостојно. И додека Грејстоун демантира дека работи во Украина, според некои наводи оваа фирма извршувала услуги за заштита во Русија.


Во истовреме, Стејт департментот демантира дека Соединетите Држави имале воени единици во Украина. Според американскиот амбасадор во Киев, Џефри Пјат, таквите наводи биле глупости.

Станува збор за најнови обвинувања во спиралата на непоткрепени извештаи од руските државни медиуми кои се обидуваат во украинските настани да поврзат и американски приватни контрактори.

Кон крајот на минатиот месец руската новинска агенција ИТАРТАС, цитирајќи неименуван член на украинските безбедносни служби јави дека привремениот претседател Турчинов подготвил план за ангажирање на фирмата Грејстоун за чувување на безбедноста во источниот дел на земјата.

Претходно, руските медиуми јавуваа за видеото, постирано на Јутјуб во кое било прикажно дека луѓе од Блеквотер оперирале во Доњецк.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG