Достапни линкови

Кукасти крстови на штабови на СДСМ во Прилеп


СДСМ обвинува дека активисти на ВМРО-ДПМНЕ ги вандализирале нивните штабови во Прилеп. Владејачката партија се сомнева дека СДСМ сами го сториле тоа за да се претстават како жртви.

Фашистички симболи, кукасти крстови и натписи со погрдна и навредлива содржина се испишани на месни штабови од СДСМ, во населбите Точила, Корзо и Тризла 2 во Прилеп. Прилепските социјалдемократи сега бараат полицијата итно да ги открие сторителите на овој вандалски чин. Од општинската организација се сомневаат дека зад ова се крие немоќта на политичките опоненти, кои практицираат ниска и валкана кампања.
Дали се ова дела на активисти од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ?
Филип Попоски, портпарол на СДСМ од Прилеп.

„Ова што ги испишале тука, фашистички симболи и кукасти крстови на месниот штаб на СДСМ во Точила, всушност го покажува вистинското лице на нарачателот на овие вандалски дела. Прашуваме, дали се ова дела на активисти од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ? Што значи испишувањето на редниот број на кандидатот за претседател од ДПМНЕ, Иванов, до кукастиот крст? Ги повикуваме воедно и надлежните во полициската станица веднаш да ги преземат потребните мерки и итно да ги откријат сторителите на овие валкани дела“, изјави Филип Попоски, портпарол на СДСМ од Прилеп.
Ваквите слики не тераат да прашаме дали нашиот политички противник, со вакви обвинувања сака да се прикаже како жртва за ситни политички поени како единствена цел?
ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, најостро ги отфрлаат обвинувањата и го осудуваат секој ваков чин и во иднина и тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи исклучиво со позитивна кампања. Своите политички ривали ги обвинуваат за водење валкана и ниска кампања.

„Зарем мислите дека граѓаните заборавија на оштетувањето на јавни и приватни објекти, а дел ваши истакнати членови и функционери за истото добија прекршочни пријави. Кукасти крстови и до нив името на претседателот Иванов, никако не е дел од нашата кампања. Напротив ваквите слики не тераат да прашаме дали нашиот политички противник, со вакви обвинувања сака да се прикаже како жртва за ситни политички поени како единствена цел?“, изјавуваат од прилепскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, за прилепските социјалдемократи е нејасно зошто градоначалникот Марјан Ристески, во своја сопственост има само едно возило и зошто не е пријавен имотот каде што живее.

„Дали согласно јавните податоци од Агенцијата за катастар на Република Македонија, господинот градоначалник живее на ул. „Радика“ бр.5, во семејна заедница со родител, кој поседува недвижен имот, а кој имот согласно Законот мора да биде пријавен во анкетниот лист? Ако е така, ова е флагрантно кршење на Законот за спречување на корупција, според кој градоначалникот Ристески морал да го пријави и имотот од родител со којшто живее во семејна заедница, наведено во анкетниот лист во рубрика 3, со ознака РО, имот на родител“, изјави Сашо Велески, лидерот на прилепските социјалдемократи.

Од кабинетот на градоначалникот Марјан Ристески и од општинскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ реагираат и ги обвинуваат социјалдемократите за ширење лаги и дезинформации, наместо да понудат квалитетни проекти.

„Имотот на ул. „Радика“ бр. 5 е сопственост на таткото на градоначалникот Ристески, Лазар Ристески и само тој има легитимно право да одлучи на кого ќе го додели. Во истиот објект до пред две години градоначалникот Ристески живееше со неговиот починат чичко“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Велески, од четворицата директори на јавни претпријатија во Прилеп, само еден законски го пријавил имотот.

Директорот на Пазари, Пецо Димоски, објаснува дека имотот наследен од родителите е пријавен, а според директорот на Комуналец, Златко Ристески, имотот наследен од неговите родители, имал намера наскоро да го пријави, бидејќи неодамна завршила целата оставинска процедура. Директорот, пак, на претпријатието за Просторно и урбанистичко планирање, реагира и ги замолува социјалдемократите добро да внимаваат во иднина, бидејќи тој не е лицето Бранко Нешкоски на кое тие посочуваат. Директорот на ПУП живее на друга адреса, во кат од семејна кука, каде што е роден и не поседува никаков имот, освен едно патничко возило, тврди Нешкоски.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG