Достапни линкови

Некои девојки – Розовата страна на македонската независна сцена


„Некои девојки“ е насловена компилацијата на која се поместени 15 композиции од домашни артистки и групи со проминентни женски членови кои се дел од актуелната независна музичка сцена и чија промоција ќе се случи на 22 март во Младинскиот културен центар и во клубот „Ла Кања“ во Скопје. Идејата за оваа стилски разноврсна и пионерска објава е на „Ако никој не свири“.

БЕРНАЈС ПРОПАГАНАДА, ДЕВОЈКА, ГАЛАТЕА, ГРИН ФУЗ, Херзел и Геновева, ЏУН, Нина Георгиева, ПЛАВА, ПРВАТА ДАМА, КУАЈЕТ ХИРОШИМА, СЛИТ, ТЕЛЕМАМА, ЏИ-РАФ, ФЈУЧР КАТИДРАЛС и УНДОН се артистките и групите чии творби се забележани на компилацијата „Некои девојки“ зад која, како идеја и концепт, како пионерски потег што заслужува особено внимание, застанаа „Ако никој не свири“ и Младинскиот културен центар од Скопје.
Немам претензија дека ова е некаков пресек, туку само прв обид да се стави во контекст музика која ја создаваат авторки во последниве две години, секоја на свој различен начин.
Ѓорѓи Јаневски, Ако никој не свири.

Телемама.
Телемама.
Станува збор за одбир од музиките на условно земената „розова страна“ на современата македонска независна сцена, кој со својата жанровска разновидност (од инди-поп, преку рок, пост-панк, рап, до современа класична, електронска и експериментална музика) и свежината на идеите, фрла поинаков сноп светлина врз она што досега го поимавме како заокружена домашна звучна понуда.

На мене имаат силно влијание американскиот фолк и жените кант-авторки како Лела Дајен, Ејнџел Олсен или од поетаблираните Кет Пауер и еве сега Кејт Вулф.
Драгана Заревска, Телемама.
Ѓорѓи Јаневски, од „Ако никој не свири“, вели дека идејата за компилацијата се родила спонтано по одржувањето на второто издание на фестивалот „Земјотрес“ кога забележал дека меѓу 20-те учесници има само три девојки. Почнал да се прашува зошто е тоа така и бидејќи никој немал конкретен одговор, решил да направи нешто практично наместо да се констатираат состојбите. Првично сакал да ги опфати артистките и бендовите кои се појавиле во последните пет-шест години, за да во текот на прибирањето на материјалите, како што се стеснувал кругот, се реши дека потфатот би имал совршена смисла доколку на компилацијата се најдат оние што се активни на сцената и таа да добие еден современ печат.
Green Fuzz.
Green Fuzz.

„Немам претензија дека ова е некаков пресек, туку само прв обид да се стави во контекст музика која ја создаваат авторки во последниве две години, секоја на свој различен начин. Која е потребата и какви ќе бидат ефектите допрва ќе видиме. Јас се надевам дека оваа компилација барем ќе биде еден мал поттик“, вели Јаневски.
За мене најважна е вистината во музиката или во која било друга уметност. Вистината и искреноста во она што го работиш. Притоа не е важно на кој пол ти му припаѓаш.
Ронит Бергман.

Тој дополнува дека поголемиот дел од имињата се нови и неафирмирани, не се толку познати за пошироката публика и овде се појавуваат со својата прва песна, а има и такви како „натурализираната Македонка“ Ронит Бергман од УНДОН која е присутна во музиката некаде од 1990-те или Билјана Мирковска, која својата кариера по Скопје успешно ја има продолжено во Калифорнија каде што сега живее и твори.
Ронит Бергман.
Ронит Бергман.

Драгана Заревска, или ТЕЛЕМАМА, истакнува дека нејзината песна „Вале Терешкова“ е специјално напишана за оваа компилација и дека е отпеана на македонски јазик.

„Не се работи за историската Валентина Терешкова туку за некоја овдешна Вале Терешкова, да кажеме „космонаутка под стечај“, „космонаутка без контекст и можност за летање“. Отсвирена е на хавајска гитара, само вокал и гитара и снимена е во домашни услови, „кујнска музика“ што би се рекло. На мене имаат силно влијание американскиот фолк и жените кант-авторки како Лела Дајен, Ејнџел Олсен или од поетаблираните Кет Пауер и еве сега Кејт Вулф“, вели Заревска.

Таа дополнува дека лабаво ветила акустичен концерт на Канал 103 за кој е потребен заокружен авторски материјал па така останува и во догледно време музиката да и биде една од главните преокупации.

Од друга страна, Ронит Бергман, забележува дека компилацијата „Некои девојки“ е убава новина за Македонија и дека самата љуби да соработува со жени авторки во музиката и уметноста, но потенцира дека ова е еден навистина сосема природен процес кој покажува дека тие можат да бидат подеднакво успешни на секое поле во секојдневието.

„За мене најважна е вистината во музиката или во која било друга уметност. Вистината и искреноста во она што го работиш. Притоа не е важно на кој пол ти му припаѓаш. Затоа и навистина сум среќна што УНДОН се меѓу учесниците на оваа компилација. Ова е одлично како фидбек дека повеќето жени треба да го прават она што сакаат да го прават и да не мислат дека се жени не можат да бидат добри уметници или музичарки. Мислам дека не мислат така, но ако има некоја, еве еден пример дека треба да се разувери. Дефинитивно се работи за еден навистина природен процес во кој ние го вадиме на површина нашето авторство, нашите идеи и музики, нашето творештво“, вели Бергман.

Кон ова само уште информацијата дека компилацијата „Некои девојки“, по промоцијата, ќе биде достапна на компакт диск, како и во дигитален формат.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG